Насловна / Архитектура / Архитектурата како игра

Архитектурата како игра

Студиото Реморкер од Белград го основале Душица Опарница и Марко Корошец пред пет години. Во почеток неколку ентузијасти почнале со мали пректи за денес да се веќе препознатливи, а најмогу по реконструкциите на фасади на два деловни објекта. Основачите на младиот тим кој денес брои десетина членови за своите искуства и погледи на архитектураата раскажуваат во ова интервју.

Remorker Architects team

Кои ви се актуелни проекти?

Во моментов го завршуваме проектот за поранешната фабрика на „Беко“, каде се работи на пренамена на објектот во деловна зграда со површина од 20.000 квадратни метри, категорија А, со две нивоа co-working простор со 450 работни места. Последниве години, најмногу сме ангажирани на проекти за реконструкција. Моментално развиваме уште еден идеен проект за зграда во „Македонска улица“ во Белград и почнуваме проект за обнова на управната зграда на Белградскиот саем.

Bulevar 79 - 19.2.19 - full res - 04

„Булевар 79“, фото: Милош Мартиновиќ

Добитници сте на Наградата на град Белград во 2018?

Наградата ја добивме за објектот Булевар 79, иако и зградата Ресавска 31 беше номинирана. Професорката Љиљана Благојевиќ ги селектираше тие два објекта и на крајот Булевар 79 доби награда, што многу нè израдува, бидејќи главно Наградата на град Белград ја добиваа професори. Ова ни донесе доста работа, иако не размислувавме дека наградата ќе ни донесе публицитет и популарност. Луѓето веќе го имаа видено проектот, веќе го знаеа, а сега само го поврзаа делото и авторот.

Bulevar 79 - za katalog - 03a

Bulevar 79 - za katalog - 01A

„Булевар 79“, фото: Милош Мартиновиќ

Што можете да ни кажете за студиото Реморкер (Remorker Architects)?

Студиото го основаа во 2014 година Марко Корошец и Душица Опарница како партнери кои се занимаваат со фриленс. Набрзо дојде и колегата Дарко Рашета, по околу една година студиото се зголеми на шест, а потоа на десет луѓе. Во старт тоа беше финансиски нереално, имавме обем на работа за десет луѓе, но не и финансиски средства за тој број на луѓе, меѓутоа заеднички вложениот труд и напор донесе резултати. Велат дека петтата година во работењето е најдобра, така дури сега ги береме плодовите на својата работа. Подолго време сме десет вработени архитекти. Ние не сакаме да станеме компанија, сакаме да имаме авторски проекти, а не да произведуваме архитектура „како на лента“.

Bulevar 79 - za katalog - 05

„Булевар 79“, фото: Милош Мартиновиќ

Вашата идеја е студиото да функционира како мал културен центар?

Тоа беше почетната идеја, од причина што во старт немаше работа за десет луѓе, па така организиравме разни содржини кои имаа за цел да создадат тимски дух. Организиравме проекции, забави и други случувања. Со тек на време тоа стана потешко, бидејќи фирмата се развиваше, но ние и понатаму се трудиме да го одржиме тој дух, организираме тимбилдинзи. Токму во моментов работиме за Ред Бул Флугтаг, правиме летала покрај проектите кои ги имаме. Тоа го одржува тој креативен момент и дружење, не е сè само работа, рокови и работно време. Сите работат многу и подолго, бидејќи чувствуваат дека ова е нешто нивно, без оглед на тоа дали имаат помал или поголем придонес.
Секој проект главно го води некој тим, ние сите членови на тимот ги потпишуваме на проектот, бидејќи тоа на крајот и е така, некогаш некој не почнува од почеток, но потоа влијае на развојот на проектот. Од идеја до реализација проектот трпи многу промени, немаат сите исти афинитети, некој е подобар во процесот на разработка, некој е подобар во исцртување детали. Кога ќе добиеме проектна задача, сите се присутни и разговараме во која насока би оделе. Често за некој поголем проект имаме интерен конкурс во нашето студио, каде секој дава свој предлог и потоа се определуваме кој проект ќе го развиваме. Нашата најголема предност е тимската работа. Ние добро се забавуваме додека го работиме ова што го работиме, сакаме да ни биде забавно и така се поставивме од самиот почеток. Не се плашиме од неуспех, подобро е да не успееме и од тоа извлечеме заклучок. Ние пружаме отпор кон инвеститорска архитектура, кој нема слух за современа архитектура оди на друго место, бидејќи на крајот никој не е задоволен.

Resavska 31 - za katalog - 02

„Ресавска 31“, фото: Милош Мартиновиќ

Како ја гледате професијата архитект денес во Србија?

Денес е поинаку отколку пред пет години, состојбата на економијата е поинаква, ситуацијата е подобра. Пазарот малку се отвори, сега има работа, порано немаше. Нашата струка сепак е доста деградирана, не знам кога почнало тоа, веројатно немало доволно работа за архитектите, па цените се спуштиле. Зборот архитект денес е далеку подеградиран од времето на „старата школа“, т.е. времето на нашите професори. Тешко е, тежок е нашиот пазар и менталитет каде сите мислат дека сè знаат најдобро. Архитектот мора да го брани својот идеен концепт, бидејќи често се појавуваат луѓе кои се обидуваат да наметнат свое решение. Ние се уверивме дека ако вложите труд, ако се дадете себеси, дека тоа на некој начин ќе ви се врати. Постојат млади тимови на автори, што не беше случај пред десетина години, кога сите работи ги добиваа нашите професори.

DSC_0871

„Ресавска 31“, фото: Милош Мартиновиќ

Еден од двата објекта за кои ќе говориме е деловниот објект Ресавска 31. Каков концепт се наоѓа зад проектот?

За двете згради стануваше збор за повикан конкурс. Инвеститорот реши, имаме две згради, сакаме нови фасади, нов ентериер, ве повикавме вас и уште неколку архитектонски бироа. Нашата работа беше за два месеца да дадеме предлог за фасадите за двете згради. Тука победивме на двата конкурса на кои имавме апсолутна слобода да предложиме што мислиме дека е најдобро. Инвеститорот има доста „слух“ за архитектура, по тој идеен проект тие не се обидуваа да отстапат од концептот. Бевме вклучени и во изборот на изведувачи и добавувачи, за резултатот да биде најдобар. Најголем проблем на тој постоечки објект беше влезот, кој претходно беше неистакнат и делуваше како да се влегува во подземна гаража. На влезот го ставивме главниот акцент на зградата, се ослободи аголот, целата визура е подобра, конструкцијата е „полесна“, столбовите сега се високи и видливи. Посебен ефект е постигнат со вовлекување на тој екстериер во ентериерот.
Таа зграда имаше многу недостатоци, имаше доста статички проблеми. Со фасадата доминираат вертикални брисолеи, ние во основниот концепт анализиравме како корисниците ја перципираат зградата. Ресавска не е толку широка ниту е објект кој се согледува лесно. Се обидовме да направиме разиграна фасада, сликата која ја гледаме да се менува кога луѓето се движат по улицата. Ефектот требаше да се постигне преку брисолеи и принтот кој се наоѓа на стаклото. За жал тој принт излезе многу тенок за да се види ефектот. Тоа е една од нашите поуки, не успеавме да го реализираме главниот концепт, зградата излезе многу убаво, но не успеа она што на почеток го замисливме.

Resavska 31 - full res - 04a

„Ресавска 31“, фото: Милош Мартиновиќ

Што можете да кажете за објектот Булевар 79?

Тој објект има добра интегрираност во опкружувањето, тоа беше добро проектиран објект. Ние сакавме да го унапредиме објектот, но да ги задржиме квалитетните елементи. Она што е променето е приземјето, потполно го отворивме, влезот е променет, па главниот габарит уште повеќе доаѓа до израз. Објектот како да лебди, има карактер како слободностоечки објект иако е во низа и интегриран е во околината. Фасадата е дупла, покрај прозорците постојат и вертикални и хоризонтални брисолеи во оваа форма, што е последица на локациските услови, според кои е дозволено само 50 отсто од фасадата да биде испуштено како еркер. Па така ние еден дел исфрливме надвор, а другиот го оставивме во рамнина. Бидејќи станува збор за јужна фасада, таа бара заштита од сонце, но таа игра е добиена со преминување на фасадата од рамна во тродимензионална, како што бараа и локациските услови. Нашата првична идеја беше целата фасада да биде исфрлена, но сфативме дека тоа е невозможно, па направивме бран кој придонесе фасадата да биде различна од лева и од десна страна. Добивме една лесна структура, петтиот и шестиот кат нагласени се посебно, да изгледа како зградата да оди во висина, тоа претставува еден вид венец. На фасадата има перфорации на местата каде што се прозорците. Таму каде што има прозорец ставивме перфорирано пано, бидејќи прозорци беа потребни, на тие места ги маскиравме, така што прозорците можат целосно да се отвораат, а не мора да имаат пред нив ограда. Перфорациите внатре прават многу убава игра на светло и сенка. И за двете фасади одевме кај изведувачите за да видиме како можат да се реализираат. За Ресавска 31најдовме изведувач по три-четири понуди, беше проблематично да се направат брисолеите од два до еден сантиметар. За објектот Булевар 79, беше голем проблем бидејќи никој не сакаше да го работи тоа. Беше многу тешко да се најде некој, бидејќи секој елемент е различен. На крајот успеавме, изведувачот објектот го виде како предизвик и денес се многу горди на тоа како изгледа фасадата.

Sojenica

мала куќа кај Прогар, фото: Реља Иваниќ

Направивте и проект за мала куќа на река?

Станува збор за мала куќа кај Прогар, 35 километри од Белград. Тоа беше наш прв објект кој е забележан. Куќата е завршена пред две години, тогаш во струката малку се слушаше за нас. Куќата е на наш долгогодишен клиент, па имавме прилика да си дадеме оддишка. За овој објект ја добивме наградата Big See Wood Award 2018 во Словенија.

Sojenica

мала куќа кај Прогар, фото: Реља Иваниќ

Photo by Milos Martinovic 03

Photo by Milos Martinovic 04

Photo by Milos Martinovic 05

мала куќа кај Прогар, фото: Милош Мартиновиќ

Испрати коментар

Scroll To Top