Вечер (29 ноември), во црквата Рождество на Пресвета Богородица Центар во Скопје, во 19 часот, ќе се одржи свечена промоција на добитникот на наградата за животно дело и особени достигнувања во архитектурата и градителството „Андреј Дамјанов“ за 2016 година од страна на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Овогодишниот добитник на оваа награда за животно дело е архитектот Радован Раѓеновиќ.
Во образложението на Комисијата на ААМ за доделување на наградата „Андреј Дамјанов“ во 2016 година, се истакнува дека архитектот Радован Раѓеновиќ е автор со изразено разновиден и богат професионален творечки опус, создаван во текот на последните пет децении.
Проектите и реализациите во областа на станбената архитектура, туризмот и угостителството, спортот, администрацијата, индустријата и културата, работени во проектантските бироа на „Алумина“ ‒ Скопје, „Пелагонијапроект“ ‒ Скопје, „Мавровопроект“ ‒ Скопје, „Технометал“ ‒ Москва, „Римако“ ‒ Виена, Москва, Скопје, „Будимекс“ ‒ Лавов и „Студио Р“ ‒ Скопје, претставуваат сериозен влог во архитектонската практика на Р. Македонија.
Особен акцент, според Комисијата, заслужува улогата на архитектот Раѓеновиќ како раководител на претпријатието „Мавровопроект“ и несомнените заслуги за мобилизирање на квалитетни кадри, проектанти, кои со своите реализации придонесуваа за развојот на архитектонската струка во Македонија и за нејзина афирмација и угледно позиционирање надвор од нејзините граници, во Советскиот Сојуз, Југославија, Либија.
За комплексот „Запољарје“ во Сочи, Русија, архитект Радован Раѓеновиќ е носител на признанието од Сојузот на друштвата на архитекти на Македонија за афирмација на македонската архитектура во странство во 1981/1982 година и на диплома за труд од областа на урбанизмот, проектирањето, ентериерот и дизајнот во 1985 година. За меморијалниот комплекс „Споменикот на слободата“ во Кочани, како коавтор со Глигор Чемерски, архитект Радован Раѓеновиќ е носител на повелбата Почесен граѓанин на Кочани.
Претседател на Комисијата на ААМ за доделување на наградата „Андреја Дамјанов“ за 2016 година е архитектот Мартин Гулески, а членови на комисијата се архитектите Александар Смилевски (член на АА на ААМ), Виолета Бакалчев (член на УО ААМ), Миодраг Радоњиќ и Мери Батакоја.
Настанот е потпомогнат од Министерството за култура на РМ.