Насловна / Архитектура / Архитектурата му припаѓа на архитектот

Архитектурата му припаѓа на архитектот

За интервју со Георги Константиновски повод секогаш има, но овoј пат тоа се насобраните случувања од годинава: излезе неговата извонредна автобиографска книга „Патот на еден архитект“, но и збирка на архитектонски дела, хронологија на еден извонреден опус; признанието на архитектонската фела; стана почесен член на МАНУ.kir_2176

Георги Константиновски, архитект, професор, академик што е најзначајното за Вас?

-Она за коешто сум се посветил во животот е да бидам, пред сè, архитект. Звањето професор се стекнува после постепеното напредување во службата, почнувајќи со работа како асистент на Архитектонскиот факултет кога бев примен по завршувањето на матурата со највисок просек во Република Македонија. Титулата почесен член во МАНУ доаѓа како плод од следењето на мојата активност на полето на архитектонското творештво.

Зошто aрхитектурата немаше свој претставник во Академијата на науки и уметности, а се фалиме дека сме ГРАДИТЕЛСКА НАЦИЈА?

-Пред 14-15 години, на Наставничкиот совет на Архитектонскиот факултет бев предложен како единствен кандидат за редовен член на МАНУ, но како вообичаено, овој предлог беше миниран од тогашната Управа на факултетот!? Дека сме градителска нација, треба да се прочитаат трите тома „Градителите во Македонија XVIII-XX век како и XVIII-XXI век“ од авторот Георги Константиновски застапени со 937 страници и со неколку стотини имиња!

Многу проекти, изведени објекти, конкурси…

-Во мојата домашна документација стои дека сум изработил 517 проекти во кои влегуваат реализирани објекти, нереализирани проекти, конкурсни трудови и истражувачки проекти од областа на ниската и високата станбена структура, која се протега сè до мегаструктурите!

Кој Ви е најдраг проект?                                       

-Секако дека прво место од проектите ја зазема мегаструктурата „Земја-планета“ со висина од 50 ката.10923397_1574937899391103_6866020809008231768_o

Архив на град Скопје

sken

А изведен проект?

-Мој најдраг изведен проект е објектот на Архивот на град Скопје, изграден на аголот од булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Московска“ изведен во 1967 година.

Имате ли најдраг конкурсен труд?

-Како мој најдраг конкурсен труд го сметам конкурсот за Градското собрание на Скопје, кога ја добив единствената прва награда од 20-ина пристигнати трудови од сите наши еминентни архитекти.

sken-2

Ве паметам како професор од златната генерација професори  од Архитектонскиот факултет: Борис Чипан, Петар Муличковски, Љубомир Томиќ, Живко Поповски… , сигурно ќе пропуштам некои имиња. Дали од таа силна гарнитура професори и архитекти произлегоа квалитетни генерации на архитекти и, пред сè, добри професори на Архитектонскиот факултет?

-Кога е во прашање златната генерација на Архитектонскиот факултет, тоа е времето кога беа активни професорите Антон Улрих, Валдемар Балеј, Јован Ранковиќ, Ѓуро Анцел, Сотир Томоски, Кирил Жерновски…

Kаде се архитектонските студии во последните дваесетина години, дисперзираните и новоотворени факултети?

-По однос на прашањето за студиите по архитектура, во последниве години квалитетот е спуштен на најниско можно ниво!

Кој од големите американски архитекти имаше директно влијание на правецот по кој продолживте во Вашиот архитектонски пат?

-По магистрирањето на Школата за уметност и архитектура на Јелскиот Универзитет, на мојот понатамошен развој најсилно влијание извршија архитектите Пол Рудолф, Сергеј Чермаеф, Јо Минг Пеј и Луи Кан.

Брутализмот како правец мнозина во светот не го сакаат, иако во еден период од минатиот век светската архитектура произведе многу значајни дела. И Вас ве препознаваме како главен промотор на брутализмот на овие простори.

-Брутализмот како правец во современата архитектура се јавува уште во делата на Ле Корбизје, посебно во делата на Луи Кан, потоа кај Пол Рудолф, Јо Минг Пеј, Марсел Броер и редица други големи архитекти. Неговата распространетост доаѓа како резултат на тоа што природниот бетон (од италијанскиот збор БРУТА со значење ровак бетон што се сипе во калапи – шаблони) не само што може да се обликува во севозможни форми, туку што е уште позначајно, тој е и најевтиниот материјал за градба! Како пример ќе го наведам Студентскиот дом „Гоце Делчев“. Кога објектот се заврши, неговата цена изнесуваше 3.500.000 ден/м2, додека во исто време еден хотел од „Б“ категорија изнесуваше од 8.500.000 до 11.500.000 ден/м2! Ете зошто брутализмот зеде толкав замав!

401

Студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје

Темата – центарот на Скопје е многу експлоатирана. Како се однесувате Вие кон него?

-Јас лично избегнувам да го гледам сегашниот центар на градот Скопје, а доколку сум сретнал голем број граѓани и посебно архитекти – тие сите го избегнуваат да го гледаат центарот на Скопје!

Проектот за Градска куќа и обликување на строгиот центар на Скопје (во време на градоначалникот Методија Андов), кој за жал не се реализираше, по мое скромно мислење можеше да биде Ваш најзначаен проект, што ќе ја променеше, МОЖЕБИ, подоцна, пародијата од проектот Скопје 2014.

-Во право сте кога го споменувате проектот за Градската куќа на Скопје. Тој објект со својата архитектура и урбанистичка поставеност, силно ќе влијаеше на подоцнежниот развој на центарот на градот!1280px-asnommemorialcenterpelince-free

Комплекс на АСНОМ во Пелинце

Зошто фелата и пред сè, според  мене, Архитектонскиот факултет како МАТИЦА, не успеаја да го спречат создавањето и реализацијата на проектот „Скопје 2014“. Знам дека и лично бевте прилично ангажиран во борбата?

-Не знам дали Архитектонскиот факултет како државна институција би можел да влијае на спречување на проектот „Скопје 2014“. Борбата против тоа зло се водеше од поединци. Јас бев доста активен. Но капка во море ништо не значи!

Нè очекува борба за спречување на „барокизација“ на ГТЦ – симболот на градот за сите генерации. Архитектонската фела и граѓаните на Скопје се организирани во одбрана на својот симбол. Ке успеат ли да го сочуваат?

-За зачувување на архитектурата на ГТЦ стои целиот народ! Тој ќе остане таков како што е, достојно архитектонско дело на современата архитектура!

spomen-dom-za-razlovechkoto-vostanie-vo-razlovci

Спомен дом на Разловечкото востание во село Разловци

И натаму сте активни со студиите за високите станбени структури – Пиростела и Пиродонија?

-Уште од 1986 година, кога се појавија моите мегаструктури „Пиранса“, „Пирастела“ и „Пирадонија“, работам неуморно на т.н. мегаструктури. До сега сум проектирал 76 мегаструктури. Посебно сум активен во оваа 2016 година! Ги сметам како објекти на иднината!

За кој проект сте особено врзани, а сепак не успеа да се изведе?

-Болка ми е Градската куќа на Скопје, што остана на хартија како главен проект!

Има ли тема што не ја спомнавме?

-СЕ ИЗМАЧИВ СО ПИШУВАЊЕТО!!!

Професоре, Ви пожелувам уште многу години творечки живот и виталност која ја поседувате, која фасцинира и е пример за секој архитект.

img108

Архитектурата отсекогаш била одраз на општествениот развој

Свесен сум дека архитектурата му припаѓа исклучително на архитектот. Но исто така сум свесен дека архитектите отсекогаш, во сите историски периоди, им служеле а и сега им служат на инвеститорите за да ги реализираат нивните замисли. Свесен сум дека постојат образовани и недоволно образовани инвеститори, но исто така сум свесен дека постојат талентирани и образовани архитекти, како и недоволно образовани и неталентирани архитекти. Оваа сурова реалност, речиси постојано била присутна и секогаш го следела архитектот што бил во стегите помеѓу таа реалност и сопствената имагинација. Оттука, како производ на сето ова, се јавува добра и лоша архитектура. Колку е едно општество на повисок културен степен, толку е и архитектурата на повисоко ниво. Затоа архитектот задолжително треба да ја познава архитектурата на изминатите цивилизации за да може со своите проекти самиот да се лоцира во времето во кое твори. Со други зборови, архитектурата отсекогаш била одраз на општествениот развој, односно на духовните движења на човековата мисла. Притоа, архитектурата за архитектот, без каков било мит или метафизика, отсекогаш била „вечен авторитет“.

Како архитект, во својот творечки опус отсекогаш сум тргнувал од два услови: комплетни информации за локацијата на која треба да се гради објектот, и од проектната програма која треба да биде јасно дефинирана. Овие услови се општо важечки за сите архитекти, но квалитетот на добиеното крајно решение, сепак зависи од духовната изграденост и од талентот на творецот.

Им забележувам на помладите архитекти, кои сè уште се недоволно изградени и без пракса, да го преземат одговорниот ризик на проектирање објекти со коишто го нагрдуваат лицето на градот.

Им забележувам на инвеститорите кои претежно се лаици, да ги злоупотребуваат младите архитекти да им ги реализираат преку проекти нивните сомнителни желби за понижувачка цена. Негативните последици од таквиот приод се двоструки.

(Од книгата „Патот на еден архитект)

djordji-konstantinovski-arhitekt-5

 

3 коментари

  1. Даниела

    Каде може да се купи книгата?

  2. Даниела

    Fala na info. Cenava iznenaduvacki povolna

Испрати коментар

Scroll To Top