Насловна / Архитектура / Астана – град во степата

Астана – град во степата

Астана е прв нов главен град во 21 век…  Град со радикални дизајни и инвестиција од милијарди, милијарди долари…

„Град на мирот“, титула која УНЕСКО му ја додели во 1999 година.

Идејата за формирање нов главен град му припаѓа на претседателот на Казахстан, Нурсултан Назрбаев. Во 1994 година, Врховниот совет на Републиката, решава да го премести главниот град на државата од Алмата во градот Акмола. Официјално од 1998 година, Акмола е преименуван во Астана, (казахстанската титула „Астана“ значи главен град).

View From the Base of the Baiterek Tower

ПЕРИОД НА ГОЛЕМИ ГРАДЕЖНИ АКТИВНОСТИ…

По добивање на статус на главен град и организација на посебна економска зона „Астана – нов град“, градот почнува да расте. И денес, после дваесет години, станува втор град по големина во земјата.

Во изминатите 20 години се одвиваат големи архитектонско-градежни активности.

Архитектонскиот концепт на градот е базиран на идејата на Назарбаев,   специјалниот евроазиски стил на Астана, хармонично да се комбинира со културната традиција од Истокот и Западот.

Во 1998 година Владата на Казахстан за изработка на урбанистичко решение за новиот град, на меѓународен натпревар, побара учество на светски познати урбанисти. Првата награда ја доби познатиот јапонски архитект Кишо Курокава (Kisho Korokawa, 1934 – 2007), кој стана автор на генералниот план на главниот град. Предлогот на Курокава беше да се сочува и реконструира стариот град и да се создаде нов град на југ и на источната страна на реката Ишим, создавајќи симбиоза на историјата и иднината. За реализацијата на новиот град ангажирани се повеќе познати светски архитекти. Англискиот архитект Норман Фостер е проектант на некои од објектите…

Изградени се 10 милиони м2 станбени објекти, многу општествени, трговски, културни објекти… Стотици компании од Казахстан и странство работеа на изградбата на Астана.

Khan-Shatyr-Entertainment-Center-Astana-Kazakhstan-Norman-Foster

НОРМАН ФОСТЕР ВО АСТАНА

Фостер+Партнери изградија неколку нови објекти во Астана, кои станаа симболи на градот. Во овој текст ќе се осврнам на некои од нив.

– Khan Shatyr Center (2006 – 2010)

Центарот Кан Шатир е објект во облик на шатор, кој е традиционална форма во

историјата на номадската градба на Казахстан.

Се наоѓа на северниот крај на новата градска оска и претставува највисока затегната структура во светот. Издигајќи се 150 м, од елиптична основа (200 х 195 метри), го формира највисокиот врв во панорамата на Астана, со драматични погледи на градот и околните степи. Опфаќа површина од над 100 000 м².

Содржи широк спектар на забавни и рекреативни простори, вклучувајќи малопродажба, кафулиња, ресторани, кина и флексибилни простори за изложби и други разновидни настани и програми.

Температурните разлики во Астана се големи (+40ºС во лето и -40ºС во зима). Трослојната ETFE-обвивка на шаторот специјално дизајнирана, со лесно, економично и термички ефикасно решение, штити од екстремните временски услови и овозможува дневно светло во ентериерот. Клучен предизвик бил да се спречи создавањето на мраз на внатрешноста на обвивката во зима, што се постигнува со комбинација на контрола на температурата и насочување на топли воздушни струи. Во лето се насочува ладен воздух, а отворите на врвот предизвикуваат природна вентилација на просторот.

Постојната топографија на локацијата е искористена за формирање на тераси и воден парк.

Khan Shatyr Center (2006-2010) Foster + Partners

– Palace of Peace and Reconciliation (2004 – 2006)

Првиот Конгрес на лидери на светски и традиционални религии се одржа во Астана во септември 2003 година. Претседателот на Казахстан, поддржан од успехот на Конгресот, одлучи да го направи тригодишен настан.

Палатата на мирот е проект замислен како постојано место на Конгресот на лидери на светски и традиционални религии. Како глобален центар за религиозно разбирање, промовирање на верата, откажување од насилството и човекова еднаквост. Освен што ги претставува религиите во светот, Палатата содржи образовни установи, национален центар за различни етнички и географски групи во Казахстан… Оваа програмска разновидност сместена е во објект со чиста форма на пирамида  со основа 62 х 62 метри, висина од 62 метри, површина од 35 000м², поддржана од четири наклонети столбови „раце на мирот“. Просторно таа е организирана околу зголемен централен атриум. Фрлената светлина  создава чувство на континуитет од најниското до највисокото ниво. Обложена е со камен и делови од стакло кои алудираат на различните внатрешни функции. На врвот има витраж изработен од познатиот британски уметник Брајан Кларк (Brian Clarke, 1953 кој работи со стакло, со витражи… и кој соработува со најголемите современи архитекти). Лифтови ги носат делегатите до Собраниската сала која е сместена на врвот на пирамидата.

3c. Palace of Peace and Reconciliation (2004 – 2006) Foster + Partners

Изградбата на објектот требала да биде брза. Палатата да биде завршена за вториот конгрес во 2006 година. Посебен предизвик била климата во Астана и големите температурни разлики. Поради овие барања развиено е конструктивно решение со користење на префабрикувани компоненти, кои можат да се произведат во текот на зимските месеци, а да се монтираат во текот на летото. Целиот процес е завршен за 21 месец.

За неа Тајмс напиша:

„Долгиот пристап до влезот, осветленоста, грандиозноста и симетричната поставеност делуваат неземско, духовно. Таа е половина од висината на Кеопсовата пирамида, која до 14 век, речиси 4000 години, била највисока градба во светот. Со својата импресивност ја надминува и ИМ Пеи пред влезот во Лувр – една друга значајна пирамида од поновиот период.“

3. Palace of Peace and Reconciliation (2004 – 2006) Foster + Partners

– Abu Dhabi Plaza, Astana (2010 – 2020)

Абу Даби Плаза треба да биде едно од најважните обележја во градот, највисок објект во Централна Азија и да воспостави нови стандарди за развој на станбени и мешани потреби во Казахстан. Тоа е интегриран проект за мешана употреба кој Алдар Проперти (Aldar Properties, инвестициона градежна компанија со седиште во Абу-Даби, Обединети Арапски Емирати) го развива во Астана.

Дизајнот на проектот е на Фостер + Партнери, а HKR Architects се ангажирани како водечки консултанти за дизајн (Lead Design Consultants). Овој проект од 16 милијарди долари, предвидува малопродажен, рекреативен и хотелски дел во базата, која се издига и формира деловни и станбени кули на север, со различна висина и со површина од 500 000м². Се добиваат 568 луксузни станови, 107 490 м² деловен простор и 25 300 м² малопродажен простор. Содржи јавен простор, елементи на традиционален пазар во духот на историското наследство и традиционалните чаршии на Казахстан и железничка станица. Највисоката зграда ќе биде висока 382 м, 75 ката и четири нивоа под земја, за паркирање на повеќе од 4 000 возила. Во подрумот се вклучени и технички простори за механички, електрични и водоводни инсталации. Во објектот  ќе има здравствени простории, базен и спа-центар. Лоциран по зелената оска на Астана вклучува серија умерени зимски градини и мрежа на заштитени пешачки патеки низ локацијата. Помеѓу објектите ќе има светлосни шахти во боја, кои ќе овозможат светлината да навлезе длабоко во зградите. Со користење на ламинирани стаклени панели, во долните простории ќе се создава динамична игра на светло и сенка.

maxresdefault

Поради екстремната локална клима и ригорозниот процес на анализа на климата, дизајнерскиот концепт, предвидува решение со кое максимално ја користи соларната добивка во постудените месеци, со иновативен термички систем за собирање топла вода на јужната фасада. Северната фасада е силно изолирана. Со одржливите карактеристики на објектите, преку инсталирање на ефикасни системи за греење и климатизација, оптимизирање на фасадни системи… се очекува да се постигне намалување на енергијата помеѓу 14 % и 20 %. Околу 50 % од дрвото што ќе се користи ќе биде сертифицирано од Советот за управување со шуми (FSC). Постојниот инсталиран материјал може да се рециклира помеѓу 10 % и 20 %. Секоја поединечна компонента на зградата има добиено LEED V3 Core & Shell сертификација.

ЕКСПО 2017

Астана беше домаќин на првиот светски саем Експо 2017, одржан во Централна Азија. Темата на изложбата беше „Eнергија на иднината“, а нејзиниот централен павилјон „Нур Алем“ (Светлечки свет), со дијаметар од 80 м и висина од 100 метра, стана најголем сферичен објект во светот. Овој најзначаен објект на изложбата, енергетски музеј на иднината, стана симбол на Астана.

На меѓународниот архитектонски конкурс за најдобра идеја за изложбениот комплекс ЕКСПО 2017, учествуваа повеќе од 100 компании (вклучувајќи ги Zaha Hadid Architects, UN Studio, Snohetta, HOK I Himmelb(l)au). Победи фирмата  Adrian Smith + Gordon Gill Architecture од Чикаго. Изведбата беше на швајцарската компанија IT-Engineering.

На изложбата учествуваа 115 држави и 22 меѓународни организации, а ја посетиле 4 милиони луѓе од кои 0,5 милион дојдени од други држави.

homepage pic - копия.jpg

АДИНГ ВО КАЗАХСТАН

Македонската фирма Адинг, со своите производи е постојано присутна на градежниот пазар во Казахстан. Во 2007 година се преземаат грандиозни потфати за изградба на инфраструктурна мрежа низ Казахстан (во 2010 година започнува изградбата на  делот низ Казахстан на транзитниот коридор „Западна Кина-западна Европа“,  траса долга 2 787км, а во 2012 – 2013 година започнуваат грандиозни финансиски и градежни зафати на насоките Астана – југ, Астана – исток, Астана – запад). Адинг во 2008 година се вклучува во првиот проект, каде пласира адитиви за бетон и учество на стручни лица во изградбата. Со современа технологија, употреба на најмодерна техника, моќна градежна механизација, кратки временски рокови, успешно реализира илјадници километри. Продолжува да учествува во изградбата на патиштата низ Казахстан, заедно со други домашни и светски компании (од Турција, Азербејџан, Италија, Германија, Иран…).

20 ГОДИНИ ПОТОА…  МНОГУ СИМБОЛИКА И МИТОВИ…

Новиот главен град на Казахстан, Астана се гради, развива и расте во изминатите 20 години. Се реализира проект вреден повеќе милијарди долари во кој се вклучени светски познати архитекти кои создаваат дела инспирирани од традицијата, од египетскиот и арапскиот дизајн. Многу симболика и митови. На некого му се допаѓа, на некого не… но влегоа во историјата, а обезбедија и големо поле на работа…

Бројноста на населението се зголеми од 270 илјади луѓе во 1996 година, до 700 илјади во 2011 и сега над 1 милион луѓе.

Астана денес, лоцирана во срцето на Евроазија, е место на бројни меѓународни настани. Во 2011 година беше домаќин на 7-мите азиски зимски игри, во 2017 година на ЕКСПО 2017, Конгресот на лидери на светски и традиционални религии, а Астанскиот економски форум и други форуми редовно се одржуваат во градот…

Неколку часа откако Нурсултан Назарбајев објави дека се повлекува од позицијата претседател на Казахстан, по само триесет години, новиот претседател, Касим-Зомарт Токајев, предложи главниот град на земјата да се преименува. Новиот претседател на Казахстан потпишал указ за преименување на престолнината. Се преименува Астана, престолнината на Република Казахстан, во Нурсултан.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top