Насловна / Архитектура / Галичник – Јанче: Архитектурата и природата се надополнуваат и прават органски осмислена целина

Галичник – Јанче: Архитектурата и природата се надополнуваат и прават органски осмислена целина

За мене, Галичник и Јанче, природно поврзани со ретко видениот пејзаж претставуваат пример за екистички феномен на човековото планирање на градот и на сателитските населби. Овој присет и фотографски запис се исконски показ за убавото, за чувственото, за хармонијата на природата и за човековото живеење со архитектурата и пејзажот.

1

Македонските архитектонски бисери Галичник и Јанче се сместени едно до друго, како две гнезда на едно дрво, едно погоре едно подолу. Галичник изникнат на една стрмна карпа на Бистра, а Јанче распослано како на полица од речната тераса на Радика. Со еден збор, нивните градители ги одбрале разиграните, најубавите и најхуманите локации на Бистра, исполнети со прекрасен планински пејзаж, многу сонце  и со безброј невидени визури.

Впрочем, нормално оваа местоположба морала да ги има универзалните вредности за човековото живеење, ако се има предвид податокот дека основачите и градителите на овие населби работеле на палатите во Версај, на мостовите во Будимпешта, на катедралата „Свети Стефан“ во Виена, на големите хотели што гледаат кон Неаполскиот Залив, на кралските палати во Белград и во Букурешт, на Мормонскиот храм во Јутаха, во колосалниот Дњепрострој во Русија, на Емпаер стејт билдинг на Менхетен и каде не во светот. Неслучајно оваа констатација ја потврдува американскиот писател од словенско потекло Луј Адамич кој констатира дека Мијаците се најнеобичната цивилизација на светот.

Untitled-3

МЕЃУСЕБНАТА ПОВРЗАНОСТ НА ГАЛИЧНИК И ЈАНЧЕ

Секогаш најсигурен и прооден пат од Галичник кон другите населби и градови е патот што водел преку Јанче, поточно преку месноста Скала. Тоа е козјиот пат што ги поврзува Галичник и Јанче, кој поминува низ природната зоолошка градина на Бистра.

Единствено тука патникот без кафези ќе сретне: рис, дива мачка, мечка, волк, лисица, срна, дивокоза, дива свиња, еребици, зајак, планински црн орел, јастреб, смок, поскок, шарка… Ќе ги сретне за да се воодушевува, без да му се наплати влезница, без да се плаши дека некој ќе го тормози овој животински свет.

Untitled-4

Овој живописен пат пеш се поминува брзо надолу. Потребни ви се само 45 минути за да стигнете над Јанче. Во тој миг, пред вас ќе се појават сивите камени купасти покриви со високи оџаци, оставајќи впечаток дека можете за миг да зачекорите по нив и да скокнете во пенливата Радика. Патот продолжува низ Јанче и преку мостот на Радика пристигнувате на главната патна сообраќајна артерија Дебар – Скопје.

Останал патот Галичник – Јанче и до ден-денес, иако во минатите години заговорниците за изградба на асфалтен пат половина од оваа природна патека ја преораа со булдожери и со динамит. Како последица од тоа, дел од животинските видови ги сведоа на минимум. За среќа, не успеаја да го уништат еколошкиот пат (или како што би рекол мојот  омилен професор арх. Петар Муличкоски, „космичкото пешачко движење“) кој води до македонскиот Мачу Пикчу – Галичник. Иако се работи за рурални средини, Галичник и Јанче функционирале како денешните модерни градови со сателитските населби. Типичен пример како градот (во случајов Галичник) е поврзан со предградието (Јанче) со природниот парк и природен пејзаж во една органска-урбано зонирана целина.

Untitled-8

Галичник е како некој средновековен утврден град, а Јанче е населбата пред утврдувањето. Градот куќа – чардак на небото, предградието темел, ѕид на куќата – косник на еркерот. Таква е местоположбата на Галичник и на Јанче и нивната поврзаност создавана од богатството на мијачкиот дух, фантазијата и чувствата до остварување осмислена заедничка урбано-рурална средина за живеење.

Поврзани од еколошки, урбанистичко-рурален аспект овие населби уште повеќе се поврзани од хуман и човечки аспект.

Untitled-5

АРХИТЕКТУРА И ПЕЈЗАЖ

Галичник и Јанче живеат заедно и создаваат несекојдневно единство меѓу нивната архитектура и природниот пејзаж. Архитектурата на овие две населби е родена во ретко виден природен амбиент и меѓу себе е поврзана со прекрасен планински, би рекол алпски пејзаж. Оваа архитектура претставува најубава потврда за природните ткаежи и за заемните растења во овој простор на каменот и на дрвото, на земјата и на водата, на сонцето и на воздухот, на месечината и на ѕвездите, за чардакот и за ридот, за градот и за предградието. Чудесната структура на оваа народна архитектура и во Галичник и во Јанче меѓусебно е поврзана со сивите карпи, со зелените шуми, со бистрата вода, со небеското синило, со ѕвездените ноќи и со месечината. Бојата на оваа архитектура е бојата на природниот пејзаж, бојата на покривот е боја на ридот, и сè така архитектурата и природата се надополнуваат и прават органски осмислена целина.

Галичани преку Јанче (своето предградие), стигнуваа најбрзо и најсигурно до главните патни правци, беа добредојдени во Јанче, секогаш имаа сигурно засолниште, а јанчани секогаш ја имаа својата егзистенцијална сигурност и потпора во Галичник, односно се блиску до мијачкиот и културен центар во Западна Македонија.

Untitled-7

Оваа архитектура, за наша среќа, сè уште е жива или би рекол некако преживува. Оваа архитектура не сака бесмртност, таа заслужува воскресение. Тоа е потребно за да се огледа секој современ планер, да создаде архитектура која прави просторна синтеза на нејзината функција, на формите со околината, со пејзажот и урбаниот амбиент. Во оваа смисла македонското градителство, поточно македонската архитектура, особено оваа пејзажна архитектура, како најизразит род, изобилува со примери што се од значење за најдлабока и за најсериозна архитектонска студија. Збирот на овие кристални призми изникнати од аморфниот терен, создаваат  невидени пластични доживувања во заедништво и во рамнотежа со природата. Движејќи се од Галичник па сè до Јанче, се среќаваме со умерени градителски волумени, форми, структури и бои кои ја почитуваат својата околина и прават една совршена заедничка рамнотежа.

Овде среќаваме органска блискост на каменот, на дрвото и на глината вградени во објектите со природата. Нема драстичен судир помеѓу создадената архитектура и природните материјали.

Со галичките и со јанечките куќи исткаени се градот и предградието. Тие мајсторски творби го смируваат зеленилото околу себе и планинскиот амбиент и ја ублажуваат напнатоста на стрмниот терен.

Untitled-6

ИЗОБИЛСТВО НА ВРЕДНОСТИ

Народниот неимар со голема љубов, осет за вистинска мерка и вредност, пристапил во поставувањето и во организирањето на Галичник и на Јанче во просторот, како и во решавањето на проблемите од функционален и од естетско-обликовен карактер. Затоа, одделни групации од куќи, просторите околу црквите и чешмите, меѓусебно поврзани со тесните патеки, нудат изобилство од амбиентални и пејзажни содржини и вредности. Диспозицијата на населбите овозможува инсолација со многу сонце, а истовремено се добиваат и слободни визури кон природниот планински пејзаж. Градејќи ги овие места мијачките неимари пред себе ја имале мерката за човекот, неговите суштествени потреби, топлината на соседството и хуманоста на просторот.

Каменот, необичната стрмна конфигурација на планинскиот терен, водите, зеленилото, беа основните елементи кои ги предизвикале народните градители и планери да изградат и да постават прекрасни избалансирани населби за почит и незаборав.

Untitled-10

Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top