За време на викендот заврши асфалтирањето на главната улица во населбата „Долна Железничка“ во Штип, во должина од над 1.5 километри. Проектот е вреден четири милиони денари, а градежните зафати ги изведуваше фирмата „Коле-Транс Инжинеринг“:
– Од средината на мај па се до денес, асфалтирани се 22 улици во Штип. По обновата на водоводот и канализацијата ќе следи и асфалтирање на Крак 1 од „Горна Железничка“, проект во вредност од околу 3.2 милиона денари (со вклучен ДДВ) со што за оваа населба Општината само во два проекта издвои над 7.5 милиона денари. Кога ќе завршиме во Железничка каде што се работи и на влезно-излезната сообраќајница од кружниот тек дд подвозникот кај Кампус 4 на УГД, локалната самоуправа се сели во населба Горна Балканска – изјави Драган Ристов, советник за односи со јавност на Општина Штип.
Исто така, во тек се уште неколку тендерски постапки за асфалтирање на улици, како што е пристапот до Еврејските гробишта, улицата „Пиринска“ и обнова и асфалтирање на уште неколку други сообраќајници на барање на жители на месни заедници.