Оливија Мојсова е еден од најпознатите архитекти во нејзината генерација во Македонија. Дипломирала на Архитектонскиот факултет во Скопје 1980 година. Непосредно по дипломирањето се вработува во „Македонија проект“, каде што е автор и коавтор на голем број проекти во земјава и странство. Во 2003 година ја напушта „Македонија проект“ и формира студио за проектирање ГМС ПРОЕКТ, кое егзистира веќе 14 години и има изработено над стотина проекти. Професорот Георги Константиновски, во книгата „Градителите во Македонија“ за Мојсова ќе напише: „Таа припаѓа на онаа млада генерација која по дипломирањето се најде во исклучително креативна архитектонска средина од која можеше да се црпи вредно знаење и архитектонска практика. Таа доследно ја искористи таа шанса која беше надополнета и со искуството од своите родители – архитекти“.
Препознатлива сте по станбената архитектура, но и по проекти за јавна општествена намена. Каде е предизвикот поголем?
–Во период на повеќегодишна експанзија на станбени објекти во Македонија, логично е станбените објекти да се најзастапени во творештвото на едно архитектонско студио. Меѓутоа, се пронаоѓаме и во сите останати проекти со јавна општествена намена, како комерцијални и деловни објекти, катни гаражи итн. Постои мислење дека станбените објекти се стереотип кој не дозволува многу креативни можности, и токму заради тоа и предизвикот е голем, бидејќи треба од една, да ја наречеме, стандардна шема, во секој нов објект да се внесе нешто ново, креативно, различно од претходното. Архитектурата е одраз на општеството во кое живееме, и постојат промени и усовршување во согласност со социјалните навики на современиот човек, нови технологии, што повлекува воспоставување на нови архитектонски концепти. Предизвикот е голем со секој нов проект од каков и да е вид, почнуваш од бел лист и треба да добиеш краен производ – модел во размер 1:1, кој ќе живее во просторот со години.
Комерцијална банка
Проектиравте неколку банки. Таму ли е ќарот во професијата?
-Ако се проектира банка не значи дека ќарот е поголем отколку ако се проектира станбен објект, бидејќи цената на проектот не зависи од инвестиционата вредност на објектот како што е во европските земји. Некои од објектите што сега се банки, не беа банки кога ги проектиравме, подоцна се пренаменија, на пример: УНИ банка, за која добивме Гранд при на Биеналето на архитектура, е работена преку „Македонија проект“ со колешката Душанка Шуловиќ; Инвест банка (Шпаркасе банка) е работена заедно со архитект Милчо Мојсов; зградата на Телеком (сагашна Комерцијална банка) добиена на конкурс – прва награда, работена е заедно со архитект Милчо Мојсов; Комерцијална банка, која исто така доби награда како изведен објект, е работена со архитект Ѓорѓи Мојсов.
Шпаркасе банка
Денешната архитектура на домување се сведе на проектирање по желба на инвеститорите, каде е најважен бројот на станови и што помали супстандардни станови, со уништен урбанизам. Архитектурата ја нема, најсурово издание во примерот со населба „Стар аеродром“. Може ли оваа состојба да се промени?
-Отсекогаш се проектирало по желба на инвеститорот, на крајот, инвеститорот е тој што поставува програмски барања, а програмските барања ги диктира пазарот. Тоа што денес се проектираат станови со намалена површина од стандардната (двособен до 45 м2 и трисобен до 65 м2) е диктирано од куповната моќ на граѓаните, коишто со ограничен буџет и минимален личен приход сакаат да си обезбедат живеалиште. Оваа состојба може да се промени со пораст на стандардот на граѓаните, што не верувам дека ќе се случи во блиска иднина.
Станбен деловен објект Тетрис во Дебар Маало
Точно е дека и урбанизмот е уништен во многу населби, не постојат веќе урбанистички потези со препознатлива идеја, и ова што се случува кај нас не може да се нарече урбанизам, туку бизнис и менаџирање со маркици за градба, борба за кат повеќе и поголема површина за градба. Сето тоа е последица на промена на системот, односно на приватизацијата што се рефлектираше и во урбанизмот.
Но и во ваков хаос, улогата на архитектот е да се справи со сите предизвици и да извлече максимум од објектот во функционална, естетска и амбиентална смисла. Да се биде проектант во овие услови, треба да се биде, на некој начин, магионичар.
Станбена зграда „кино Карпош“
Македонската архитектура денес. Како да се доближиме до наш Калатрава, Гери, Хадид… ?
-Мислам дека меѓу многубројната плејада на македонски архитекти, постојат умови кои би можеле да парираат на светските имиња, но треба да има и инвеститори кои би го препознале тоа и би инвестирале, односно финансирале. Тоа веројатно и понатаму ќе остане за некои побогати и поразвиени општества.
За контроверзниот „Скопје 2014“, архитектонската фела кажа едно големо НЕ. Но тоа се стори. Можно ли е нешто да се поправи и како?
-Бидејќи нема враќање назад, што е сторено сторено е, мислам дека треба да се размислува за реанимирање на постојните фасади, ревитализирање со цел амбиентално да се валоризира просторот. Но, за тоа повеќе кога ќе дојде прашањето на дневен ред.
Уни банка
Формирање на Комора на овластени архитекти. Дали е тоа патот за исправање на многуте нерешени проблеми на фелата, цената на трудот пред сè?
-Комората на овластени архитекти постои повеќе од 10 години, и досега најголема (да не кажам единствена) ажурност покажува во собирање членарина. Цената на трудот на архитектот е под секакво човечко достоинство. Многу архитекти сфатиле дека е порентабилно да бидеш плочкар на дневница отколку архитект, и се откажале од архитектурата за да преживеат. Имам впечаток дека Комората работи на тоа и останатите да се откажат од архитектурата, но нема да го убијат нашиот ентузијазам, оптимизам и љубов кон професијата. Ќе ја победиме Комората, ќе ја фатиме на кондиција (ха,ха,ха), еден ден ќе мора да попушти и да формира ценовник.
Стабено деловен објект во Дебар Маало
Можно ли е од проектирање на архитектура да се живее пристојно. Каде сме, барем во однос на балканските состојби?
-Се зависи што се подразбира под „пристојно“. Се разбира, може, прашање е со колкави жртви и со кои стресови. Во однос на балканските земји, мислам дека сме на дното, а далеку сме од тоа да се споредуваме со европските држави.
Станбено деловен објект во Гевгелија
ГМС е ваша фамилијарна фирма. Секој родител би посакал неговите наследници да го надминат во занаетот. Каде се движат „вашите архитекти“? Дали воопшто младите со светски погледи имаат шанса да се реализираат во Македонија или..?
-Фирмата е формирана во 2003 година, во меѓувреме „наследниците“ дипломираа, магистрираа и се вклучија во работата. Фирмата има и други вработени кои активно учествуваат во проектите. Многу од проектите се работат заеднички, со меѓусебни консултации и со голема посветеност. Се трудиме секој нов објект да биде подобар и поатрактивен од претходниот, следејќи ги новите трендови во архитектурата.
Една јапонска поговорка вели: не треба на детето да му дадеш риба, туку да го научиш да лови риба. Најголема награда за родителот е кога наследниците ќе се формираат и осамостојат во занаетот и ќе ги надминат родителите, мислам дека моите деца се на добар пат да го направат тоа.
Станбено деловен објект на улица „Лондонска“
Мислам дека мал број од младите со светски погледи имаат шанса да се реализираат во Македонија, а пак на Македонија ѝ требаат млади таленти со светски погледи кои ќе придонесат за квалитетни промени и нови идеи. Најдобрите резултати се добиваат кога ќе се спојат повеќегодишно искуство со младешки ентузијазам, креативност и енергија. Секогаш се трудиме да излеземе од просекот. Имаме и среќа да работиме со референтни инвеститори кои сакаат да бидат препознатливи по објектите кои ги градат и за кои профитот не е предоминантен, туку пред сè сакаат да направат квалитетен и атрактивен објект.
Кои три работи најмногу ги цените кај вработените, дисциплина, стручност, креативност?
-Лојалност, лојалност и лојалност. Не дака не ги ценам другите особини, но сè друго станува небитно ако не постои лојалност кон фирмата.
Станбено деловен објект кај Сити Мол
Тројца најзначајни архитекти од современата македонска архитектура?
-За станбена архитектура, би ја издвоила Василка Ладинска, која ги работеше проектите до ниво на филигран и остави белег во македонската станбена архитектура. За хотелска архитектура Климе Заров, кој во проектирањето хотели постигна совршенство. Од помладата генерација архитекти, би го издвоила архитектонското студио СТОУН ДИЗАЈН, кои успеаја да изградат препознатлив стил и внесоа свежина во македонската архитектура.
Три највпечатливи, изведени архитектонски проекти на модерната кај нас?
-Македонска опера и балет, како скулптурален пристап во решавање на архитектурата. Комплекс универзитети „Св. Кирил и Методиј“, како концепција на објекти околу простор (плоштад) кој ги интегрира. Музеите на Македонија, модерен објект со смела конструкција, кој успешно се вклопува во старото јадро на Старата скопска чаршија.
Ваш нереализиран, а драг проект?
-Има повеќе нереализирани трудови, ќе набројам неколку: архитектонско урбанистичко решение на улица „Максим Горки“, за кое добивме прва награда на конкурс со архитект Душанка Шуловиќ. Тоа требаше да влезе како сегмент во Деталниот урбанистички план за Мал ринг и да се реализира како пешачка зона, замислена архитектонски како реминисценција на старите објекти и со суптилен урбан мебел со кој ќе заживееше целата улица. За жал, професорите што го работеа планот за Малиот ринг тоа не го испочитуваа и мислам дека градот изгуби еден урбан простор кој ќе ја имаше душата на старо Скопје. Исто така и станбено-деловниот објект во Гевгелија, којшто инвеститорот немаше сила да го доврши.
На кои проекти работите во овој период?
-Во моментов се реализира еден голем станбено-деловен проект, комплексот „Гарден Сити“ во населбата Карпош 3, кој го проектиравме со колегите Ѓорѓи Мојсов, Сандра Мојсова и Ана Митрушевска, каде што идејата е да се оплемени еден станбен комплекс со зеленило (дрвја), односно вертикални градини кои ќе дадат нов квалитет на живеење кај станарите во оваа бетонска џунгла.
Во почетна фаза на изградба е станбено-деловен комплекс во населба Тафталиџе, на ул. Лондонска, кој го работевме со колешките Сандра Мојсова и Ана Митрушевска.
Се реализира станбено-деловен проект во центарот на Скопје, на ул.27 Март, на архитект Ѓорѓи Мојсов. Се изработува проект за станбен објект на ул. Елисије Поповски, кој го работи архитект Ана Митрушевска.
Останатите проекти кои се изработуваат сега нема да ги откривам, можеби во некоја друга прилика. Наша најголема мотивација е да создадеме објекти со кои ќе се гордееме, да го разубавиме и оплемениме просторот, да оставиме трајни вредности. Бетонот и циглите намаат душа, но ние се трудиме и ќе се трудиме во нашите објекти да внесеме душа.