Асоцијација на архитекти на Македонија повикува на бојкот на манифестацијата АСК 2015. ВчераГрадот Скопје објави повик за учество во традиционалната манифестација “Архитектурата на град Скопје“ АСК 2015, по повод празникот на градот 13 Ноември. Во соопштението од ААМ, меѓу другото се вели:
„Поради се она што се случува со архитектурата, урбанизмот, архитектонското творештво и архитектонско наследство, особено во централното градско подрачје каде Град Скопје е најдиректно инволвиран, ААМ смета дека е хипокризија да се учествува на оваа манифестација распишана од институција која ниту почитува, ниту вреднува квалитетно архитектонско творештво. За да биде хипокризијата уште поголема никогаш до сега ниту еден објект од проектот Скопје 2014 не бил учесник на АСК, манифестација организирана од институција која е една од најголеми подржувачи на „Скопје 2014“. Град Скопје и колегите архитекти вработени таму секогаш се подготвени без поговор да ги спроведат сите потребни акти за архитектонска и урбанистичка интервенција во централното градско подрачје. Поради непочитување на архитектонската професија и елементарните начела на архитектонската наука ААМ ги повикува своите членови да ја бојкотираат манифестацијата. ААМ смета дека Градот Скопје нема ниту стручност да процени, ниту мудрост да препознае, ниту став и храброст да вреднува квалитетно архитектонско творештво.“