На скалилото на CAD
софтверите, што на едниот крај го има неприкосновениот Autocad, а на
другиот тазе појавениот и
бесплатен DoubleCAD XT , се наоѓа
цела палета на CAD софтвери.
Изборот е навистина голем, за
среќа на клиентите.
Ако за момент
го заборавиме квалитетот на овие
апликации и се сконцентрираме
само на цената, ќе забележиме
широк спектар на цени. Велам да
го заборавиме квалитетот, бидејќи
споредбата помеѓу софтверите
станува релативна покрај фактот што
огромен број од овие CAD софтвери
содржат едно исто јадро наречено Intellicad,
па оттаму тие во голема мера
се слични. Intellicad е софтверско
CAD јадро во сопственост на Intellicad
Technology Consortium (ITC),
непрофитна организација која
вклучува скоро 50 членки, односно
компании кои го имаат правото да
го вметнуваат ова јадро во своите
софтвери. Главна одлика на Intellicad,
па и на софтверите што го содржат
ова јадро, е неговата сличност со
најпродаваниот CAD на светот Autocad.
Сличноста оди дотаму што Intellicad
има ист фајл формат, начин
на функционирање и графички
интерфејс. Практично, софтверите
базирани на Intellicad настапуваат на
пазарот како Autocad алтернативи.
На крајните корисници им се нуди
софтвер:
- кој функционира како Autocad
- има далеку пониска цена,
- кој овозможува лесна миграција на
фајловите и подесувањата од Autocad, - за кој не е потребно некое допол-
нително совладување на програмот.
Што е уште поинтерсно, поголемиот
број од овие софтвери настапуваат
со пораката дека нивните софтвери
се „како Autocad, само подобри“.
Дали навистина се подобри, не би
сакал да коментирам, но останува
впечатокот дека барем неколку Autocad
алтернативи навистина се трудат
да му понудат на корисникот повеќе
од она што Autodesk го нуди. Дури
можам да кажам дека главна целна
група им се токму постојните Autocad-
ови корисници, кои сакаат квалитет,
но кои сепак со помош на пониската
цена треба да бидат придобиени.
Самиот факт дека ITC стои зад
развивањето на Intellicad јадрото,
има големо психолошко влијание
при одлучувањето за миграција од
Autocad кон Intellicad. Стабилноста
и моќта на ITC гарантираат развој на
Intellicad софтверите и во иднина.
Токму затоа интересот за членство
во конзорциумот е голем. На веб
страната на ITC (www.intellicad.org),
може да се погледне листата на
компаниите членки и дел од нивната
понуда. Листата е импресивна, а
уште повеќе понудата на софтвери
базирани на Intellicad. Прегледувајќи
ја понудата, слободно може да се
заклучи дека компаниите членки со
помош на Intellicad, развиле и многу
други специјализирани софтвери
од областа на Градежништвото,
па дури и BIM апликации. Во ваква
обемна понуда, цените се навистина
различни. Најевтини се оние што
само го спакувале, или евентуално
и го доработиле Intellicad јадрото,
додека најскапи се оние апликации
кои навлегуваат во специјализирани
области како што се BIM технологиите.
Ако повторно се навратиме на
скалилото, најблиску до бесплатниот
DoubleCAD XT, би го сместил ProgeCAD
Smart. Иако DoubleCAD XT се
базира на јадро сосема различно
од она на Intellicad, сепак поради
настојувањата да се постигне сличност
со Autocad, а пред сé поради
нивното мото: „како Autocad, само
подобар“, овој софтвер заслужено
се наоѓа како појдовна точка од
аспект на цената. Токму поради
цената, најблиску до него е ProgeCAD
Smart, продукт на италијанската
софтверска компанија Progesoft
(www.progesoft.com). Оваа компанија
го дистрибуира “ProgeCAD Smart!”
како потполно бесплатен програм
и како таков е врзан со добротворни
иницијативи во соработка со акцијата
„Доктори без Граници“. Сепак,
апликацијата е бесплатна само за
некомерцијална, односно приватна
употреба. За комерцијална употреба
во рамки на бизнисите се бара
истиот да се купи. Иако ProgeCAD
Smart се нуди бесплатно и е целосно
функционален, сепак останува некако
нејасно, која е разликата помеѓу
комерцијалната и некомерцијалната
употреба од страна на архитектите.
Следен софтвер е CMS Intellicad
Personal, на американската CMS
(www.intellicadms.com). Софтверот
чини околу 40 евра и е наменет за
приватна, односно некомерцијална
употреба. Истиот е со определени
ограничувања. Стандардната верзија
на Intellicad во продукција на истиот
производител се наоѓа на следниот
дел од лествицата, со чинење од
околу 100 евра. Со оваа верзија се
добива софтвер сличен на Autocad
LT. Грчката фирма 4М (www.4msa.
com), која имавме можност пред
некоја година да ја проследиме и во
Македонија, го нуди својот 4M Intel licad 6 Classic за 125 евра. ProgeSoft
за цена од 139 евра го нуди својот
ProgeCAD 2009 Standard. Понатаму,
следи белгискиот Bricsys NV (www.bricsys.
com) кој го нуди BricsCAD V10 Classic
за 315 евра. Оваа белгиска компанија
овој месец го прекина своето членство
во ITC. Последните верзии на Bricscad,
според нив се базира на целосно
различен код од оној на Intellicad.
Популарниот ZWCAD 2010 Standard на
кинескиот производител ZWCAD (www.
zwcad.com), се нуди за 400 евра. За
50 евра повеќе, односно за 450 евра
би можеле да го добиете Gstar CAD
2009 Standard на кинеската Great
Star Software (www.gstarsoft.com).
Цените продолжуваат нагоре како
што се додаваат професионалните
верзии на Intellicad. Тие стигаат
ценовно и до Autocad. Спомнатите
цени, главно се однесуваат на
најевтините софтвери во понудата на
неколкуте фирми кои беа наведени.
Сепак, напоменувам дека цените
се ориентационо земени и за точни
информации ќе мора да се обратите
до самите компании. За посериозни
споредбени анализи ќе мора да се
направат подлабоки истражувања на
она што различните CAD апликации го
нудат. Она што навистина ме радува,
е што во Македонија постојат неколку
компании кои застапуваат дел од
спомнатите софтвери (погледнете ги
следните веб страни: www.bricscad.
com/mk, www.progesoft.mk). Имањето
на локална фирма застапник, значи
и локална поддршка на корисниците
што е од особено значење за успешна
примена и резултати. Сепак, можеби
ќе сакате да испробате и други
софтвери дел од ITC понудата. Во тој
случај посетете ги нивните веб страни.
Скоро сите тие нудат преземање
на временски ограничени верзии и
купување преку интернет, доколку
нешто ви се допадне. Обратете
посебно внимание на компаниите
ZWCAD, ProgeSoft, Bricsys, па и 4M.
Нешто од мое искуство, а дел и од
интернет форумите, овие компании
отскокнуваат од останатите.
Како и да е, сакам да потенцирам
дека постои избор на CAD софтвер,
достапен и за македонскиот џеб.
Тотално е неодговорно да се ризикува
опстанокот на една фирма во случај
на судир со законот поради користење
на нелегални софтвери. Тотално е
неетички од страна на архитектите
да не се почитуваат интелекуалните
права на софтверските компании,
кога и самите се жалиме на грубо
кршење на нашите. Со употреба на
апликациите базирани на Intellicad,
нашата пракса нема да трпи во никој
случај. Оние пак, на кои довербата
и квалитетот им е на прво место, би
требало да се потпрат на ѕвездата на
CAD платформата, Autodesk-овиот
Autocad. Ако внимателно ги следат
продажните акции во последно време,
можат да набават Autocad по одлични
цени. Секому колку му е џебот.
Трајче СТОЈАНОВ