На неодамна одржаната Белградска недела на дизајн, гостуваа многу еминентни експерти од различни области на дизајнот. Од архитекти, преку графички дизајнери сè до дизајнери на храна. Архитектонскиот дел го збогати со своето предавање и данскиот архитект Ким Херфорт Нилсен од познатото архитектонско студио 3XN . Ова студио претставува собир на креативни поединци кои заедно со сопствениот огранок GXN работат на најразлични проекти во Данска и надвор од неа.
Нилсен ги претстави битните проекти кои ја дефинираат работата на ова архитектонско биро, како и принципите по кои настанале тие проекти. Во центарот на нивната архитектура е ставен самиот корисник. Со своите архитектонски решенија, од една страна ги поттикнуваат корисниците на приспособување на однесувањето, а од друга страна се грижат за можностите на интеракција на корисникот. Заради сето ова, двата основни елементи на архитектурата на ова биро се преклопувачките нивоа на атриумскиот простор; првиот – каде корисниците водат сметка за тоа да не им пречат на другите со својата појава, и вториот – карактеристичниот елемент на вертикална комуникација, скалите, каде што се извршуваат најсрдечните разговори. Комплексната форма на градбите и ентериерските решенија ја следат функцијата на објектот, кој во фокус го става корисникот, на чие однесување влијае а на барањата се приспособува.
Можете ли да ни кажете кој е Вашиот дел од работата, со оглед на тоа што сте единствен од четворицата партнери кој е креативен директор во студиото?
– Јас имам генерална одговорност за архитектурата, немам своја посебна канцеларија туку седам заедно со партнерите и нашите бироа се споени. Така, сите знаат што работат сите. Секогаш имаме три или четири конкурси на кои работиме, и тоа секогаш се повикувачки конкурси. Понекогаш работиме и јавни конкурси, но многу ретко. Не ми се допаѓа кога на конкурс ќе пристигнат преку илјада трудови, тоа едноставно не функционира. Со задоволство работиме мали конкурси каде има неколку повикани и за кои сме платени. Еден од таквите конкурси беше и нашиот проект во Сиднеј, каде што беа избрани шест студија од цел свет. Ние заедно ја развиваме идејата, а за тој проект во Сиднеј ја имав идејата во старт. Секако, имаме и тим од неколку луѓе кои ги читаат условите, ги работат скиците и макетите. Тогаш расправаме за тоа. Потоа, долго време работиме на два или три правци, додека не избереме еден правец во кој ќе работиме. Никогаш не зборуваме лошо за идеите, туку единствено за добрите работи кај нив. Ако работите не се добри да се зборува за нив, тогаш не зборувајте за нив. Важно е да не зборувате лошо за идеите бидејќи, ако се обидете да ги убедите останатите зборувајќи лошо за другите идеи, никогаш нема да успеете. Некогаш одите многу напред и на крај сфаќате дека почетната идеја била најдобра. Не верувам во принципот главниот архитект да ја направи скицата, и потоа останатите од скицата да направат проект. Архитектурата доаѓа од анализите, што ќе се случува во зградата, како луѓето ќе работат или живеат таму, тоа не може да биде една скица, тоа мора да биде анализа.
Bella Sky
Денес сте во Белград, за пет дена сте во Сиднеј, дали е тоа нормален работен ритам за Вас?
–Преку осумдесет отсто од нашите проекти се надвор од Данска, па затоа патувам многу често. Понекогаш тоа е проблем, но моите соработници комуницираат со мене секој ден, ми ги праќаат работите и јас им давам коментари. Тоа на некој начин е пинг-понг, но е многу важно да бидете присутни. На некој начин ментално сум присутен а физички не сум. На патувањата добивам инспирација. Следниот пат кога ќе одам во Сиднеј, ќе имам повеќе време и можеби ќе одам да ронам и да ги видам коралните гребени. Таму сега почнува лето, и тоа е добро.
Swedbank
Можете ли да го дефинирате методот по кој работите?
-Секако, може да се каже дека правиме многу физички модели, макети. Имаме два ласери кои работат нонстоп. Прво почнуваме да работиме мали и потоа сè поголеми макети, а правилото е да ги чуваме сите. Ние ништо не фрламе, и тоа е една од причините што наскоро ќе мораме да ја промениме локацијата. Многу може да се научи од макетите, како фукционира проектот. Сето тоа може да се нарече една еволуција, па дури и кога нема да победите на конкурс, некои од идеите можат да се искористат на следниот конкурс. Затоа е многу битно да се сочува она што го работиме.
Stadshuis Nieuwegein
Вие не сте глобална компанија која има архитектонско студио во Европа и друго во Кина, како што е тоа денес популарно?
–Јас тоа не го разбирам, како може тоа да фукционира. Ние имаме архитектонски студија кои работат обработка на проекти, имаме едно во Стокхолм, ќе имаме едно во Сиднеј заради новиот проект. Ако добиеме работа во Њујорк, што може да се случи, ќе отвориме и таму студио. Креативниот дел, првите скици и идеи ќе бидат направени во Копенхаген.
Orestad College
На кои проекти работите моментално, освен проектот во Сиднеј што го прикажавте на конференцијата?
–Го работиме седиштето за ИРЦ, тоа е проект кој не можев да го презентирам. На него работиме веќе три месеци. Секако, тука е и големиот проект во Сиднеј. Освен тоа има многу проекти кои доаѓаат, а и многу проекти во Стокхолм. Од 2008 година почнавме да работиме надвор од Данска, и оттогаш имаме најдобра деловна година. Последнава година беше апсолутно најдобра досега. Ние моментално растеме.
Како би го дефинирале Вашиот пристап, Вашиот стил ако воопшто постои?
–Постои одреден вид на стил кога работите на начин на кој ние работиме, учиме од моделите што претходно сме ги направиле. Секако, постојат некои основи како работиме со просторот, како работиме со формата или фасадата. Не дека сакаме да бидеме ограничени со стилот, туку повеќе начинот на кој работиме создава одредена идеја. Формите на нашите проекти се многу разновидни, а тоа е многу важно бидејќи барањата на клиентите се секогаш различни, па ако се обидете тоа да го решите на ист начин, нема да можете да го постигнете она што јас сакам да го постигнам. Јас сакам да му додадам нешто на просторот во кој се гради, да биде подобар од тоа што бил. Постојат некои правила како го тестираме просторот, тоа се преклопувачките нивоа како и скалите во средина, тоа е начинот на кој работиме, и тогаш може да ја видите синергијата на сето тоа.
Museum of Liverpool
Што ќе кажете за архитектурата во осумдесеттите, кога Вие почнувавте, и архитектурата денес?
–Постои голема разлика. Ние, пред сè, многу научивме од случувањата со текот на времето. Пред да дојдат странски архитекти во Данска, сè беше некако покоцкесто, сега работите се променија. Мораме постојано да еволуираме, ако се заглавиме во начинот на кој функционираме, утре нема да бидеме тука. Тоа е еволуција, не сме скокнале и не сме почнале да ги работиме работите поинаку.
Middelfart Savings Bank
Постои едно прашање кое луѓето обично го поставуваат – што е архитектура?
–Го сакам тоа прашање, постои голема разлика помеѓу архитектура и скулптура. Архитектурата мора да функционира со луѓето, кои се во неа или покрај неа. Некои архитекти тоа не го разбираат. Јас тоа го земам како многу сериозна работа. Градиме за луѓето, тука да живеат, работат или што било друго. Архитектурата може да биде многу скулптурна, но таа скулптурност мора да има значење. Ако нема, тогаш за мене тоа е безвредна архитектура. Може да биде убава за гледање, но тогаш тоа е повеќе скулптура отколку архитектура, а архитектурата е многу покомплексна.
The Blue Planet
Видов дека имате работно време од понеделник до четврток пола час подолго, а во петок работното време завршува два часа порано. Дали е тоа честа појава во Данска?
–Веруваме дека луѓето мора да имаат слободно време за да можат во текот на работното време да се посветат на работата. Ако немаме слободно време за себе, тогаш ја губиме креативноста. Секако, кога е рокот за предавање на работите, може да се случи да бидеме во студиото по цел ден. Кога почнав да работам, работев по цел ден па дури и за викендите. Сè е во одлуките што ги носите. Кога работите ноќе, кога работите предолго, вашата креативност опаѓа, станувате само некој што ги врши работите. Никогаш не сме биле подобри од сега, ние не седиме во студиото за да бидеме таму. Се бориме да имаме нормална недела, слободни викенди, бидејќи пред сè сме луѓе кои имаат семејства. Кога премногу работите можете да „прегорите“. И со нормално работно време можат да се постигнат значително добри резултати. Во Данска е често да имате во петок пократко работно време. Данска е креативно општество кое ја поттикнува креативноста, постои силна културна политика како да се подобрат работите и да функционираат подобро. Гледајте, нас не има само пет милиони, а во Германија има осумдесет, и размислите колку познати и добри архитекти доаѓаат од Германија а колку од Данска. Слично е и во Холандија, ние имаме многу сличности со таа земја. Нивото на културата таму е многу високо. Малите земји мора да преживеат на поинаков начин и тоа е нешто што нè определува.