Годинешното издание на манифестацијата АСК-Архитектура на град Скопје остана без добитници на големата награда. Од пријавените и селектирани осум архитектонски трудови на седум автори, ниту еден не ги остави без здив одговорните за доделување на наградата за да на вчерашната манифестација го прогласат за победник на 15-та по ред манифестација која се организира по повод Денот на Градот, а кој годинава го одбележа 70 роденден.
Причина за ова, како што вели Виктор Михајлов од Град Скопје, е тоа што само два од пријавените објекти се веќе изведени и се дел од Градот, но сепак и тие не се на нивото за да ја добијат наградата. „На конкурсот се пријавија само осум труда, од кои два се веќе изведени. Големата награда се дава за да им се оддаде почит на архитектите коишто даваат особен придонес градот Скопје да добие лик на вистинска метропола. На овој конкурс немаше такви трудови“, вели Михајлов.
Заедно со АСК-Архитектура на град Скопје, вчера во Музејот на градот беше отворена и изложбата „Скопје-модели на град“, а која е резултат на проектот „Невидено Скопје“.
„Невидено Скопје“ е проект за тродимензионално моделирање на историските урбанистички планови на Скопје. Проектот има за цел да ги презентира плановите во трета димензија и да ги направи достапни и видливи за пошироката јавност. Изработени се четири дигитални тродимензионални модели за четири историски урбанистички планови за Скопје, и тоа за оној од 1929 година изработен од архитект Јосиф Михајловиќ, од 1948 година на архитект Лудјек Кубеш. Останатите два модела се однесуваат на Урбанистичкиот проект на центарот на Скопје од 1965 година, кој е изработен од Заводот за урбанизам и архитектура и Деталниот урбанистички план „Мал ринг“ од 1997 година, кој е на авторите Мирослав Грчев, Влатко Коробар и Мирјана Пенчиќ“, истакна Огнен Марина на отворањето на изложбата.
Изложбата „АСК-Архитектура на град Скопје“ ја посети и градоначалникот Коце Трајановски, кој доби детални објаснувања за сите изложени трудови и за четирите дигитални тродимензионални модели на урбанистичките планови.