Насловна / Архитектура / Архитектурата на седмиот круг на пеколот: Три папи и една кралица

Архитектурата на седмиот круг на пеколот: Три папи и една кралица

Појдовниот текст за архитектурата на седмиот круг на пеколот укажа на познатиот конфликт помеѓу реалната потреба од материјални средства (капитал) во рамките на едно општество од една страна и на религиозното верување дека лихварството не е христијански чин. Според ова верување, кое било и/или сè уште е застапено во повеќе религии, позајмувањето пари за лихва не е морално и како резултат на тоа, лихварите ја изложуваат својата душа на голем ризик.1200px-Chiesa_di_san_marco,_firenze_02

Палата Медичи во Фиренца

Тие, односно нивната душа, по смртта ќе заврши во последниот, третиот, прстен на седмиот круг на пеколот посветен на оние коишто биле против Господ, уметноста и природата, а коишто се сместени вечно во големата рамнина на врел песок и постојано изгорувани од „снегулките“ на оган коишто бавно паѓаат од небото.

Како резултат на ваквиот проблем во средновековна Англија со кралска повелба било дозволено да се насели еврејска заедница која ќе ги врши овие банкарски услуги за позајмување пари, преку коишто чин се заштитиле и душите на христијаните од вршење на дејност која е спротивна на нивните религиозни верувања. Оригинално еврејската заедница дошла од Руен, Франција во времето на норманското освојување на Англија предводено од Вилијам Освојувачот (William the Conqueror) кое отпочнало во 1066 година, а со цел тие да помогнат во собирањето на даноци за кралот во пари, а не во натура.

1200px-Chiesa_di_san_marco,_firenze_07

Куполата на Катедралната црква во Фиренца, Санта марија дел Фиоре

Оттука тие по првпат официјално се споменуваат во 1070 година.  Нешто подоцна, Кралот Хенри Први (Henry I of England) кој владеел во периодот од 1100 до 1135 година, во локалните закони го вовел континенталниот принцип дека Евреите и нивните имоти се сопственост на кралот.

Се чини дека ваквиот пристап со Евреите во функција на банкари функционирал веројатно сè до оној момент кога позајмувачите, особено оние поголемите, се соочиле со „проблемот“ дека позајмените пари еден ден ќе треба да се вратат со камата. Ова е веројатно една од причините коишто довеле до состојба во која Евреите не секогаш биле соодветно третирани и покрај тоа што како директна сопственост на кралот ја уживале, барем теоретски, неговата заштита.

1200px-Chiesa_di_san_marco,_firenze_01

Првата јавна библиотека во Фиренца, Сан Марко

Тие понекогаш биле прогонувани, па дури и подложени на масакри или масовни егзекуции во најверојатно монтирани обвиненија и наместени судски процеси сè до нивното официјално протерување од земјата со Едиктот за протерување на Кралот Едвард Први во 1290 година (The Edict of Expulsion, King Edward I, 1290).

По ова дури за време на владеењето на Оливер Кромвел (Oliver Cromwell) во 1656 година било дозволено формирање на еврејска заедница.

За време на својот престој во Англија (1070 – 1290) еврејската заедница преку вршењето на банкарските услуги најмалку индиректно придонела во реализацијата на бројни капитални сакрални и профани објекти коишто во отсуство на можност за позајмување пари веројатно не ќе се реализирале, и барем особено не во нивниот обем и квалитет.

1200px-Chiesa_di_san_marco,_firenze_04

Објектот Сан Марко е декориран со фрески од Фра Анџелико

Протерувањето на Евреите од Англија било проследено со прогонување на оваа заедница и од други земји на Европа, и тоа во голема мерка како последица на крстоносните војни од тој период. Се разбира со прогонот на Евреите од Европа се појавил проблем во однос на тоа кој ќе ја преземе нивната улога на банкари без да се загрози душата на христијаните коишто ќе се занимаваат со ова дејност.

Се чини дека еден од најдобрите одговори на ова прашање произлегол во Италија во ренесансниот период во олицетворение на прочуеното семејство Медичи (Medici) коешто оставило траен белег на овој историски период, а од чиишто редови произлегле дури три папи и една кралица на Франција.

Семејството Медичи основале Банка Медичи (Medici Bank) во Фиренца, Италија која функционирала во периодот од 1397 до 1494 година.  Во времето на својот зенит се смета дека оваа банка била и најголемата и најреномираната во Европа, којашто во тој период го направила семејството Медичи да биде најбогатото семејство во Европа.

Банката Медичи го доживеала својот најголем подем во времето на управувањето со банката од страна на Козимо ди Џовани де Медичи (Cosimo di Giovanni de’ Medici) во почетокот на XV-от век.  Козимо се смета за основач на политичката династија на Медичи и за, ефективно, господар на Фиренца за поголемиот период од италијанската ренесанса, којшто постхумно бил прогласен за татко на нацијата.

1200px-Chiesa_di_san_marco,_firenze_03

Внатрешноста на Палатата Медичи

Со оглед на тоа дека бил банкар и дека неговиот приход бил резултат на позајмување пари со лихва тој христијанското спасување на својата душа по смртта го гледал преку неговото несебично спонзорирање на културата и уметноста во времето на ренесансата, коешто дало голем придонес во културното и уметничкото збогатување на Фиренца.

Во овој контекст Козимо го ангажирал младиот и надежен архитект и скулптор Микелоцо ди Бартоломео Микелоци (Michelozzo di Bartolomeo Michelozzi) којшто работел како архитект за семејството Медичи во период од околу 40 години и како резултат на тоа се смета за основоположник на ренесансната фиренциска палата. Секако како најмаркантен објект од овој вид се смета Палатата Медичи (Palazzo Medici) изградена во периодот помеѓу 1444 и 1484 година. Инспирирана од класичната римска архитектура и принципите на Брунелски се смета дека Палатата Медичи е олицетворение на ренесансниот дух карактеризиран со рационалност, ред и примена на класицизам во човечка мерка.

Камената фасада на објектот јасно е дефинирана со два силно изразени хоризонтални венци коишто јасно го одбележуваат преминот од еден на друг кат. Комбинацијата на катови коишто се намалуваат во височина од приземјето нагоре и кај кои обработката на камената фасада која од најристична на приземјето се искачува кон порафинирана на погорните катови овозможува овој масивен објект да се чувствува полесен како нашиот поглед од приземјето кон кровниот венец на објектот. Надворешната масивност на палатата е спротивставена на релативната леснотија на внатрешноста на објектот доминирана од внатрешниот атриум опкружен со колонада инспириран од манастирските дворови.OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Преку овој пристап семејството Медичи добило масивна палата којашто е одраз на нивната моќ, но со релативно скромна надворешна фасада која не ја отсликува моќта на семејството, која повеќе е видлива во внатрешноста на објектот. Во рамките на палатата се наоѓа и Капелата Маги (Magi Chapel) позната според фреските на Беноцо Гоцоли (Benozzo Gozzoli) завршена во 1459 година, а во која се насликани портрети на семејството Медичи претставени како патуваат низ Тоскана по угледот на библиското патување на трите мудри старци.

Веројатно како врвен гест на спонзорство на Козимо се смета она кое му овозможило на архитектот Филипо Брунелски (Filippo Brunelleschi) да ја заврши куполата на Катедралната црква во Фиренца, Санта Мариа дел Фиоре (Santa  Maria del Fiore). Во доменот на профаната архитектура Козимо го дал својот придонес и преку спонзорството на првата јавна библиотека во Фиренца, Сан Марко (San Marco), која се наоѓа во истоимениот комплекс реконструиран од страна на архитектот Микелоци во периодот од околу 1437 до 1444 година.

Самата библиотека се наоѓа во рамките на самостанот којшто е составен дел на комплексот заедно со црквата.  При ова во рамките на самостанот била изградена посебна монашка ќелија за Козимо.  Објектот е декориран со фрески од Фра Анџелико (Fra Angelico), Боноцо Беноци и други.

Катедралата во Линколн, Палата Медичи, куполата на Санта Мариа дел Фиоре, реконструкцијата на комплексот Сан Марко во Фиренца, се само дел од ремек-делата на архитектурата на средниот век и ренесансата коишто можеби не ќе се реализирале доколку не постоел конфликтот помеѓу потребата од материјални средства (капитал) и религиозното верување дека лихварството не е христијански чин, а којшто резултирал во исклучителната „архитектурата на седмиот круг на пеколот“. (Продолжува)

Испрати коментар

Scroll To Top