Астрономскиот часовник, една од најпознатите знаменитости на Прага, и најстар од тој вид кој работи во светот, со месеци ќе биде недостапен за туристите поради реконструкција на старата зграда на Градското собрание.
Работници, од вторникот, почнаа да подигаат скелиња околу кулата која низ историјата има претрпено оштетувања, најмногу во периодот на Втората светска војна.
Кулата од која се пружа величествен поглед на сликовитиот Стар град, ќе биде целосно затворена за посетители од мај до декември.
Астрономскиот часовник кој датира од 1400 година ќе работи до јануари, а потоа ќе биде симнат заради реставрација, изјави портпаролот на Градското собрание Вит Хофман.
Тој рече дека часовникот ќе биде целосно расклопен, а повторно ќе биде поставен во јуни или јули следната година.
Часовникот од 1410 година го направиле саатчијата Микулаш од Кадан и Јан Шиндел, професор по математика и астрономија на Карловиот универзитет во Прага.