Behnisch Architekten заедно со Studio Jantzen со здружени сили работеа на проектот за атрактивна паркинг – структура на градот Санта Моника, како туристичко место во Калифорнија. Програмските барања се во контекст на атрактивноста на местото и нештата кои треба да ги спои, во служба и на локалните жители и на туристите во централното градско подрачје на брегот од областа Лос Анџелес.
Оваа област претставува еден динамичен микс на разновидни активности, вклучувајќи продавници, пешачки патеки, патеки за велосипедисти и моторциклисти, вегетативни пејзажи и јавни простори за одмор и релаксација. Катната гаража со својот дизајн треба да ја подобри целокупната енергија, преку просторната, динамична и со топли бои, високо перформативна фасада. Тоа е постигнато со шарени метални панели во топли тонови, со триаголен облик, перфорирани во долниот дел, наредени по катови. Тој ритам на панелите е визуелно прекинат со храбар проектантски потег: отворени надворешни скали за циркулација, визуелно потенцирани со јака црвена боја.
Порозната фасада треба да обезбеди доволно дневна светлина во внатрешноста, длабоко во нивоата на паркинг просторот а при тоа да се елиминира директната јака светлина и отсјајот. Секој модул е составен од три триаголни панели, едниот перфориран и бел, другиот во боја и закосен, со цел да ја пренасочи сончевата светлина во вантрешните простори, а третиот со огледални ленти од нерѓосувачки челик поставени од внатрешната страна. Покрај функционалните придобивки, пермеабилната природа на обвивката создава визуелна транспарентност, прикажувајќи нејасно движење на автомобилите кон оние што гледаат од надвор.
Сообраќајната шема директно ги насочува корисниците на просторот кон улицата каде се случуваат позначајните активности. Скалишните кракови се поделени на повеќе сегменти по висина, движејќи се кон внатре или надвор од надворешната “кожа”, издадени од зградата за да обезбедат атрактивни погледи кон океанот.