Поемата „Комедија“, попозната по подоцнежниот наслов „Божествена комедија“ се смета за ремек-дело на светската литература, најголемата поема на средниот век и најголемата литературна творба напишана на италијански јазик. Истата го има прославено својот автор, поетот од доцниот среден век, Дуранте де (Данте) Алигиери [Durante degli (Dante) Alighieri, c.1265–1321]. Оваа епска поема е составена од три дела: „Пекол“, „Чистилиште“ и „Рај“ коишто алегориски го прикажуваат патувањето на душата кон Господа. Во ова творба особено се истакнува литературниот опис на пеколот прикажан преку „патување“ на авторот предводено од староантичкиот римски поет Виргил, а коешто алегорично го опишува признавањето и отфрлањето на гревот. Пеколот е прикажан како девет концентрични кругови на измачување лоцирани во внатрешноста на (планетата) Земја, при што седмиот круг е посветен на насилството и овој круг е поделен на три прстени. Првиот е посветен на оние коишто биле насочени против своите соседи и ги вклучува убијците, предизвикувачите на војни, ограбувачите и тираните коишто вечно се потопени во реката на зовриената крв. Вториот прстен е посветен на оние коишто кренале рака на себе чиишто души се трансформирани во деформирани бодликави дрва, коишто ги хранат страшни птици со клунови и лица на жени. Последниот, третиот прстен е посветен на оние коишто биле против Господ, уметноста и природата, коишто вечно се сместени во голема рамнина од врел песок и постојано изгорувани од „снегулките“ на оган коишто бавно паѓаат од небото. Лихварите се оние коишто биле против уметноста (внуката на Господ), коишто плачат клечејќи стуткани. Во минатото лихварството во многу религии се сметало, а во некои сè уште се смета за голем грев затоа што ја искористува несреќата на другите и неетички или неморално го збогатува заемодавачот на сметка на заемоземачот преку наплаќањето камата.
Оттука во минатото, стравот за тоа што ќе се случи со нивната душа по смртта резултирал во невообичаени пристапи, како резултат на кои човештвото станало вековно збогатено со исклучителни уметнички и архитектонски творби.
Една од најпознатите цркви во Велика Британија е Катедралата во Линколн (Lincoln Cathedral), официјално Катедралната црква на благословената дева Марија од Линколн (Cathedral Church of the Blessed Virgin Mary of Lincoln). Станува збор за 148 метри долга и 83 метри широка црква, која е трета по големина во Велика Британија по оние на Св. Пол (St. Paul) во Лондон и Јорк Минстер (York Minster) во Јорк.
Веројатно таа е најпозната во поново време по тоа што во неа се снимени делови од филмот „Кодот на Да Винчи“. Во зависност од изворот, изградбата на црквата започнала во 1088 или во 1092 година и продолжила во повеќе фази во текот на средниот век. Во 1311 година врвот на централната шилеста купола на црквата се смета дека се издигал 160 метри над почвата, со што објектот станал највисок објект во светот и по скоро четири милениуми го преземал приматот на 146 метри високата Голема (Кеопсова) пирамида во Гиза, Египет. Катедралата го задржала својот примат цели 238 години сè до 1549 година кога централната шилеста купола била уништена во големо невреме, а потоа никогаш не била обновена.
Сите катедрални цркви коишто го носеле приматот на највисоки објекти во светот по катедралата во Линколн всушност не успеале да ја надминат оригиналната висина на катедралата од 1311 година сè додека во 1884 година не бил изграден 164 метри високиот камен обелиск на Споменикот во Вашингтон, САД (Washington Monument).
Со оглед дека лихварството и позајмувањето пари било забрането за христијаните, на евреите им било дозволено да се доселат во земјата и да се занимаваат со оваа професија. Притоа евреите биле сопственост (кметови) на кралот и биле заштитени од него во извршувањето на оваа професија, додека кралот вообичаено го одредувал нивото на каматата која ќе биде наплатена за позајмицата. Линколн, бил еден од најпознатите градови со еврејско население во кое особено се истакнувал Арон, којшто специјализирал во позајмувањето пари за изградба на манастири и други верски објекти. Како резултат на своите финансиски активности се смета дека тој бил најбогатото лице во земјата, дури и побогат од кралот, и се споменува како првото лице, кое не е благородник, да живее во куќа изградена од цврст материјал, во овој случај камен. Сè уште постои жива дебата дали и во која мерка изградбата на Катедралата во Линколн била потпомогната со позајмица од еврејската заедница, но се смета дека поверодостојно е тврдењето дека палатата на бискупот на Линколн била изградена со една ваква позајмица.
Се разбира дека благородниците, повисоките свештеници и обичните луѓе биле заинтересирани да позајмат пари и да си го подобрат својот живот, но се чини дека не биле толку среќни нив да ги вратат. Се смета дека ова довело до настан пред 762 години којшто се случил на 25 август 1255 година во Линколн и трајно ги променил односите меѓу верските заедници во градот. На тој ден осумгодишното детенце Хју (Hugh) исчезнало додека си играло, за подоцна да биде пронајдено мртво во бунар. Пронаоѓањето на телото на детенцето резултирало во гласини дека тоа било отепано во рамките на ритуално убиство од припадниците на тамошната еврејска заедница за тие наводно да ја користат неговата крв во своите верски обреди, коешто се разбира не било точно.
Истражувачите укажуваат дека уште во раниот XIII век високите христијански свештеници вклучително со некои од папите укажувале дека не станува збор за ваква религиозна пракса во рамките на еврејската заедница. Во Линколн ваквите обвинувања резултирале со затворање на 90 припадници од еврејската верска заедница коишто биле однесени во Лондон во притвор во очекување на судскиот процес. Резултатот од вака исконструираното обвинение и судскиот процес бил очигледен: 18 од затворените евреи биле осудени на смрт и погубени со бесење додека преостанатите биле задржани во затвор повеќе месеци додека еврејската заедница во земјата да собере огрома сума пари за откуп на преживеаните затвореници. Ова не бил единствен случај од овој вид.
Така на пример, претходно на 16-ти март 1090 година во Јорк, седиштето на Јорк Минстер, втората најголема црква во Британија, се случил масакар во кој скоро целото еврејско население на градот (околу 150 лица) било запалено живо додека барало засолниште во кралската палата. Ним не им помогнал фактот дека тие биле кметови на кралот и како резултат на тоа ја уживале неговата заштита. Овие незамисливи настани се случувале во периодот на крстоносните војни кога еврејското население во Европа било подложено на големи антисемитски чувства, малтретирање и прогон.
Истражувачите сметаа дека вистинската причина за судењето на 90 евреи од Линколн, веројатно како и секогаш била парите. Со оглед дека евреите биле кметови на кралот, сите долгови кон нив, технички биле долгови кон кралот. Во тој период кралот Хенри III (Henry III) имал голема потреба од пари, така што тој ги продал своите права врз евреите на војводата од Корнвол (Duke of Cornwall). Во тоа време законот бил таков да секое лице кое е осудено и погубено го губи правото на целиот свој имот којшто автоматски станува сопственост на кралот. Така ова случајно или намерно овозможило имотот и исплатата на долговите кон евреите повторно да се пренасочат кон кралот наместо кон војводата од Корнвол. Се разбира дека кралот не бил единствениот добитник во овој случај. Со оглед дека затворениците поминале месеци во затвор, тоа овозможило не само нивните имоти да бидат ограбени, туку и записите за долговите да исчезнат, што секако било во интерес на должниците.
Она што е фасцинантно е дека христијаните повеќе се плашеле од тоа што ќе се случи со нивната душа во задгробниот живот доколку се занимаваат со лихварство, отколку што ќе се случи со нивните сограѓани евреи коишто биле подложени на лажни обвинувања, егзекуција, ограбување и прогон.
Се разбира ова е краток приказ за турбулентната историја на средниот век во Велика Британија која веројатно барем во одредена мерка придонела и резултирала со една од најголемите и најзначајните катедрални цркви во земјата – Катедралата во Линкол, за која еминентниот викторијански писател Џон Раскин напишал дека станува збор за едно од највредните архитектонски творби на територијата на британските острови. Во оваа катедрала позната по своите „луди“, оригинални и експериментални, сводови се чувала една од трите преостанати копии на Магна Карта.
(Продолжува)