Во целост ја пренесуваме објавата на Асоцијацијата на архитекти на Макединија (ААМ) и Академијата на архитекти по повод последните случувања во врска со парцелите спроти хотелот „Холидеј ИН“ во Скопје.
Просторот е необновлив ресурс и треба со него да се ракува внимателно и со почит
Скопје, 20.04.2021. Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) и Академијата на архитекти како дел од Асоцијацијата, внимателно ги следат дискусиите во врска со парцелите спроти хотелот „Холидеј ИН“ во центарот на Скопје. Во таа насока сакаме да укажеме на следното:
– Организацијата на просторот во кој живееме се спроведува преку Генералните и Деталните урбанистички планови. Просторот е необновлив ресурс и треба со него да се ракува внимателно и со почит.
– ААМ е за доследно почитување на целите, проекциите и планските решенија од Генералниот урбанистички план на град Скопје 2012-2022 год. и плановите од пониско ниво мора да бидат усогласени со овој стратешки план. Тоа се однесува и на планот во чиј состав е оваа локација спроти хотелот „Холидеј Ин“, но и за сите останати за кои постои интерес во јавноста како што се фабрикатаТреска, Дебар Маало, Мал Ринг, Езеро Треска, Расадник и т.н.
Деталните урбанистички планови, кои претставуваат акти од јавен интерес, треба да содржат креативни решенија, кои на жителите, корисниците и посетителите на просторот ќе им овозможат негово безбедно, квалитетно и комфорно користење и доколку не е така истите мораат да бидат коригирани.
Во изминатиот период, ААМ го поддржа „мораториумот“ за градење на 33 Детални урбанистички планови во општина Центар, како единствен начин да се спречи спроведувањето на важечките планови кај кои се констатирани сериозни прекршувања и недоследности во однос на Генералниот урбанистички план и општите правила и параметри на урбанистичко планирање, додека не се донесат нови, а со цел да се загарантира и почитува едно од највисоките уставни права, а тоа е јавниот интерес. Но, напоменуваме дека „мораториумот“ има смисла ако е временски и и содржински строго и наменски ограничен.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Академијата на архитекти, константно ги следеше актуелните случувања околу мораториумот. Кон средината на 2019 год., на покана на Општина Центар беа одржани консултативни состаноци на кои беше посочено дека одолговлекувањето на состојбите е контрапродуктивно и се понуди активно да бидат вклучени во разрешувањето на проблемите со конкретни предлози за тоа како побрзо и поефикасно да се делува. И понатаму ААМ стои на располагање на надлежните институции за инклузивност во делување за оптимизирање на процесите и процедурите во насока на навремено и правилно донесување одлуки кои ќе им овозможат на архитектите легитимни услови за работа.
Ние како архитекти не сме против градење, ниту против личните и бизнис интереси на поединци, доколку тие не го загрозуваат квалитетот на животниот простор и јавното добро.
Во оваа прилика, би им се обратиле на:
Колегите архитекти:
– Изразуваме подршка на колегите архитекти за кои квалитетниот и хуман простор е иманентна цел на нивните планови и проекти, постигнувајќи го тоа со стручност и професионализам и со личен интегритет и достоинство. При тоа ја повикуваме и Комората на овластени архитекти и инженери активно да се вклучи во процесите на креирање на просторот, како и да се грижи за правата и дигнитетот на професијата.
Граѓаните:
– Бидете вклучени и партиципирајте во донесувањето на одлуки при креирање на просторот, со почитување на експертизата од професионалците.
Локалната самоуправа:
– Да се почитува квалитетниот градски простор, неговата урбана и архитектонска историја преку создавање на услови за сеопфатна инклузивност при негово креирање со разни методи на транспарентен натпревар на идеи за значајни локации, содржини и програми.
Министерство за транспорт и врски:
– Одговорно да се менеџира со државното земјиште како јавно добро при што визијата за градот во иднината, иако е сложен процес, треба да биде суштинска градска политика креирана во соработка со стручњаци од сите инволвирани области.
Со почит,
ААМ и Академија на Архитекти
Претседател на ААМ
Мишко Ралев