Насловна / Архитектура / Архитектот Ѓорѓи Константиновски почесен член на МАНУ

Архитектот Ѓорѓи Константиновски почесен член на МАНУ

manu konstantinovski_1

Конечно и тоа се случи. Долги години затворените врати на највисоката научна институција во државата се подотворија за влез на еден архитект. Градителската нација со вековна традиција во архитектурата конечно дозволи една архитектонска икона да влезе  во институцијата сместена во еден од најархитектонските објекти на современата македонска и балканска архитектура на починатиот архитект Борис Чипан. Од вчера архитектот Ѓорѓи Константиновски е почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.manu konstantinovski_5

На свеченоста по тој повод во својот воведен збор за личноста и творештвото на архитект Ѓорѓи Константиновски, академик Георги Старделов, ги нагласи главните заслуги на Константиновски:

Архитект-творец на многу значајни дела на современата македонска архитектура, па и пошироко, за кои има добиено повеќе високи републички и неколку признанија од „Борбината награда за архитектура“ во поранешната Југославија.

Професор на Архитектонскиот факултет во Скопје (за што ние како негови студенти сме му особено благодарни).

Архитектонски критичар. Област која кај нас речиси да не постои или не смее да постои во денешно време.

manu konstantinovski_4

Академик Старделов особено ја нагласи критиката на Константиновски кон контраверзниот проект „Скопје 2014“. Тој овде ја нагласи и појавата на Архибригадата, како обид за јавна дебата за тогаш претставениот проект на власта и ќотекот што го добија младите архитекти – што всушност беше предвесник на денешната „Шарена револуција“. Притоа, академик Старделов ја нагласи и вината на академската јавност за некритичноста и пасивната улога во дебатата за овој проект.

manu konstantinovski_2

Во своето пристапно излагање насловено „Трите мои бисери“, архитект Константиновски се задржа на својата архитектура преку приказ на трите монументални проекти, Архивот на град Скопје, Студентскиот дом „Гоце Делчев“ и музејот на Разловечкото востание.

Престојот во САД од 1965 година, каде магистрира на универзитетот Јејл и дружењето со светски архитектонски имиња, како Пол Рудолф, влијаат врз неговиот архитектонски стил, како главен бруталист на Балканот (во позитивна конотација). Натур бетонот и неговото облагородување во шокантниот судир на тесното-широкото во функционалноста на решенијата го промовираа во самиот врв на бруталната архитектура на овие простори.

manu konstantinovski_3

Инаугурацијата на архитект Ѓорѓи Константиновски беше исполнета со голема возбуда на бројната архитектонска фела и академскиот состав на МАНУ, како од впечатливите излагања, така и од искрената восхит што конечно широко признатата арехитектонска икона го доби своето одамна заслужено место, како еден од малкуте живи легенди од најсилната генерација на современата македонска архитектура. Свечениот чин беше крунисан со врачувањето на Повелбата за почесен член на МАНУ, од страна на нејзиниот претседател Таки Фити.manu konstantinovski_6

Професоре, уште долги години да сте така витален и во творечки занес. Архитектонската фела Ве почитува и верува дека признанието што го добивте е доказ дека современата архитектура во Македонија може да биде почитувана и дека сепак има иднина и покрај најтешкиот период низ кој минува.   

Љупчо Атанасовски, архитект

   

Испрати коментар

Scroll To Top