По претставувањето на архитектонското студио А3 од Белград во нашето списание „Порта3“, каде еден од партнерите, архитект Александар Митиќ, зборуваше за својот поглед на архитектурата, на ред доаѓа и претставувањето на некои нивни проекти. Програмски различни, избраните проекти на најдобар можен начин ја презентираат работата на ова студио кое посебен фокус има кон деталите во проектирање на ентериери.
Apartment B31, Белград, Србија
Првиот од избраните проекти е од 2011 година, станбена единица од 120 метри квадратни во белградската населба Баново Брдо. Тоа е четирисобен стан со два спални блокови помеѓу кои се наоѓа дневна зона која ја сочинуваат дневната соба, трпезаријата и кујната како единствен амбиент. Дневната зона ја карактеризира употребата на контрастен пристап на ентериерот со примена на две основни нијанси, темна и светла.
Подот, кујната и барската маса, преку употреба на темно дрво се спротивставуваат на останатиот амбиент во кој се наоѓаат, каде што ѕидовите, плафонот и речиси целиот мебел се во светли бои, од бела, преку камена до светлобеж боја на гарнитурата.
По целата површина има спуштен плафон во кој елегантно се вградени светилки. Поделбата на уникатниот амбиент, на кујнски дел и дневна соба, се огледа преку изборот на различни лустери и подната керамика во делот на кујната. Предноста што ја пружа спуштениот плафон, искористена е и во другите амбиенти, во спалниот дел и во бањите.
Архитектонскиот израз на спалниот дел е приспособен на корисниците, додека главната спална соба е со едноставен израз, и го следи општиот правец на проектирање преку контраст на боите на материјалите, детската соба преку употреба на разни бои претставува единствен проектен израз во станот, приспособен на корисникот на таков простор.
E’pur clinic, Виена, Австрија
Проект од 2011 година е и „e’pur beauty clinic“ во Виена. Тоа е ентериер од 500 метри квадратни на едно ниво, салон на убавината во приземје. Во основа, објектот е поделен на приемна зона и зона за работа. Карактеристика на овој ентериер е есенцијалната вредност на изразот, каде доминира белата боја со сјајни ѕидови, светол под и мебел со светла или бела боја.
Монохромноста на амбиентот е нарушена со употреба на дрво за централниот елемент на приемната зона – рецепција, како и дрвото на вратите на секој посебен салон во работниот дел. Рецепцијата е со неправилна форма и како таква прави единствен елемент во просторот.
Исклучок во контрастниот амбиент е големата подна ламба во чекалната на приемниот дел од објектот. Во приемната зона се наоѓаат уште пет групирани закачалки над работниот дел.
Модерниот израз на целиот простор доаѓа и од употребата на заднинско осветлување на ѕидовите, како и вградената ламба во спуштениот плафон. Во ходникот што води кон салоните, доминираат големи бели цифри на дрвените врати.
Delhaize Europe, Белград, Србија
Многу поинаков од претходните проекти е белградското седиште на белгиската компанија Delhaize од 2012 година, која на српскиот пазар влезе со купување на голем ланец супермаркети. На преку 9.000 метри квадратни, направен е проект на ентериери на деловните простории. Проектниот пристап подразбира следење на современите тенденции во проектирање на деловни ентериери, а тоа се, пред сè, употребата на open-space организации на просторите за вработените.
Работните маси како работни единици се во просторот што нема визуелни бариери, а физичките бариери се сведени, главно, на стакло или работни шкавчиња помеѓу блоковите на работните маси. Како посебни амбиенти, повторно со транспарентно стакло, одвоени се салите за состаноци и презентации. Посебно значење во современото проектирање на деловни простори има осветлувањето. Покрај природното осветлување, објектот се карактеризира и со вградено осветлување кое со своите димензии се вклопува во претходно дефинираните поделби на спуштените плафони.
Теписеријата како основен материјал за подот, главно е еднобојна, додека монотоноста на амбиентот се избегнува со користење на силни бои за одделни елементи, како што е преградата помеѓу компјутерот, стаклото, рецепцијата, мебелот или со употреба на дрвени облоги за ѕидовите.
Aviator Café, Белград, Србија
Во последните неколку години, Белград ја откри својата љубов кон кафето. Многу кафетерии се отворени, а меѓу нив е и проектот на Студио А3, кафе „Авиатор“ од 2015 година. Тоа е локал во приземје од 130 квадрати. Објектот е проектиран на начин да ги задоволи потребите на корисниците за добро кафе во пријатна атмосфера.
Од едната страна се наоѓа барскиот дел за подготовка на кафе, а од другата делот за гостите. Основните елементи на архитектонскиот израз се видливи во употребата на „сирови“ материјали, дрво, бетон и челик.
Следејќи ги современите трендови во проектирање угостителски објекти, инсталациите, како што е вентилацијата, се видливи, додека удобноста и чувството за домашен амбиент е постигнато со употреба на препознатливи парчиња мебел кои одговараат на станбените објекти, различни модели на фотелји и троседи.
Истовремено, апаратите за кафе како и кутиите и вреќите со кафе се наоѓаат на отворените полици зад барскиот блок. Пријатниот, „домаќински“ амбиент се надополнува со употреба на шарени ѕидни облоги, вегетација и одреден број подни ламби. Посебност на амбиентот му даваат и висечките огледала над барскиот дел, кои ја менуваат перцепцијата на просторот.
Loft 69, Њујорк, САД
Проект од 2015 година, кој по својата природа отскокнува од досегашните проекти на ова студио, е ентериерот на њујоршкиот стан Лофт 69 во Сохо. Со својот стил и богатството на израз, материјали и бои, апсолутно е невозможно да се одреди единствен карактер на овој простор бидејќи тој не постои. Тој претставува ризница на единствени елементи кои заедно сочинуваат еден амбиент, кој, на себе својствен начин, се вклопува во несекојдневноста на резиденцијалниот ентериер. Пред сè, архитектонските елементи што се наоѓаат овде, се единствени во својот однос.
Класичен позлатен столб, класичен мебел каде секое парче се разликува, голем број различни предмети за осветлување во еден амбиент, како и различни начини на третирање на ѕидовите, подовите и плафоните, го прават овој простор посебен во својот архитектонски израз.