Насловна / Архитектура / Архитектонскиот конкурс за Мавзолејот на Ленин повлечен

Архитектонскиот конкурс за Мавзолејот на Ленин повлечен

Архитектите ја разгледуваат можноста Мавзолејот на Ленин, овој комунистички храм, да се претвори во музеј, додека прашањето за телото на Ленин сè уште е чувствителна тема во Русија.

Првиот дрвен мавзолеј бил подигнат на Црвениот плоштад во Москва во 1924. година, веднаш по смртта на Ленин, а во 1930 година, завршен е сегашниот од камен. Телото на Ленин е балсамирано и оттогаш е таму, додека континуирано се спроведуваат процедури за да се одржи во „добра“ состојба.

3_resize

Според резултатите од различни анкети, 40 до 80 отсто од руските граѓани не се задоволни од фактот дека трупот е сè уште изложен на Црвениот плоштад. Многумина предлагаат Ленин да биде погребан покрај Кремљ, каде почиваат многу други почитувани советски функционери и генерали, вклучувајќи го и Сталин, кој некогаш бил сосед на Ленин во мавзолејот.

1924_resize

проектот на Шчусев од 1924 година

Архитектонски конкурс за пренамена на мавзолејот

Во септември 2020 година, Сојузот на архитекти на Русија објави конкурс за најдобро решение кое би ја променило намената на мавзолејот. Претставниците на Сојузот тврдат дека целта на натпреварот е да се собере „колекција идеи“ и дека политичка мотивација не стои зад овој проект. Сепак, тоа предизвика бурна реакција во јавноста: од негативни коментари, па дури и закани кон претседателот на Сојузот, до шеги на социјалните мрежи.

Една од најпопуларните шеги беше да се отвори носталгично кафуле во советски стил, слично на оние што некогаш постоеле низ целиот град, а сега се затворени. Други предложија мавзолејот да се претвори во супермаркет, продавница за храна и алкохол.

5_resize

Популарниот филмски критичар и блогер Антон Долин смета дека мавзолејот треба да остане каков што е заедно со телото на Ленин, но дека треба да се „демузеиризира“. Без почесен чувар, само обезбедување и баба која се грижи за изложбите, како и продавница за сувенири на излезот.

„Ние не предлагаме да се изнесе телото на Ленин, не предлагаме да се реконструира мавзолејот, ние само предлагаме да се најде решение за идна употреба на ова големо дело на советската архитектура“, изјави Николај Шумаков, претседателот на Сојузот на архитекти.

2_resize

Координаторот на конкурсот, Ирина Коробина, смета дека порано или подоцна ќе мора да се реши прашањето за телото на Ленин и дотогаш треба да се има подготвен план за пренамената на мавзолејот, за овој процес да не се развлекува со години.

И покрај објаснувањата на архитектите за причините кои стојат позади конкурсот, три дена по објавувањето, Сојузот на архитекти мораше да го повлече. Сепак, ова не е прв пат отворено да се расправа за оваа тема.

Што со телото на Ленин?

Дискусиите за мавзолејот на Ленин започнаа во пресрет на распадот на СССР. Во 1989 година, на Конгресот на народни пратеници на СССР, пратеникот Јуриј Карјакин предложил телото да и се предаде на државата и ги потсетил присутните дека личната желба на Ленин била да биде погребана покрај гробот на неговата мајка.

По говорот на Карјакин, за првпат започнала отворена дискусија во земјата. Било наведено дека чувањето на мумијата е во директна спротивност со христијанството и православието. Погребот на Ленин исто така стана едно од горливите прашања во 90-тите години на минатиот век, бидејќи новата некомунистичка влада сакаше да се ослободи од остатоците од советското минато. Но, турбулентните времиња ги принудија властите да се занимаваат со многу поважни прашања. На крајот на претседателскиот мандат, Борис Елцин изрази желба да се реши прашањето за Ленин, но тој ја напушти својата позиција и ова прашање остана отворено.

8_resize

Што е со мавзолејот?

Поранешниот патријарх на Руската православна црква, Алексеј II, предложил да се избере место вон Црвениот плоштад и таму да се изгради некропола за сите советски револуционери и водачи, па нивните остатоци да бидат пренесени на тоа место.

Претседателката на Советот на федерацијата, Валентина Матвиенко, смета дека ова прашање треба да се постави кога рускиот народ ќе биде подготвен за тоа, а не сега. Таа исто така предлага да се изгради музеј со гробницата на Ленин, сличен на Палатата на инвалидите во Париз.

Претседателот Владимир Путин повеќе пати изрази мислење дека Ленин „не треба да се пипа“. Путин верува дека за многу луѓе тој ги симболизира достигнувањата на земјата од минатото. За комунистите, тоа е секако свето, а Владимир Путин го споредува значењето што мавзолејот го има за комунистите со значењето што го имаат моштите на светците за христијаните. Затоа, тој предлага да се оди напред во иднината и да се развива земјата во сегашноста, наместо да се дискутира за телото на Ленин.

И, конечно, не помалку важен аргумент е дека мавзолејот е под заштита на УНЕСКО, така што не се можни значителни промени во овој објект, кој се смета за вреден споменик на советската архитектура.

Moskau, Lenin-Mausoleum

Ленин починал на 21 јануари 1924 година. Два дена подоцна, архитектот Алексеј Шчусев добил задача да изгради градба погодна за гледање на телото од  ожалостените. Била подготвена дрвена гробница на Црвениот плоштад во Москва на 27 јануари, а подоцна истиот ден во него бил ставен и ковчегот со Ленин. Повеќе од 100.000 луѓе ја посетиле гробницата во следните шест недели. До август 1924 година, Шчусев ја заменил гробницата со поголема, а телото на Ленин било пренесено во саркофаг дизајниран од архитектот Константин Мелников.

1_resize

Патологот Алексеј Иванович Абрикосов го балсамирал телото на Ленин по неговата снрт. До 1929. година утврдено е дека има можност телото да се сочува многу подолго од вообичаенето, па затоа наредната година е направен нов мавзолеј од мермер, гранит и лабрадор, дело на Алексеј Шчусев.

7_resize

Во јануари 1925. година, Президиумот на Централниот извршен комитет на СССР распишал меѓународен конкурс за проект за камен мавзолеј на Ленин. Комисијата добила 117 проекти. Меѓу нив имало разни решенија:  бродот „Октомври“ со ликот на Ленин, кружен мавзолеј во форма на свет, аналогија на египетската пирамида, мавзолеј во форма на петокрака. Но, откако ги разгледала предложените проекти, комисијата одлучила да ја зачува сликата на дрвениот мавзолеј. Архитектот Шчусев, засновано на стари скици, создал неколку нови цртежи и направи модел од гранит, неговиот проект бил одобрен. Одлучено е новата градба да се покрие со црвен гранит , како и црно-сив лабрадор.

10_resize

Мавзолејот од камен е подигнат за 16 месеци – до октомври 1930 година, под раководство на инженерот Исидор Француз. Во споредба со дрвената градба, новиот објект е подигната за три метри повисоко, надворешниот волумен е зголемен 4,5 пати, а внатрешниот волумен – 12 пати. Од обете страни на мавзолејот поставени биле штандови за гости со десет илјади места.

Испрати коментар

Scroll To Top