Станот со површина од 70 квадратни метри се наоѓа во близина на центарот на Скопје, но понастрана од градскиот метеж. Желбата на клиентите уште при првата средба со проектантите од бирото „Конструкта“ беше максимално да се искористи просторот, па така функционалното решение овозможува максимална искористеност на секое катче соодветно на намената.
Влезниот хол е намерно сведен на минимум со што е обезбеден директен пристап до ноќниот дел – спалните соби, бањата и гостинскиот тоалет. Но, веднаш при влегувањето во станот погледот се отвора кон дневниот престој, всушност еден отворен простор во кој се соединети и кујната и трпезаријата.
Акцентот во уредувањето на ентериерот е ставен токму на овој заеднички, јавен простор, што е секогаш покомплексна задача, затоа што истовремено треба да биде и мултифункционален, и удобен, и репрезентативен. Дневната соба е простор кој треба да му даде печат на целиот дом и да го зрачи духот на оние кои живеат во станот.
Кожната „камел“ гарнитура е поставена централно во дневната соба и заедно со останатите детали во дрво даваат чувство на топлина и удобност. Претставува внимателно одбрано парче мебел кое доловува ексклузивност и шик со својата природна боја, материјал и квалитетна обработка.
Еден мал агол од просторот, веднаш покрај прозорецот врамен со црни алуминиумски профили, кој гледа на балконот го одбравме за мини библиотека изработена од метални црни рамки и полици од фурнир даб. Под библиотеката е радијатор обоен црно во контекст со целиот амбиент.
Ѕидот зад гарнитурата за седење и библиотеката е грубо обработен во декоративен малтер со натур бетон финиш со цел да се поврзат сите материјали и нијанси во просторот кои претставуваат единствена композиција.
Комодата за ТВ е мала, ниска, но со оглед на просторот што го имавме на располагање ја задоволува функцијата и претставува нагласена хоризонтала. Поставени веднаш до оваа сива хоризонтала се вертикалните лајсни кои даваат поинаква димензија на малата ширина на ѕидот. Со својата вертикалоност го издолжуваат просторот, а природната боја на дрво го надополнува амбиентот, давајќи чувство на припадност.
Кујната е составен и значаен дел од дневниот простор, како поради својата намена така и со дизајнерскиот третман. Кујната претставува една микроцелина и со своето ентериерно решение е рамноправно третирана како и делот на дневниот престој.
При проектирањето на кујната и изборот на материјали посветено е особено внимание, со цел да не се наметне во просторот, но да коренсподира со него, а истоврмено да го задоволи најважното – функцијата. Дизајнот е минималистички, кујнските елементи се во антрацит перфект мат финиш, а плотната дискретно нагласена со терацо дезен.
Веднаш покрај елементот со вградена рерна, до балконската врата, проектирана е полица во истиот манир како библиотеката во дневната соба. Подот и ѕидот се во грес порцелан со дезен на бетон. Кујнскиот простор е одвоен од дневната соба со висока маса, пулт, како еден вид лесна преграда, околу која се поставени високи столови, меко тапацирани во светлосива нијанса.
Пултот воедно е и трпезариска маса која истовремено е во функција на кујната како работна површина, но и доволно голема да го собере семејството и пријателите. Над пултот поставени се внимателно одбрани светилки на триаголно поставени носачи кои транспарентно ја нагласуваат поделбата на просторот.
Изборот на материјалите за бањата и тоалетот го следи дизајнот на останатиот простор. Грес порцелан керамика со големи димензии во бетон финиш и елементи во дезен на дрво над кои е поставен мијалникот.
Секогаш финалето го дава осветлувањето. Доброто осветлување ги истакнува материјалите и боите во ентериерот и суптилно ги нагласува деталите со што придонесува на квалитетот на атмосферата во домот.
Автор: Ирена ДИМОВИЌ-ДАНИЛОВСКА, дипл. инж. арх.