Чикаго е постојаното архитектонско срце на Америка: од скромните куќарки до создавањето на облакодерот, Чикаго важи за родно место на некои од најреволуционерните градби во САД.
Да се подигне еден град од мочурливо тло близу езеро и река, помогнал пристапот до природните ресурси во американскиот Среден Запад, како дрво од Мичиген и варовник од Индијана, на пример. Но, во 1871 година за време на Големиот пожар, Чикаго речиси и да бил срамнет со земја.
Следувале децении на макотрпна работа и обновата се должела на неверојатната иновативност на неговите архитекти. Значителниот напредок во инженерството овозможил широка примена на челичните конструкции, така што денес Чикаго е и град на облакодери, но и на цели појаси од бунгалови – и двете подеднакво важни за неговиот наратив.
Чикаго школа
Овој храбар комерцијален архитектонски стил се појавил една деценија по катастрофалниот пожар бидејќи објектите изградени веднаш по брзата обнова станале несоодветни да го поддржат подемот на централното подрачје. Чикаго школата била кулминација на навремени и револуционерни инженерски техники, како примената на огноотпорни материјали и инсталирањето на хидрауличниот лифт. Повисока технологија значело повисоки згради, челични рамки наместо бетонски скелет, и како резултат, облакодерите почнале да никнуваат како печурки.
Сепак овде главната одлика ја има уметничкиот дух на архитектите, деталите биле тие коишто придонеле за епохалноста на овие висококатници. Биле претставени деликатни природни форми во ентериерот, украсни корнизи и влезови со цвеќиња, лисја, венци и панделки, а потоа и надградба на тие форми со геометриски облици.
Зградите од овој стил којшто се развил од 1870 до раните 1900 години, се препознатливи по својата корпулентност, но и по Чикаго прозорците. Токму примената на челикот дозволила повеќе слобода во просторот и користење на огромни стаклени површини. Во зависност од дизајнот на зградата, овие прозорци често се изработени од челик, алуминиум или дрво. Карактеристична е употребата на тенки дрвени или метални профили што го делат прозорецот на помали стакла.
Првичната намена на профилите била да ги држат помалите парчиња, пред пронајдокот на поголеми, единични стаклени панели. Сепак, овие профили и натаму се користат, но само за декорација. Друга карактеристика е употребата на кружни форми или лак-прозорци главно кај зградите со викторијански и готски стил, но и во поновите високи згради коишто нудат панорамски поглед на градот. Чикаго прозорците може да содржат и декоративни елементи како витраж или оловно стакло, коишто биле популарни за време на движењето Уметност и занает на почетокот на 20-тиот век. Овде често се вклучуваат сложени дезени, што само надодава на уникатноста, карактерот и шармот на фасадата. Во последно време и особено поради климатските промени, енергетската ефикасност стана важен фактор во стилот на овие прозорци, така што сега повеќето од нив се повеќеслојни.
Работничка куќарка
Своевремено, овие домови се нарекувале „Најзгодните куќички од цигли во Чикаго“. За оние коишто опстанале до ден денес, ова сè уште е вистина. Првично изградени во населби со претежно ниска и средна класа, овие куќи се со скромна големина, често со двоводни кровови и бочни главни влезови. Иако со текот на времето формата претрпела одредени промени, кај куќите се забележани елементи на италијанската архитектура (стил од 16 век, којшто во САД бил популаризиран во средината на 19 век), позната по својата симетрија, ниски кровови, украсни детали или заоблени прозорци. Флексибилноста и достапноста на куќите, на сопствениците им овозможила да внесуваат промени во зависност од трендот или од потребата. Работничките куќарки генерално се препознаваат и по предниот фронтон – надворешниот ѕид што поддржува триаголен кров, обично свртен кон улицата или кон влезот.
Сиви камења
Сивиот камен би можел да се оквалификува како архитектура на Чикаго во нејзината највистинска, најодомаќинета форма, претставувајќи го преминот на градот од брзата практична обнова по Големиот пожар, кон динамиката генерирана во периодот околу Светскиот саем во 1893 година – (одржан по повод прославата на 400-годишнината од пристигнувањето на Кристофер Колумбо во Америка и којшто важел како платформа за најновите пронајдоци, иновации и идеи во светот). Употребата на сивиот камен го означила и преминот кон проактивен обид за надградба на постоечкиот дизајн.
Иако не е одреден стил, сивиот камен во Чикаго толку е распространет во речиси секое соседство, што практично заслужува своја категорија и покрај фактот што е присутен во различни стилови, како прерискиот, на пример. Примарниот материјал за камењата доаѓа од појас со варовник во близина на Бедфорд, во Сојузната Држава Индијана. Нивната темносива нијанса е извонредно конзистентна и е неверојатно издржлива. Овој градежен материјал може да ѝ се спротивстави на чикашката сурова зима, но и да прифати елаборирани резби. Сивите камења буквално можат да бидат завршени со униформирана мазност или пак да бидат грубо обработени.
Бунгалови
Бунгаловите се во суштината на Чикаго. Тие се толку чести, што кога помеѓу 1983 и 1994 година градот ги истражувал населбите, цели делови со бунгалови биле означени со статус како неподобни. Сега, овој вид на градби е заштитен од 13 различни области наведени во Националниот регистар на историски локации. Бунгаловите продолжуваат да ја привлекуваат средната класа, исто како на почетокот на 20 век. Дефинирани се со ниски кровови и експанзивна предна фасада со широки настрешници. Додека нивниот ентериер нема големи отстапувања, тие можат да бидат обложени со речиси секаков материјал.
Интернационален стил
Стилот се должи на германскиот архитект Лудвиг Мис ван дер Рое кој пристигнал во Чикаго по бегството од нацистичка Германија. До 1960-тите, Мис развил нов стил на Технолошкиот институт на Илиноис и во Чикаго во моментов има повеќе негови проекти од кој било друг град во САД. Творештвото на овој архитект им го отворило патот на другите колеги кон структури од стакло и челик. Оригиналната формула во автентичните градби на Мис потоа била копирана од корпоративна Америка.
Постмодернизам
Постмодерната архитектура на Чикаго е инспирирана и од иднината и од минатото, но и од историските знаменитости на градот. Пример е апстрактно патриотскиот центар Џејмс Р. Томпсон, кој се извлекува од класичните форми, но како да се шегува со својата функција, бидејќи ова е владина зграда која е и трговски центар, или пак обратно? Библиотеката Харолд Вашингтон е исто така на листата, со карактеристичниот кров од стакло и од алуминиум.
Потоа, тука е гаражата Стенли Тајгерман којашто не личи на гаража, туку како преден дел на луксузен автомобил. Постмодернизмот се дефинира со необичните форми, креативната употреба на боите и со поигрувањето со архитектонската традиција, во позитивна смисла.
Арт деко
Рационалната, скалеста зграда на Одборот за трговија во Чикаго е типичен пример на овој стил. Завршена е во 1930 година, а дизајнирана е од Холабрд и Рот (Holabird & Root), фирмата која стои зад многу од знаменитостите на арт деко стилот во Чикаго.
Прериска школа
Додека во првата половина на 1900 години погледите на Даниел Барнам и Едвард Х. Бенет биле свртени кон класичната архитектура и хармоничните јавни простори на европските градови, познатиот архитект Френк Лојд Рајт гордо го претставил проектот на новиот дом на Фредерик К. Роби во Хајд Парк. Работата на Рајт создала радикална „Нова школа на Средниот Запад“ којашто историчарите подоцна ја нарекле Прериска школа, дефинирана со широки, ниски стреи, хоризонтални линии и отфрлање на стиловите од минатото.
Трендот потоа станал популарен и во проектирањето на резиденцијални делови, училишта и згради во паркови коишто ги имитирале рамните површини на прериите на Средниот Запад, со притаени и неутрални бои и текстури, навестувајќи го модерното движење.
Токму Рајт бил опкружен со такви широки предели во родниот Висконсин и во неговото семејство природата се сметала за нешто свето. Но, кога во 1886 година или на 20-годишна возраст пристигнал во Чикаго, љубовта кон природата се судрила со неговиот новопосвоен град, опишувајќи го како огромна мрежа од валкани бучни улици и густ сообраќај. Рајт бил дел од познатото архитектонско студио Адлер и Саливан кое имало важна улога во неговата кариера. Тука научил за флуидната органска орнаментика и за возврат, развил свои геометриски, апстрактни дизајни инспирирани од природата. Рајт е претежно познат по десетиците домови во прериски стил проектирани меѓу 1900 и 1920 година, опишувајќи ги како „дом на градскиот човек во преријата“. Тие биле радикално различни од популарните викторијански домови од тоа време и им се допаднале на сопствениците на куќи од високата средна класа во периодот на таканаречените урбани немири. Со обезбедување на безбеден, приватен и заштитен простор тесно поврзан со локалниот природен пејзаж, Рајт верувал дека овие домови ги обединуваат „човекот, природата и архитектурата“.
Френк Лојд Рајт, еден од најреномираните архитекти во Соединетите Американски Држави, има значително влијание врз Чикаго, каде што се наоѓаат некои од неговите најпознати дела.
Доцен модернизам
Ова се зградите кои во поново време се гледаат на сувенирите за Чикаго и коишто го дефинираат неговиот хоризонт. Синоним за доцен модернизам, се Центарот Џон Хенкок, Кулата Вилис, заоблената кула Лејк Поинт и други. Доцната модернистичка архитектура на Чикаго ги нагласува обликот и моделот. Како и кај интернационалниот стил, стаклото и челикот се примарни материјали, но на крајот, акцентот е ставен на зградата како единствен дизајниран објект.
Милениумски модерен стил
Паркот „Милениум“ е отворен за јавноста во јули 2004 година, со трошоци над планираниот буџет и со доцнење во изработките, но жителите на Чикаго велат дека едноставно вредело да се чека. Паркот е дом на апстрактни скулптури, како Портата на Аниш Капур, и музичкиот павилјон на Френк Гери на отворено, како централна точка.
Милениумски модерната архитектура се развила од широк спектар на влијанија, ја отсликува неприкосновената креативност на архитектите и нивната идеја за потребата од неизбежна поврзаност со природниот свет. Побарајте кули од метал и стакло и доволно високи што изгледа дека всушност ја допираат иднината.
Архитектурата во Чикаго непречено се развива со нови проекти кои ги поместуваат границите на она што е можно. Архитектурата на Чикаго е олицетворение на богатата историја на градот, на енергијата на жителите од различни делови на светот, на блузот, на комедијата, на превкусната храна. Од револуционерните дизајни на Чикаго школата, до органските форми на Френк Лојд Рајт и современите креации на денешницата, архитектурата на Чикаго продолжува да привлекува, инспирира и воодушевува.
Автор: Јулија ВЕЛКОВСКА
(Специјално за Порта 3 од Чикаго)