Насловна / Архитектура / Архитектура и поезија: Петре М. Андреевски „Галичките чардаци“

Архитектура и поезија: Петре М. Андреевски „Галичките чардаци“

„И поетите, на свој начин,

се градители на просторот и куќите,

како што пејзажите, градовите и

архитектурата се градители на поетот“

проф. Ранко Радовиќ, дипл. инж. арх.

image(3)_resize

Мислите и пишаниот збор преточени во песни од творецот поет се во испреплетена врска со мислите, цртежот и создадените објекти од творецот архитект. И поетот и архитектот се вткајуваат и втиснуваат во своите творби и дела. Проектираните и изградените архитектонски објекти умеат да го предизвикаат и инспирираат поетовиот свет во ритам и соновидение, односно, една куќа или архитектура да ја преточат во песна.

image(2)_resize

Поетот го оградува просторот, измислува ѕидови, ги опишува парковите и градините, а архитектот воден од поезијата проектира архитектонски дела со високи вредности. Големиот ненадминат Рајт е поет на архитектурата или како што самиот говорел: „Секој голем архитект во своето битие е голем поет“. За него поезијата во архитектурата е длабок внатрешен закон, надвор од формалистичките игри, украси и гипсени каријатиди. Рајт е пример за органско и поетско создавање во архитектурата.

image(1)_resize

Спојот и врската меѓу архитектурата и поезијата на најдобар начин ги доживуваме преку песната на академик Петре М. Андреевски „Галичките чардаци“.

Галичките чардаци

Без нас ќе немаше ѕвезди на небото,
ни кој да ја преземе нивната светлина.
Без нас не ќе знаевте што е високо,
ни каде се делат денот и ноќта.

Од кај нас почнува и времето
и затоа се гледа најдалеку,
од кај нас нема што не се гледа
на небото и на земјата.

Качете се и ќе видите
кај отишле нашите мајстори
и кога мислат да се вратат дома.

Петре М. Андреевски

image(9)_resize

Ова се стихови на незапирлива возбуда и инспирација на Петре М. Андреевски за галичките куќи и за галичките чардаци, кои само што не зачекориле во волшебното синило на небото. Впрочем, кога се пишува за нешто со што се идентификува сопственото постоење, не ни може да се има поинаква реакција – кога се пее за галичката архитектура, која по многу нешта е исклучителна и неповторлива. Со оваа песна, Андреевски е поет на архитектурата, а тоа е нишка што го поврзува со старите мајстори – спој на архитектурата и поезијата. Како што поетот на маестрален начин ни ја претставил народната архитектура, така нашите градители во Галичник направиле поезија од каменот и од дрвото. Тоа го потврдуваат стројните високи галички камени палати со дрвени и со бели чардаци, вклопени во природниот романтичен предел. Нивниот монументален изглед е потврда за градителските постигнувања на македонскиот човек.

image(10)_resize

Очигледно е дека инспирацијата како феномен за духовно возвишување е заедничка одлика и на Андреевски и на старите градители. Камените литици во Галичник, од каде што може да ги допирате облаците на пространото небо, покриени со темносина покривка, изгрејсонцето, месечината, ѕвездите, шумските предели, студените извори и таинствената песна на ветрот, се прегрнати, прават хармонична целина и се дополнуваат како поезијата и архитектурата. Ова се само споредбени размислувања на еден архитект за една песна и архитектура без претензии за литературна критика, кои во секој случај не можат да се објаснат, да се насликаат или да се прикажат во споредба со вистинската инспиративна експлозија на Андреевски и на македонските градители, кои напишаа и изградија и песна и чардаци.

image(6)_resize

Стиховите на Петре М. Андреевски го приближуваат кон вдахновените визуелни доживувања секој оној што застанал пред галичките куќи и потврдуваат дека поетот ја има впиено длабоко во себе галичката куќа, дека ја познава нејзината душа, како што неимарот ги познава сите тајни на градежништвото.

image(7)_resize

Просторот што најмногу импресионира во внатрешноста и на фасадата кај галичката куќа е затворениот чардак. Токму тој највпечатлив мотив со најразлична основа, позиција и димензии, кој секогаш е во фокусот на вниманието, без разлика дали е еркерно исфрлен или е во рамнина со камениот ѕид, страсно и интензивно го инспирираше Андреевски да го овековечи и да го спаси од незаборавот, чардакот – маѓепсникот што куќите ги поврзува со ѕвездите, со сонцето и со прекрасните пејзажи на Бистра, на Крчин и на Стогово.

image(5)_resize

Секако, Петре М. Андреевски на чудесен начин ги спои архитектонското и поетското творештво и со својата песна нè врати на изворот на македонската народна архитектура и на трајните корени од минатото со порака и во иднина да стоиме како народ со висок степен на градителска енергија, кој секогаш има чувство за убавина и за хуманост.

Оваа песна на Андреевски е своевиден светоглед за една специфична архитектура која нè вика и нè предизвикува да ја зачуваме вечно. На големиот Петре М. Андреевски искрено му благодариме.

Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх.

image(4)_resize

Испрати коментар

Scroll To Top