Климатските промени предизвикани од екстремните температурни разлики во светот доведуваат до топлотни бранови, суши и поплави, па затоа градот Арнхем во Холандија направи десетгодишен план за обнова за да се справи со овие проблеми. Овој град е на врвот кога станува збор за места што се прилагодуваат на климата. Тој постави цел да се намали количината на асфалт, односно темниот дел од материјалот што се користи за патишта и тротоари кои апсорбираат топлина и го зголемуваат протокот на вода, за 10 проценти до 2030 година.
Избраните патишта ќе бидат заменети со трева, по што ќе бидат засадени дрвја што ќе обезбедат сенка за други патишта. Заменувањето на асфалтот со зеленило ќе помогне и во борбата против поплавите. Арнхем е град лоциран на 13 метри надморска височина, така што честопати има проблем со поплави, но и во суви периоди кога се зафатени парковите и зелените површини. Според тоа, една од целите е да се пренасочат 90 проценти од дождовницата од канализациониот систем.
Секој што има идеја како да го направи градот поотпорен на топлотни бранови, поплави и суши, е поканет да аплицира за субвенција преку „Иницијативата за климатска адаптација“. Градскиот совет, заедно со институциите кои се грижат за водните системи, локалните корпорации и училиштата, ќе се фокусираат на стратегии за прилагодување кон климатските промени. Соединувањето на силите ќе осигури дека Арнхем во иднина е подобро подготвен во борбата против се повеќе екстремни временски услови.
Во 2019 година, градот Арнхем почна „симулации за поплавување“ на пробни улици покриени со разни материјали. Тука, жителите можеа да видат како улиците „се справуваат“ со проблемот со обилните дождови во зависност од асфалтирањето и го избираат типот што го сакаат за својата улица.
Градовите ширум светот се прилагодуваат на климатските промени и осмислуваат начини да се справат на најдобар можен начин и да се заштитат од природни непогоди на долг рок. Покрај горенаведениот пример во Холандија, примери има и во САД. Во Сан Франциско е подигната историска зграда на три метри од земјата за да се спаси од покачување на нивото на морето.