Деветнаесетгодишниот Paul Eis, студент по архитектура, преку своите фотографии од различни градови во Германија ја покажува нивната архитектура на поинаков, поинтересен, односно „пошарен“ начин. Во разговор за германските медиуми, тој вели дека во летото 2015 година одел низ улиците на Берлин во потрага по архитектонски дела кои би можел да ги фотографира.„Но тогаш сфатив дека во мојот роден град, како и во повеќето места во Германија, има многу монотони, здодевни згради. Мислев како би изгледало истите тие згради да не бидат безлични и сиви, туку шарени“, раскажува тој.
На своите фотографии тој започнал да додава светли бои, а потоа да ги поставува на Instagram.
„Поради големиот број пристигнати пораки, почнав да правам се повеќе такви фотографии. Но, не се задржав само на Берлин, туку ги вклучив и други германски градови како Хамбург, Минхен… Неодамна слични фотографии направив и во Холандија и Австрија“, вели Eis. Тој смета дека боите може многу да помогнат за поинтересна архитектура.