Насловна / Архитектура / Архивот на Скопје: Радикален пресврт во современата македонска архитектура

Архивот на Скопје: Радикален пресврт во современата македонска архитектура

Развојот на современото архитектонско градителско наследство во Македонија во средината на шеесеттите години на минатиот век, не знае за прекин, за разлика од бавниот развој во остатокот од поранешна СФР Југославија, каде што е од помал обем и е резултат на намаленото инвестирање во објекти од непроизводни активности и на започнатите први стопански реформи. По катастрофалниот земјотрес од 1963 година, Скопје стана центар на градежните активности и на креативноста на бројни светски, но и на млади локални архитекти во чие творештво доминираат современите трендови во модерната архитектура, меѓу кои се издвојуваат Георги Константиновски, Живко Поповски, Борис Чипан и други македонски автори.

Во тој период Скопје радикално го промени својот архитектонски лик, што резултира со новоизградени објекти за јавни намени, без поранешните станбени населби со мноштво куќи кои го давале некогашниот ориентален израз. Во тој процес исчезнале и објекти кои поседуваа и архитектонско-ликовни квалитети на старото Скопје. Големиот замав на градежните активности опфаќа проектирање и изградба на станбени населби и на бројни општествени и јавни објекти во рамките на општиот концепт дефиниран од еден од водечките светски архитекти – Кензо Танге. Споменатиот концепт целосно раскинува со постоечкиот физичко-просторен и историски континуитет на градот и го наметнува индивидуалниот израз на секој творец што тој го остава зад себе. Така, во тој период се појавува едно ремек-дело или белег на современата архитектура на Скопје, проектирано од младиот архитект Георги Константиновски. Неговиот современ израз во архитектурата ги комбинира историските, архитектонските и културните вредности на контекстот во кој се наоѓа, а тоа е архитектонски богатата традиција на Македонија. Оваа студија е фокусирана на откривање и промоција на вредностите на едно од ремек-делата на современо Скопје, (а тоа е Архивот во текстот), преку детална анализа елаборирани се прашањата поврзани со реализацијата на целиот овој процес за ова ремек-дело.

ИСТОРИСКИ И АРХИТЕКТОНСКИ РАЗВОЈ

Државниот архив претставува најбогат и највреден културен и историски трезор, но и крупен информативен центар на Република Македонија. Државниот архив со архивските фондови и архивската граѓа со кои располага има национална вредност и претставува дел од светското културно-историско наследство. Оттаму, архивската граѓа има статус на споменик на културата (културно богатство).

Архивот на Скопје е одделение на Државниот архив на Република Македонија и порано бил сместен во бараките кај некогашното Кино Карпош во Дебар Мало, а Милош Константинов бил директор на установата. Условите за работа на оваа значајна институција биле под секое ниво. Бараката била опожарена, а архивските материјали во опасност. Еден ден, директорот Милош Константинов соопштил дека му е одобрена инвестиција за адаптација на објектот. Со добиената сума професорот Константиновски му рекол на директорот Милош Константинов дека со тие пари може да се изгради нов и функционален објект со сите неопходни услови кои треба да се задоволат. Еден од позначајните услови бил дека материјалите коишто се чуваат во депото не смеат да бидат изложени на сончеви зраци.

Професорот Георги Константиновски при проектирање на скопскиот архив обрнал посебно внимание на решението на депото за да се задоволи бараниот критериум. Основата на депото е со квадратна форма со димензии 10 х 10 метри. Класичното отворање на прозорците за природно осветлување на просторијата веднаш како решение архитектот ги елиминира. Решението го бара во аглите на квадратот. Предвидел проширување на слободните агли при што се добиваат ниши од еден на еден метар и прозорците се отвораат бочно еден наспроти друг. На овој начин е овозможен пробив само на природна дисперзна светлина за нормална манипулација во депото и оневозможен е директен упад на сончевите зраци во просторијата.

Овој архитектонски фасаден детал се спроведува доследно во целиот објект, давајќи му на тој начин посебен просторен белег како стилски елемент. Наредниот ден проектот и макетата од архивот биле донесени кај директорот на архивот Милош Константинов, тој бил воодушевен и веднаш побарал прием кај тогашниот градоначалник, Љупчо Ставрев. Тој итно го повикал директорот на Управата за урбанизам на Скопје за да го консултира во врска со локацијата. Градоначалникот не можел да го тргне погледот од макетата. По кусо време пристигнал директорот на Управата за урбанизам кој бил збунет од макетата. Тогаш архитектот Константиновски ги напуштил и ги остави сами да дискутираат.

Првата изјава на директорот на Управата за урбанизам била: „Овој проект не е за на Земјата. Овој проект е за на Месечината! Јас го знам ова момче, тој е голем фантазер!“, тука градоначалникот Ставрев го прекинува и му кажува дека Милош Константинов му е брат на тоа момче, фантазер. Урбанистот брзо се снаоѓа и ја носи дискусијата во друга насока велејќи: „Тој е одличен архитект, за него може сè најубаво да се каже!“ Во тоа време архитект Ристо Галиќ кој му бил наклонет на Георги Константиновски од времето кога работи во Заводот за урбанизмот и проектирање при Народниот одбор на скопска околија, и како актуелен директор на Заводот кога ќе го види проектот извикал: „Овој проект ќе го градиме на плоштад!“ Константиновски му рекол дека таму не му е местото, па така тој го замолил проектантот да ја одбере локацијата. Како најсоодветна локација Константиновски го избрал местото на аголот на булевар „Партизански одреди“ и улицата „Московска“. Во тоа време таа локација била депонија на урнатините на објектите од катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Објектот е изграден за неполни две години и свечено е пуштен во употреба на 13.11.1968 година во 10 часот. Со краток поздравен говор во името на Градското собрание на Скопје, објектот го отворил Георги Сталев, претседател на Советот за култура при Градското собрание. Архивот на Скопје го изведува градежното претпријатие „Бетон“, под стручното раководство на архитектот Иван Јосифовски.

На свеченоста присуствуваат Азим Зулфиќари, претседател на Републичката конференција на ССРН на Македонија, Блаже Конески, претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Методи Андонов, претседател на Градската конференција на ССРНМ во Скопје, Драгољуб Ставрев, претседател на Градската конференција на СК во Скопје, Гога Николовска, секретар на Републичката конференција на ССРНМ, Мети Крлиу, претседател на Собранието на Скопје и други.

НАГРАДИ

По реализација на објектот следува наградата Борбена плакета за најдобро архитектонско остварување во СР Македонија во текот на 1968 година, а Комисијата за доделување на наградата е во состав:

  • арх. Ристо Галиќ, претседател
  • арх. Љубинка Маленкова, член
  • арх. Трајко Димитров, член
  • Драган Николиќ, новинар
  • Живко Чинто, општествен работник

Комисијата се состанала на 21, 27 и 30 јануари 1969 година и заклучила наградата Борбена плакета за најдобро архитектонско остварување во СР Македонија во 1968 година да се додели на објектот Архив на град Скопје од авторот, магистер архитект Георги Константиновски.

„Проектот, односно објектот на новиот историски архив на град Скопје целосно ги одразува архитектонските стремежи и култура на авторот, кој основната инспирација за пластиката на масите и архитектонската обработка ги црпи од современите текови на архитектонското творештво во светот.

Динамиката и композицијата на објектот одразува право архитектонско мајсторство. Нагласената вертикала покрај тоа што има доминантна положба во просторот, необично и оригинално е поставена во основата. Покрај останатото, евидентно е збогатен впечатокот на интензивно пластично-скулптурално доживување на објектот, на поминување низ градот од западен правец, долж булеварот ‘Партизанска’. Отфрлено е сè она што би значело стереотипно во основа, остварен простор и употребен материјал, а сè во објектот е ново и несекојдневно.

 

Комисијата се чувствува почестена што може од редот на овогодишните архитектонски творби на територијата на нашата република, оваа реализација да ја предложи за добивање на ова наше високо архитектонско признание за реализација од областа на архитектонското творештво во текот на 1968 година“, се вели во Записникот од Комисијата од 30.1.1969 година. Потоа следува и Националната награда „11 Октомври“ којашто му беше доделена на Константиновски на 11.11.1968 година.

По свеченото пуштење во употреба на Архивот на град Скопје, напишани се бројни архитектонски критики коишто без исклучок зборуваат пофално за новиот објект. Може да се наведат два значајни настани во врска со овој објект:

  • На 12.2.1969 година во Белград по повод доделување на спомен-повелбата и плакетата на весникот „Борба“ бил организиран свечен прием и изложба на наградените архитектонските проекти. На свеченоста присуствувал и претседателот маршал Јосип Броз Тито со сопругата Јованка Броз. Кога ја видел изложбата се упатил директно кај архитект Константиновски и се задржал со него во краток разговор. Стоејќи пред фотографијата на Архивот на Скопје, претседателот Тито воздивнал и рекол: „Кога би имал доволно пари и јас за својот музеј би изградил ваков објект.“ Константиновски велеше дека во разговорот со претседателот Тито го запознал со основната концепција на објектот, а претседателот Тито ја изразил својата желба да го посети објектот следниот пат кога ќе дојде во Скопје.
  • Друг интересен настан е на денот на свеченото пуштење на објектот во употреба. На таа свеченост покрај угледните гости и видни политичари, бил и Блаже Конески, претседател на МАНУ. Во релаксирана атмосфера меѓу бројните присутни во еден момент гледајќи го необичниот бетонски ентериер рекол: „Ете и ова е доказ дека со евтин материјал може да се создаде прекрасен амбиент“.

ОПИС НА ОБЈЕКТОТ

Главниот влез на објектот е лоциран на улица „Московска“, пристапувањето до објектот е насочено преку благи скали со пријатна висина во простран трем. На тремот директно е наслонет влезниот хол чиешто средиште е осветлено преку лантерна поставена над галеријата на првиот кат. На левата страна од холот надоврзани се админстративните содржини, а на десната страна сместени се просториите за увид во материјалите, за посета на истражувачи, како и салата за состаноци.

На катот се проектирани одделенијата за средување и обработка на архивската граѓа, за изработка на научно-информативни средства и просториите за груба класификација и систематизација. Помеѓу овие простории и депото поставена е мостовска врска за директно комуницирање. За депото проектирани се вертикални комуникации коишто му овозможуваат посебна контрола и безбедност, како базични предуслови за овој тип објекти.

Архитектонската композиција на објектот е составена од низок и висок габарит. Нискиот габарит е проектиран со вкрстени паралелопипеди поставени еден над друг, а повисокиот волумен е четиристрана призма со висина од осум ката. Посебен акцент е ставен на армиранобетонските ѕидови и на моќните столбови коишто со својата ребреста структура во ентериерот и екстериерот предизвикуваат чувство на сигурност и стабилност кај вработените и кај посетителите.

ОБЈЕКТОТ ДЕНЕС

Денес на овој капитален објект, кој е симбол и гордост на Скопје, му се заканува деградација и од аспект на неговото одржување и од влијанието на урбаниот хаос присутен на секој чекор во градот. Архивот беше проектиран и изведен со рамен кров, но како последици од нередовно одржување на објектот денес на Архивот веќе е поставен кос покрив кој никако не припаѓа на концепцијата и смислата на проектот. Зад архивот изградена е станбена зграда, која е оддалечена на само два метра од него и слободно може да се каже дека новиот објект е речиси изграден на истата парцела на Архивот без да се води сметка за естетскиот изглед на целокупната архитектонска структура, за градителското наследство, како за објект од особено значење за државата.

За недефинираните имотно-правни односи треба веднаш да се најде решение, за да се спречи урбаниот хаос во градот и да се оневозможи деградација на урбаниот простор во државата, а и за да не се создаде ситуација од која нема враќање! Денационализација на земјиштето и на објектите во државата треба да се спроведува со сериозна грижа за објектите од особено значење за државата, како и за објектите што подлежат на заштита на градителското наследство.

Денес во Скопје градат и проектираат сите, дури и средношколците со помош на компјутерските техники и програми, но не и тие што се стручни и квалификувани за таа дејност – архитектите и градежните инженери. Како последица се менува сликата на градот, се уништува архитектонскиот амбиент и се деградира урбаниот простор, на штета на угледот на државата во светот. За целата хаотична ситуација е виновна Градската управа на Скопје, која е индиферентна кон објектите со посебно значење за градот и за државата и ги оставила да го губат своето значење како објекти со специфична препознатливост и како творби од кои блика духот на современата македонска архитектура. За жал, колегите урбанисти и архитекти вработени во општините не се доволно образовани да се однесуваат со почит кон објектите од таков карактер. Во развиениот свет таквите објекти се заштитени со посебни закони, а општинските служби се однесуваат со највисок респект. Кај нас секој секому му ја префрла вината. Се издаваат локации секаде и секому без да се размислува дека се нарушува естетиката на градот и се губи смислата за амбиенталната архитектура. Како последица градот тивко умира пред нашите очи!

ЗАКЛУЧОК

Врз основа на неговиот творечки опус, професорот Георги Константиновски може да се смета за еден од великаните на модерната архитектура на втората половина на 20 век во Македонија, Југославија и Балканот. Беше голем „творец“ на архитектурата, но во исто време и педагог и теоретичар на модерната архитектура на 20 век. Неговото дело носи реафирмација или потсетување на големината и придонесот на еден таков интелектуалец и творец, кој оставил неизбришлива трага, како во архитектурата на 20 век, така и на целото македонско општество. Тој е оној кој е меѓу првите домашни архитекти кои ги прифатија новите трендови, кои беа усвоени и преземани од многу архитекти од таа модернистичка ера. Оттука, констатирам дека градската администрација на Скопје е должна да подготви национална стратегија со јасен концепт со помош на централната и локалната власт, и со активно учество на реномирани архитекти со богато стручно и научно искуство, кои се далеку од сите политички и партиски цели, за сите оние вредни објекти од капитален карактер кои силно пулсираат со јазикот на современата светска архитектура. Искуството во современите општества укажува дека немањето пари не може секогаш да биде оправдување да не се зачува историското наследство. Има многу такви примери во светот. Понекогаш сиромаштијата може да биде најдобар сојузник за историските и за културните споменици.

Автор: проф. д-р Мумен АБУАРКУБ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top