Проектот за најголемиот паметен град во Европа, е веќе во фаза на реализација и во него од 2014 година живеат 6.000 луѓе. Но, тоа е само почеток за развојот на Асперн, лоциран на место на некогашен аеродром во североисточниот дел на Виена.
Статистиката предвидува дека до 2029 година во Виена бројот на населението ќе достигне 2 милиона. Настојувајќи да го задржи потребниот простор, да биде верен на традицијата и да овозможи оптимално функционирање, градот одлучува да се развива во насока на одржливост и паметна инфраструктура. Решението е пронајдено во изградбата на паметниот град Асперн. Кога ќе биде комплетно завршен овој проект чија инвестиција се проценува на 5 милијарди евра, ќе се простира на површина од 240 хектари.
Не само што претставува серизоен инфраструктурен потфат, туку се работи и за значаен научен проект. Во моментот, над 100 дмаќинства учествуваат во истражувањето за животот во овој град, кое го води истражувачката компанија Aspern Smart City Research (ASCR), единствена во Европа.
Врз основа на податоците кои се добиваат за потрошувачката на енергија, се креираат насоки за развој на градовите на иднината. ASCR е основана од страна на компаниите: Siemens, Wien Energie, Wiener Netze, Vienna Business Agency и Градот Виена. „Aspern Seestadt“ без сомнение е спој на висококвалитетна јавна инфраструктура, паметни згради, зелени површини. Три паркови со вкупна површина од 80.000 метри квадратни веќе се изградени, во согласност со планот на урбанистите според кој градот мора да има 50% од својата површина резервирана за зелени површини.
Развојот на проектот е предвиден во 3 фази. Првата е во тек и ќе заврши во 2017 година. Фокусот на втората фаза е на патната инфраструктура и железницата, а предвидено е да се реализира до 2022, напоредно со повеќе стамбени квартови, се разбира исклучиво составени од паметни згради. Со третата, финална фаза се очекува населување во оптималниот капацитет.
Посебен куриозитет е дека сите постоечки улици се именувани според познати жени: Џенис Џоплин, Марија Туш и др.