Релативно непознатото архитектонско биро од Каталонија ја освои најпрестижната награда на архитектурата во светот за оваа година.
Прицкеровата награда за 2017 година отиде во рацете на архитектите Рафаел Аранда, Карме Пигем и Рамон Вилалта од RCR Arquitectes, за голем број проекти кои ги реализирале во североисточниот дел на Шпанија, каде што животната средина е во преден план.
Иако јавноста е релативно изненадена од изборот на лауреатите, бидејќи наградата не отиде кај некој познат архитект, јасно е дека работата на бирото RCR Arquitectes е извонредна и тие ја заслужуваат оваа вредна награда.
Ова трио ја основа компанијата во 1988 година во каталонскиот град Олот. Проектирале најразновидни проекти, почнувајќи од атлетски патеки, детски градинки па се до библиотеки.
Претседателот на жирито на Прицкеровата награда, австралискиот архитект Глен Mуркат, истакна дека RCR Arquitectes „демонстрирале дека единството на материјали може да обезбеди неверојатна сила и едноставност во градителството.
Соработката меѓу овие тројца архитекти произведува бескомпромисна архитектура со поетски размери“, изјави претседателот на жирито.
Најголем дел од проектите на RCR Arquitectes се изведени во Каталонија, но можат да се најдат реализирани и во Париз и во други градови на Европа.
Повеќето од нивните проекти изведени се со обилна употреба на рециклирана пластика, метали и други материјали на кои им даваат нов живот.
Ова се некои од изведените објекти кои го привлекле вниманието на жирито и ја добиле Прицкеровата награда за 2017 година.
Атлетска патека Tossols-Basil
Винарија Bell-Lloc
Градинка El Petit Comte
Музеј Soulages
Влез во театар La Lira
Ресторан Les Cols Marquee
Куќа Row