Пред појавата на пејзажниот урбанизам како дисциплинарен дискурс, низа архитектонски четива и теории го опишуваа сложениот простор на територијата како огромен нејасен терен долж неодредени и непредвидливи трансформации. Ваквото просторно дефинирање изврши оддалечување на поимот територија од архитектонско-урбанистичката научна рамка и затоа фокусот на овој есеј гравитира кон група текстови кои интертекстутално може да ја прикажат сликата на територијата преку овие аспекти. Главната идеја е да се извршат истражувања за „теренот вон градот“ од поетска, формална и програмска перспектива и да се спојат овие наоди во еден сукцесивен есеј.
Frank Lloyd Wright, Broadacre City, 1950-1955
ПОЕТСКИ ПРИСТАП
Поетско разбирање за просторот на територијата, кое избегнува формална (морфолошка) анализа на неодредените простори е дадено во есејот „Terrain Vague“, во 1995 година, напишан од шпанскиот архитект Игнаси де Сола-Моралес. Авторот не го информира читателот за фигуративни или прагматични наоди, туку за метафорично и субјективно разбирање на теренот. Во воведот, Моралес накратко пишува за монтажа на фотографии, фрагменти од слики кои не покажуваат вистински пејзаж или вистински град, насочувајќи го читателот во доменот на семиологијата. Тука се отвора шпекулација за еден практичен концепт што открива фундаментално морфолошко разбирање, препознавајќи го пејзажот како низа последователни елементи (знаци) доколку овие фрагменти ги земеме за такви. Понатаму во текстот ќе се надоврзам на значењето на знаците, совпаѓајќи се со есејот на Греготи „The Form of the Territory“. Без разлика на недостигот од формална анализа, поетскиот пристап е од суштинско значење, за почеток, бидејќи, според Моралес, смислата на теренот може да се разреди и конечно изгуби низ процесот на урбано верифицирање со низа крути планерски процедури. Авторот го опишува теренот како „празен, напуштен простор каде се случиле низа настани што го потчинуваат окото на урбаниот фотограф. Ваквиот урбан простор, нејасниот терен, претставува статус на фасцинација – најразредниот знак што посочува кон она што е град и какво е нашето искуство со градот“. 1
Моралес првенствено ја истражува етимологијата на зборот „terrain“ поради ограничената конотација на англискиот збор „land“. За разлика од концептот на земјата, концептот на теренот е поизразен, вклучувајќи повеќе просторни дефиниции, оддалечувајќи се од идејата за земјоделска парцела. „Vague“, од друга страна, етимолошки, има изобилство на објаснувања и конотации. Во германскиот јазик, зборот „woge“, се поврзува со движењето на морињата: осцилација, нестабилност и флуктуација. Во францускиот јазик, корените лежат во зборот „vacuus“, давајќи конотација на празно место, празнина и недостапност. Друго значење произлегува од латинскиот „vagus“, поврзан со чувство на неодреденост, непрецизност, замагленост и несигурност. Авторот инсистира дека во процесот на дешифрирање на теренот, неговиот простор мора да се означи и конотира како двоен гешталт на неопределеност. Сепак, за подобро разбирање на теренот како физички конструкт, од суштинско значење е да се пренасочи ова поетско читање на „празниот“ простор кон фигуративни и формативни теории.
Според мене, лесно е да се опише огромната пространост на теренот како несигурна, недефинирана и непозната, и да се заклучи дека современото урбано планирање не умее да се справи со ваквиот простор. Сукцесивно, како што Моралес го опишува типичниот модерен граѓанин како жител кој бара – „тежишта наместо форми, инкорпорираност наместо далечност, хаптично наместо оптично, ризоматско наместо фигуративно“ и понатаму констатира дека архитектурата е „засекогаш на страната на формалното, далечното, оптичното и фигуративното„ 2 морам да заклучам дека конотации од овој вид не нѐ придвижуваат кон откривање нов модус-операнди во обид за резонирање со комплексниот простор на територијата. Моралес го завршува својот есеј пишувајќи дека „денес, интервенциите во постојниот град, низ неговите резидуални форми (остатоци) и преклопени меѓупростори, веќе не можат да бидат ниту удобни ниту ефективни ако се споредат со начинот на кој се предвидува ефикасниот модел на современото движење. Може ли архитектурата да дејствува врз непознатиот терен без да стане агресивен инструмент на моќ и апстрактна причина? Несомнено, ако го следиме континуитетот, не оној на планираниот, ефикасен и легитимиран град, туку континуитетот на тековите, енергиите, и ритмите воспоставени со одот на времето и губењето на границите, тогаш нашиот однос кон резидуалниот град мора да стане контрадикторен, не разбивајќи ги елементите што го одржуваат неговиот континуитет во времето и просторот“. 3 Основното прашање што го наметнува Моралес е како да се пристапи кон нејасниот и неодреден терен кога сите правила за урбанистичко планирање ќе станат неупотребливи?
Ludwig Hilberseimer, The New Ciy ´- “Bird’s-eye view of commercial area and settlement unit,” 1944
ФОРМАЛНА АНАЛИЗА НА ТЕРЕНОТ
Понатаму, при разјаснување на теренот и пејзажот, ќе се осврнам на текстот „The Form of the Territory“, од 1981 година, напишан од италијанскиот архитект Виторио Греготи. Ова четиво ги истражува можностите за формално-антрополошка и географска анализа на теренот, отфрлајќи секаква теоретска материја. За разлика од „terrain vague“, Греготи истражува нови формални методологии во кои географската димензија може да се совпадне со архитектонската формација. Греготи објаснува како слични геофизички територии можат да се разликуваат поради нивното антропогеографско потекло и како нивната историја и култура предизвикува ново разбирање поврзано со „географската“ репродукција. Авторот сугерира дека е од суштинско значење да се отфрлат овие предрасуди, за да се открие ново значење .
„Ова искуство има корист од воспоставување нови гледишта и динамики на набљудување, од употреба на актуелните средства за комуникација, од нови оригинални стратегии за сфаќање на колективните и индивидуалните цели, а исто така и од нова разновидност на „означувачот“ чија слика е исполнета со нови научни хипотези за природата, материјата и просторот, создавајќи, уметнички, мноштво на разновидни фигуративни техники“. 4
Авторот понатаму ја разгледува потребата од проширување на улогата на архитектот и дава три точки зошто ова е важно. Првата точка открива двa коегзистирачки (проблематични) услови: „исчезнување на креативниот процес како линеарен процес помеѓу формата и функцијата, анализата и синтезата“ и „предметот на архитектурата повеќе не се идентификува само со зградата“. Втората точка сугерира дека кодексот на архитектот како „креатор на форми“ треба да се пренасочи во контексти на дисциплини чија цел е дефинирање функции. Третата точка го идентификува пејзажот како означувачка околина и сугерира дека архитектот може да го конструира. 5
Греготи нагласува дека изобилството и потенцијалите за создавање пејзаж не се поврзани исклучиво со физичкиот свет, но дека физичкиот аспект е најоткривачки, овозможувајќи препознавање на универзумот како квалитет на материјата, која пак овозможува модулација и модификација на пејзажот доколку истиот се препознае како ансамбл од елементи. Како што објаснува Хашим Саркис: „Греготи применува двојност на типо-морфологии, поле и ансамбл, организирајќи и поврзувајќи ги низ размерите, од архитектонски до територијален“. 6
Последователно, дефиниција за едно поле може да се открие кога „знакот, направен од човекот или природата, определува формален ансамбл што може да биде означен“. 6.1 Дополнително, едно поле може да биде составен синџир од елементи или макроструктура која вдомува (кохабитира) низа полиња. Сепак, она што сметам дека е интересно овде е зборот „знак“ во однос на зборот „поле“ (група полиња).
Пред да се истражи значењето на знаците, битно е да ги разгледаме четирите чекори кои Греготи ги употребува за решавање на проблемот со терминологијата и формалниот опис на „in situ“ територијата: 1. Читање и класифицирање на формални типологии и антропогеографски структури; 2. Спроведување картографија на територијално формални вредности од гледна точка на географска подлога и интервенции; 3. Читање и претставување знаци на формални трансформации генерирани преку воведување плански структури; и 4. Воспоставување на критериуми за дефинирање на репертоар на обрасци.“ 7
ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА ВРСКИТЕ МЕЃУ ФОРМИТЕ И ЗНАЦИТЕ
Практично, кога, просторот на територијата е линиски обележан низ неколку целини (предели, пејзажи, полиња или групи полиња), секое од нив единствено и ограничено, тогаш, нужно е овие ограничувања да ги надминат своите фактички и геоморфолошки граници ако имаме за цел откривање на нови, непознати концепти и формални операции. Ако овие геофизички димензии за момент се префрлат во сфери на значења на знаците, тогаш, тука се отвора врата за нови многубројни откритија, земајќи ја предвид можноста за нивна нова конотација. Субјективно, човекот првенствено ќе ги означи овие полиња со евоцирање инвентар на веќе познати, научени или очигледни знаци поврзани со културни и историски влијанија, и всушност, можеби ова претставува пречка што треба да ја надминеме. На пример, една парцела со плодна почва употребувана за раст и развој на житни култури веднаш ќе ја препознаеме како аграрна, бидејќи оваа земјоделска карактеристика претставува нејзина „недопрена природна форма“, што е препознатлива сама по себе. Ваквиот вид на препознавање на врските помеѓу формите и знаците е корисен во првите чекори на линиското означување на теренот како ансамбл од полиња. Сепак, мора да сме свесни дека тоа го ограничува полето (индивидуално или во група) на неговата иконична функција и ја намалува можноста за нови конотации и разбирања.
Во овој контекст, што ако го замениме разбирањето и препознавањето на овие добро познати и воспоставени знаци и симболи со нешто сосема ново? Што ако земјоделското поле повеќе не се препознава првенствено поради своите земјено-производителски функции, туку, на пример, можноста за негово читање како инфраструктура – преносен пејзажен појас или конектор на низа полиња? Дали можеби ваквото размислување ќе ни помогне да се оттргнеме од добро научените поими и да започнеме да разгледуваме можности за пишување нов инвентар на значења? Дали тогаш ова може да инспирира и иницира нови концепти за приближување кон едно ново разбирање и, конечно, проектирање на теренот и пејзажот? На ова тема, Греготи пишува дека „реверзибилноста на ваквата релација подразбира идентификување на пејзажот како автономна форма што може да се преобликува со соодветни симболи кои допрва треба да се дешифрираат“. 8
Еден интересен податок кој произлегува од оваа гледна точка е всушност идејата дека промената на знаците на елементите може да создаде целосно нов фигуративен концепт кој се разликува од „природата“ со која е опкружен. Пејзажот може да се замисли како континуиран природен график – не само како заднина која ја издвојува интервенцијата. 9 Во текстот на Греготи исто така споменати се „природни тотемски елементи“ или моменти низ пејзажот на теренот што произлегуваат како исклучителна природна формација и истите се препознаваат како физички референци во просторот. Вакви морфолошки манифестации може да бидат, на пример, вулканскиот атол, акрополата или центарот на радијалната рамнина. „Анализата на современите митологии и нивната врска со семантичката форма на вредности, можеби изнесува на виделина еден веќе постоечки, огромен простор на слики, во кој би можело да се впише формално структурирање на енвиронментот“. 10
Заклучно, Греготи остава збир на прагматични теории кои треба да ја ограничат или намалат двосмисленоста, нејасноста и неодреденоста на просторот на територијата.
Andrea Branzzi, Agronica model, 1993 – 1994
ПЕЈЗАЖОТ КАКО МОДЕЛ ЗА УРБАНИ ПРОЦЕСИ
На крај, би сакал да се осврнам на теренот и пејзажот, како конституирачки поими на архитектонскиот простор на територијата, од функционална гледна точка поврзана со интринзични програмски концепти. Преку ова гледиште, територијалниот простор почнува да дејствува како идеологија на пејзажниот урбанизмот. Ако се согласуваме со пишаниот збор на Стен Алeн дека „пејзажот, денес, не е само формален модел на урбанизмот, туку можеби уште поважно, модел за процес“ 11 , тогаш својствено се согласуваме дека програмските карактеристики на пејзажот треба да ја следат истата таа логика, односно природата на процесот. Според Чарлс Валдхајм, „најраниот проект кој го открива потенцијалот на пејзажот како модел за урбани процеси е предложен од европски архитекти / урбанисти, заинтересирани за „програмата и настанот“ како сурогати на современиот урбанизам“. 12
„Parc de la Villette“, Бернард Чуми
Валдхајм посочува два проекта кои го опишуваат пејзажот како „аналоген на програмските промени“, а тоа се прво и второ наградените трудови на конкурсот „Parc de la Villette“, во 1982 година, во Париз; конкурс за нов „урбан парк на XXI век“, кој се растега на површина од 125 хектари. Од 470-те пријавени конкурсни трудови, само овие два проекта сугерираат парадигматска промена во реконцепцијата на современиот урбанизам. Во двата случаја, првиот од Бернард Чуми, а вториот од Рем Колхас и ОМА, пејзажот се перципира како форма што е способна да се справи со комплексни пресеци помеѓу јавниот живот, јавните настани и урбаната инфраструктура, и е воедно доволно флексибилен за да ја замисли иднината долж непредвидливите градски сценарија; концепт кој не се фокусира на репродукција на познати типологии на градски паркови или типични стратегии за регенерација на градот. Вториот проект демонстрира конструкција на хоризонтални полиња (ленти) кои ненамерно би се менувале со текот на времето; просторно програмска флексибилна матрица способна да вдомува непредвидени градски околности во иднина.
Втора награда на конкурсот за „Parc de la Villette“, Рем Колхас и ОМА
„Шема која истражува порамнување на непланирани пејзажни случувања во форма на паралелни ленти, нешто како канонско клише, со радикално спротивставени содржини, повикувајќи се на пресекот на различните програми низ катовите на облакодерите во Менхетен, опишано во Delirious New York на Колахас. Како што е замислено од Кoлхас/ОМА, инфраструктурата на паркот ќе биде стратешки организирана за да поддржи неодреден и непознат опсег на идни употреби низ текот на времето “. 13 -14
……….
Конечно, ако просторот на територијата односно пејзажот, е препознаен како географски, социо-културен и филозофски конструкт преку поетски, формални и програмски аспекти, тогаш низата на идни просторно-територијални трансформации добиваат потенцијал да станат интервенции кои ќе работат заедно со, а не против теренот.
Автор: Никола ЃОРЃИЕВСКИ, м-р арх. и м-р пејз. арх.
Референци:
1-3. Ignasi de Solà-Morales Rubió, “Terrain Vague,” 1995, 119, 121-123;
4-5, 7-10. Vitorio Gregotti, “The Form of the Territory,” OASE 80–7, 1981;
6-6.1 Hashim Sarkis “Geo-Architecture: A prehistory for an emerging aesthetic,” Harvard GSD, Design Magazine, 2014;
11. Stan Allen, “Mat Urbanism: Thick 2D,” in CASE: Le Corbusier’s Venice Hospital, ed. Hashim Sarkis, 2001, 124;
12-13. Charles Waldheim, Landscape as Urbanism, chapter two and three, 2016;
14. Rem Koolhaas +OMA, project description, “Parc de la Villette”, competition entry, 1982;