Локацијата (околу 25.000м2) се наоѓа во близина на с.Гари, на надморска височина од 905 метри, и претставува дел од природното планинско обликовно опкружување и како таква беше комплетно изолирана од какви било урбани или современи услови за градење. Индустрискиот објект МЛ ГАРИ – MAYA претставува фабрика за полнење на природна изворска вода што се црпи од извори оддалечени на 4 километри од самата локација. Поради изразито косиот, стрмен терен предизвикувачки беше осмислувањето на поставеност на објектите (во делот на изработка на Архитектонско- урбанистичкиот проект) како и самото сообраќајно и функционално решение на целата парцела каде се планирани четири објекти со слична намена. Ова е првиот од таа низа.
Објектот МЛ ГАРИ – MAYA својата основна функција полнење на природна изворска вода во шишиња, својата основна суровина, водата ја добива по пат на цевковод во должина од 3,5 километри. Бунарите се поставени во непосредна близина на селото Гари, поточно близу Гарските Водопади, па сè до месноста Висок Камен.
Локацијата пејзажно гледано е планинска, целата во зеленило и шума. Поради ваквата конституција на теренот таа ниту нудеше добар пристап, ниту водоводна или канализациона мрежа, ниту пак достапност на доволно електрична енергија. Но, уште во самиот почеток на фазата проектирање и планирање се водеше сметка за сето ова, пред сè проектански, а подоцна и градежно, и се обезбедија условите, па дури и повеќе од вообичаените.
Поради стрмниот терен и поголемите висински разлики на теренот, направени се неколку каскадни тераси со потпорни конструкции кои се разработени како објект со што истите добија и своја функционалност, пред сè како додатни простории потребни за самиот технолошки процес. Локацијата е решена каскадно на неколку нивоа и тоа:
-Најдолно ниво, кота 894 метри, или ниво на пристап на локацијата со исклучување од регионалниот пат;
– Долна сутеренска платформа, кота 899 метри, со портирница, излезни магацини каде се товара готовиот производ;
– Горна платформа, кота 905 метри, каде се сместени производната хала со влезниот магацин, лабораторија и слично и административниот блок на објектот. На оваа платформа урбанистички е планиран уште еден објект во некоја наредна фаза;
– Топ-платформа, кота 909 метри, каде ќе бидат поставени наредните еден или два објекти со слична содржина, но концепциски на друг начин.
На горната платформа (905) како и топ-платформата сообраќајот е решен еднонасочно. Исто така посебна нагласка и внимание во решавањето на комуникациите се дадени на делот за користење на објектот со сите придружни објекти и самата локација од страна на луѓе со посебни потреби особено со физички хендикеп за нивно непречено движење и функционирање.
Во однос на самото производство се внимаваше посебно на што е можно полесен пристап на дотур и одлив на материјали и готов производ. Технолошкиот процес е сместен во околу 3000 м2, на две нивоа односно влезен магацин и самото производство (дување на репроматеријалот, полнење, етикетирање и слично) на приземјето и сутеренски простор каде со спирала се симнуваат веќе спакуваните амбалажи и се палетизираат па складираат во излезниот магацин.
Објектот е осмислен како два кубуса кои навлегуваат, допираат и продираат еден во друг, секој со својата одредена функционалност. Ова преплетување на волумените е запазено и на ниво на продирање на кубуси, отворање и затворање на простори, но истото е целосно траснпарентно без некои видливи пречки. Објектот обликовно е осмислен како еден бран кој почнува, извира од теренот со сета своја магична енергија и полека вертикално се издигнува додека не премине во кровната брановидна конструкција, како некоја блага падина која на крај завршува со вертикално нагласениот административен блок.
Конструкциски, објектот е пред сè армирано-бетонски, освен кровната конструкција на халата која е изработена како челична просторно-линеарна решетка со распон од 32,50 метри.
При употребата на завршните материјали за надворешниот изглед на објектот во најголема мера и најдоминатна улога има дрвото (природен материјал) и истото се користи без никаков прекин и во внатрешноста на објектот. Користено е дрво, тип сибириски ариш (кој е доволно издржлив за локации со поекстремни временски услови) со дебелина на штицата од 22 милиметри, а ширина од 14 до 15 сантиметри. Вториот доминантен материјал е црниот рамен лим, користен како покривен материјал за самата хала, со чија употреба е нагласена брановидната форма. Трет користен материјал е природниот камен (во групата на користени природни материјали) и тоа како надворешно-обликовен материјал кој продира со својата присутност внатре во објектот оформувајќи цели кубуси изработени завршно со природен камен. Идејата за присуство на ваквиот материјал односно изгледот на каменот (набавен локално) и асоцијацијата на природата е користена и за сите надворешни пешачки комуникации, како тротоари и слично кои се изработени во принтан бетон со завршна структура на камен без фуги како цели камени грамади во темна боја. Секако последен во овој список, но далеку од небитен (напротив) е присуството и употребата на транспаретното стакло за фасадното обликување како на халата така и на административниот блок, а и внатре низ објектот. Производната хала е застаклена со големи стаклени портали од под до плафон, заштитени од кршење, со што просторот во халата е отворен кон надвор, а погледот кон природата од внатре кон надвор е непрекинат. На овој начин производната хала станува навистина многу попријатно и посветло место за работење.
На повеќе нивоа постојат различни отворени или полуотворени атриумски простори кои се пред сè наменети за одмор и релаксација на вработените. Во целост е применет ХАССП стандардот соодветен за ваков тип на објекти, но во исто време е водено грижа за што е можно похуман пристап и подобар престој на самите вработени, како и овозможување на нивна меѓусебна интеракција во периодот на пауза или одмор.
Содржински самиот административен блок, кој има вкупно околу 1200 м2 отворени и затворени простори, има повеќе функции соодветни на спецификата на локацијата и потребите на објектот. Во овој блок на приземјето веднаш до вториот влез (економски) се сместени гардеробите и санитариите за вработените како и контролираниот пристап кон производство преку тампон-зоната. На приземјето се наоѓа и трпезаријата како и неколку канцеларии, секако и влезниот хол на главниот влез. На првиот кат се распределени главните канцеларии, како и сала за состаноци, а во анекс-делот над самите гардероби и санитарии се сместени просториите за одмор и преспивање на вработените во лоши временски услови (една машка и една женска спална) со свои сопствени санитарни јазли. Веќе на вториот кат се оформени три менаџерски апартмани, секој е своја целина со свој тоалет и други придружни содржини. Ваквата сместувачка содржина ја има како придружен елемент и во склопот на самата портирница, во чиј блок е оформен еден посебен простор за одмор на возачите на шлеперите додека тие се товарат. На најгорното ниво на административниот блок е оформена една отворена кровна тераса, со средишен застаклен дел која пред сè ја има функцијата за одмор и релаксација по напорната работа како и за презентациски, коктел-настани, односно едно целосно едноставно уживање во амбиентот на природата и погледите кои се отвораат од ова ниво.
Влезниот хол кој пред сè е дефиниран со главниот влез во приземјето, како волумен (физички не докрај дефиниран) пенетрира на сите страни во сите правци и се шири низ целиот објект низ целиот блок, низ сите спратни висини, менувајќи го правецот, а следејќи ги хоризонталните и вертикални главни комуникации со што создава еден флуиден простор кој на прв поглед иако има почеток (влезот) и крај (кровната тераса) сепак е ослободен од стегите наречени граници. За него не постојат никакви граници и пробива насекаде особено надвор преку големите стаклени површини. Овој хол живее насекаде. Тој ја има целата енергија и душа на оваа локација и во кратки црти ја искажува целата приказна и идеја на објектот. Да нема граници, да продира надвор и внатре, да живее, да допира и разговара со природата. Тоа е основната идеја и на холот и на објектот и на целата локација. Овој процес на допирање и продирање, повикување и одговарање, немање граници се забележува низ целиот овој блок, па и низ целиот објект. Низ овие простори продираат различни кубуси однадвор, исто обликовно изразени како надвор така и внатре, преку завршница во дрво и камен, а стаклото се појавува само како една транспарентна завеса меѓу „внатре“ и „надвор“. Ова поврзување на надвор и внатре е обид да се направи една единствена целина на просторот без граници. Идејата за уживање и работење на нашите стари тремови и чардаци овде е раскажана во една нова интерпретација при што се користат сите благодети на самата локација особено прекрасните погледи кон Бистра и самото природно опкружување.
Комуникациите во административниот и производствениот дел се целосно ослободени од каков било физички хендикеп. Посебен елемент на акцентирање е даден и на главното скалишно јадро во администрацијата кое е оформено со едни слободни, флуидни скали, изработени со челична и инокс конструкција и завршно газиште од стакло со ефект на кршено стакло. Во средината на ова јадро е поставена челична конструкција која е 3/4 затворена во стакло, а остатокот во фурниран дабов медијапан со што го оформува јадрото за централниот панорамски лифт, кој преку сите отворени флуидни простори овозможува уживање во скриените, а отворени погледи кон надвор од различна висина. Навидум слободно оформените скали, лифтот и централните слободни „водопади“ (фонтаната поставена слободно во просторот на влезниот хол) кои течат низ двете спратни висини повторно овозможуваат флуидност на просторот, течење, асоцирајќи не само на самите извори и Гарски Водопади туку и во исто време симболички претставувајќи го просторот онаков како кога и самата изворска вода во природата ќе си создаде свои природни текови.
Карактеристика на објектот, и однатре и однадвор, претставува непостоење односно одбегнување на каква било граница. Овој објект нема за цел само да ја задоволи основната функција на сите простории внатре низ објектот. Овој објект нема за цел ниту да ја задоволи само основната функција на еден индустриски објект за полнење вода. Овој објект има пред сè нагласена цел и идеја да ги задоволи сите функции и потреби, но да ги задоволи и потребите на локацијата, да се грижи за своите вработени, да овозможи еден хуман простор за работа, да ослободи од стегите на класичната поделба на внатре и надвор. Архитектурата изградена и присутна со овој објект допира и ја нагласува природата, а не ја нарушува само ја надополнува природната линија. Можеби објектот е нетипичен за нашата средина, но во исто време тој е и целосно типичен во своите интерпретирани детали за овој предел, а во исто време е типичен и модерен во целост за своето време и јасен достоен претставник на едно современо хумано архитектонско видување на еден ваков индустриски објект.
Објектот како и концептот на целата локација е дело на архитектот Александар Карангелов, и претставува плод на тригодишна не само проектанска работа, туку и работа на самата локација како супервизор за градбата и консултат за проект-менаџментот од страна на инвеститорот.
Автор: Александар Карангелов, д.и.а.
odlichno