Илија ПЛАЧКОВ, дипл.инж.арх.
Во глобала сум поборник за реконструкција на сите јавни површини на кои долго време се немаат преземено никакви урбанистички зафати, каков што е и „Малиот ринг“. На плоштадот му е неопходна урбанистичка реконструкција, бидејќи тој не соодветствува со сегашноста. Но, има неколку работи кои сигурно бараат поподробна анализа и отвораат низа прашања.
Површината на „Малиот ринг“ е премалa за во неа нормално да функционираат толкав број нови јавни објекти. Кога ним ќе им се приклучат и постоечките изградени објекти кои се дел од плоштадот, ќе се добие една урбана архитектонска маса преполна со изградени површини, кои со своите кубуси просторот ќе го направат архитектонски преоптоварен. Јас на презентацијата на „Скопје-2014“ видов само неколку случајни минувачи кои се движат по плоштадот. Обидете се да го замислите плоштадот со илјадници луѓе на него!