Луѓето кои на почетокот на јуни дојдоа во Штип со цел да го следат фестивалот „Макфест“, имаа поинаква опсервација за она што се случува во градот под Исарот. Можеби немаше еуфорија за музика, но затоа пак со задоволство се коментираше дека во Штип е преземена голема офанзива на асфалтирање на локални улици и сообраќајници.
Подобрувањето на патната инфраструктура во градот и селата е приоритет на градоначалникот прим.м-р Илчо Захариев и Советот на Општината. Од стартот на градежната сезона на почетокот на мај, за само еден месец се асфалтирани десетина улици, а планот предвидува уште толку до крајот на летото. Инвестирани се над 17 милиони денари во локална патна мрежа а течат тендерски постапки за уште десетина улици:
– Наша цел е да ги асфалтираме сите сообраќајници во градот. Сообракајници кај кои не е интервенирано повеќе од 30 години. Досега се завршени „Славчо Стојменски“, „Маршал Тито“, дел од „Вита Поп Јорданова“ и „Мирче Ацев“, како и „Карл Маркс“ каде се одржува Пастрмајлијадата, потоа една од најдолгите улици во градот „Сремски фронт“, па „Џемаил Бједиќ“, дел од „Радански пат“ до „Черења“.Нов асфалт има и „Д-р Слободан Јовановски“ која води до штипската касарна, а ќе се работи и „Булевар ЈНА“. Во тек се зафатите и на улицата „Христијан Карпош“ – вели штипскиот градоначалник Захариев.
Тендерски постапки течат за улиците во населбата „Деснаци“, за втор крак од „Радански пат“, за „Вардарска“, „Сутјеска“ пред ОУ „Гоце Делчев“, „Широк дол“, за улица „Лески“ во Бабите која целосно ќе биде асфалтирана од градинката до ОУ „Славејко Арсов“, потоа тендерска постапка тече за „Тодор Коларов “, „Маршал Тито“ втор дел од детската градинка „Вера Циривири-Трена“ кон леваците покрај Отиња.
Во овој период во тек е и тендерска постапка за селото Чардаклија каде во план е изградба на улици во должина од околу еден километар, а ќе се инвестира и во населбата „Железничка“ на влезот во Штип каде асфалт ќе добијат повеќе улици. Ќе се асфалтира и пристапниот пат до игралиштето во Блок 2000 кое е направено со донација од ФИФА преку ФФМ, а во план е асфалтирање од терминалот до бензинската пумпа на Лукоил.
Тендерска постапка тече и за улицата „Драги Крупишки“, а она што особено е важно за Штип е што општината планира изградба на кружен тек на Булеварот „Гоце Делчев“, по влегувањето во Штип, кај крстосницата под хотел „Изгрев“. Паралелно со новиот кружен тек, ќе се оформи и влезот во Штип при доаѓање од Велес, што значи нов асфалт и уредување на патот од кружниот тек до Кампус 4 на Универзитетот „Гоце Делчев“. Со веќе асфалтираниот пат на влезот во Ново Село од Радовиш, ако се асфалтираат и другите два пристапи од Кочани и од Велес, тогаш ќе успее замислата да се уредат сите влезови во Штип.