Годинава се одбележува 110-годишнината од почетокот и 106-годишнината од крајот на Првата светска војна (28 јули 1914 – 11 ноември 1918 година). Постоечките зголемени тензии помеѓу големите светски сили кулминирале на 28 јуни 1914 година, кога во атентант во Сараево го загубил животот наследникот на австроунгарскиот престол првиот војвода Франц Фердинанд по што Австроунгарската Империја на 28 јули 1914 година му објавила војна на Кралството Србија, обвинувајќи го дека било одговорно за атентатот.
Во оваа војна Скопје, тогаш дел од Кралството Србија, било окупирано на 22 октомври 1915 година, а било ослободено на 29 септември 1918 година. Со оглед дека многу повеќе се знае за војната отколку за архитектурата во тој период, преку неколку прикази ќе направам обид да се прикаже што се случувало тогаш. При ова се користени информации од „Српски технички лист“, официјално гласило на Здружението на српски инженери и архитекти од фондот на Универзитетската библиотека „Светозар Марковиќ“ во Белград.
Регулационен план за Скопје, 1914 година
12 јануари 1914 – Конкурс за регулационен план за Скопје
Објавени се измените и дополните на анонимниот Конкурс за изработка на планови за регулација и уредување на градот Скопје со рок за предавање на 15 јуни 1914 година. Право на учество имале инженери и архитекти српски државјани, а по нив Срби надвор од Србија, Хрвати и Словеници. Од учесниците на конкурсот се барало следното:
- Генерален регулационен план во размер 1 : 5000, со поделба на градот на реони за трговија, индустрија, војска и чисто за домување. Во рамките на планот да се одбележат местата за јавни објекти како: соборна црква, општински дом, универзитет, палата на правда, театар, окружно начелство, учителска школа, три гимназии, централна пошта и телеграф, царинарница и даночна управа, централен пазар, болници, основни училишта во квартовите; да се вцртаат јавните простори: паркови, плоштади, стадион за гимнастички вежби и натпревари, да се определи место за гробишта итн.;
- Детален план во размер 1 : 2500 во којшто треба да бидат вцртани сите објекти наброени во точка 1, а покрај тоа: впишани ширините на улиците, назначени нивните просечни падови земајќи предвид да се погодни за сообраќај и најрационална канализација, вцратани сообраќајни средства (трамваи), корекција на Вардар и Серава, одбележани места за идните мостови, и, да се изврши идеална поделба на главните блокови на парцели;
- За поглавните места: јавна трговија, раскрсниците на главните улици и воопшто местата коишто треба архитектонски да се обработат, да се нацртаат во размер 1 : 1000 и 1 : 500;
- За попречни пресеци на улиците да се изготват типови во размери 1 : 200 и 1 : 100;
- По можност да се изготват перспективи, изгледи на поедини карактеристични места, а притоа да се обрне особено внимание на градбите околу Душановиот град и во него;
- Да изберат и на планот да ги означат местата за идните уметнички објекти (споменици, чешми, мостови итн.) и тие со непосредното опкружување по можност да ги нацртаат во перспектива;
- Да дадат детален опис и објаснување на плановите.
За учесниците на конкурсот биле предвидени три награди: Прва во износ од 7 000 динари, втора од 4 000 динари и трета од 3 000 динари, со тоа што жирито има право да може евентуално да предложи уште два други проекти, секој од нив за откуп во вредност од 750 денари. Сите наградени проекти станувале сопственост на општината на градот Скопје, додека ненаградените им се враќале на поднесувачите.
Претседателот на општината на градот Скопје, г. Спира Хаџи-Ристиќ
Жирото било во состав:
- Претседателот на општината на градот Скопје г. Спира Хаџи-Ристиќ;
- Инженерско-технички полковник г. Стеван Бошковиќ, началник на Географското одделение при Главниот генералштаб;
- Архитект г. Милорад Рувиниќ, универзитетски професор;
- Инженер г. Драгољуб Спасиќ, универзитетски професор; и
- Г. Пера Поповиќ, виш архитект при Министерството за градежништво.
Веројатно како илустрација за вредноста на основниот награден фонд за учесниците во конкурсот може да послужи и информацијата дека во тоа време, предрачунската вредност за изградба на нов мост од зајакнат бетон со распон од 10 метри преку потокот Раковица во Влачка била 13.829,97 динари, значи помалку од вредноста на првите три награди заедно.
Од расположливите информации познато е дека првата награда на овој конкурс ја добил Димитрије Т. Леко (1863 Белград – 1914 Крагуевац), кој бил добитник на повеќе награди на урбанистички конкурис во тој период и се обидувал да го примени моделот на осовременета архитектура и урбанизам во Белград, a под влијание на своите студии по архитектура во Цирих, Ахен и Минхен. За жал, ниту еден од неговите првонаградени урбанистички трудови, како оние за уредување на Теразије и на Мали Калемегдан во Белград, па и оној за регулациониот план на градот Скопје не биле реализирани. Во однос на скопскиот, авторот на првонаградениот труд починал на 24 септември 1914 на возраст од 51 година и неполни два месеци од започнувањето на Првата светска војна. Веројатно овие два настана придонеле овој регулационен план за градот Скопје никогаш да не биде реализиран.
Димитрије Т. Леко
2 февруари 1914 – Државен технички испит
Објавена е листата на 30 кандидати за полагање на Државниот технички испит во февруари 1914 година во Кралството Србија, од кои 25 биле за градежни инженери, два за машински инженери и три за архитекти. Двaјца од кандидатите за Државниот технички испит за архитекти биле подархитектите Глигорије Томиќ и Јосиф Михаиловиќ од Скопската дивизија. За кандидатите архитекти Државниот испит се полагал во Министерството за градежништво, а испитите почнувале во 8 часот наутро и во 15 часот попладне. Испитот за архитекти се состоел од писмен и устен дел со по два испитувачи за секој дел од испитот:
Писмен испит:
- 17 февруари: Проектирање на јавни објекти;
- 18 февруари: Проектирање на индустриски објекти; и
- 18 февруари: Архитектонски конструкции.
Устен испит:
- 21 февруари: Историја на архитектура и архитектонски форми;
- 22 февруари: Проектирање на јавни, земјоделски и приватни згради;
- 24 февруари: Архитектонски конструкции; Уредување на населби;
- 26 февруари: Државна и техничка администрација; Енциклопедија на машинство;
- 26 февруари: Внатрешно уредување на згради
Јосиф Михаиловиќ
Оваа информација веројатно ќе биде од интерес со оглед дека Предлог-законот за градење од 13 октомври 2013 година се залага за воведување полагање на стручен испит за да се добие овластување од страна на Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Од оваа историска информација може да се види дека архитектите и инженерите на територијата на Македонија требало да полагаат стручен испит во период од околу 50 години дури од времето на Кралството Србија по Балканските војни, па сè некаде до периодот по земјотресот во 1960-тите години кога стручниот испит бил укинат за по 60 години повторно да се разгледува можноста за негово воведување.
Ибни Пајко, Скопје, архитект Глигорије Томиќ
23 април 1918 година – Приоритети на струката
На вонредното Собрание на Здружение на српски инженери и архитекти како главни задачи биле зацртани организирањето на помош за семејствата на оние членови коишто останале во Србија, образованието на техничарите вклучително со тоа како да им се помогне на оние коишто се образуваат во средните технички училишта во Франција да добијат факултетско образование, и како да се организира полагањето на стручниот државен испит за инженери.
Како што може да се види приоритетите на струката во тоа време биле помошта на семејствата на своите колеги, континуитет на образованието во струката и организирање на стручните испити во воени услови.
зградата на првата српска опсерваторија, архитект Димитрије Т. Леко
10 и 11 јуни 1918 година – Инженери и архитекти
На редовното Собрание на Здружението на српски инженери и архитекти била дадена информација за бројот на инженери во земјата. Од 486 евидентирани 34 (7 %) го загубиле својот живот. Тогаш најголемиот број инженери 231 (48 %) се наоѓале на територијата на Солун, 91 (19 %) во сојузничките земји и Швајцарија, 79 (16 %) биле останати во Србија, а за 51 (10 %) од нив не се знаело каде се наоѓаат. Земено во целост околу две третини од сите инженери биле членови на Здружението, додека другите не.
Според списокот на редовни членови на Здружението на ден 10 јуни 1918 година само за овие инженери и архитекти може да се утврди поврзаност со Македонија во тој период:
- Бронштајн Ефрем, архитект, Општина Скопје (999)
- Гагиќ Чедомир, инспектор, Градежна инспекција во Скопје (Србија)
- Ивковиќ Лука, Шеф на градежната инспекција во Скопје (Србија)
- Крстиќ Тома, инженер, Министерство на градежништво (Битола)
- Крулек Ернест, инженер, Општина Битола (Швајцарија)
- Петровиќ Јордан, приватен инженер, Битолска дивизиска област (Битола)
- Петровиќ Михајло, С., инженер, Министерството за војска, Битолска дивизиска област (Битола)
- Поповиќ Љубомир, инженер, градежен инспектор Скопје (999/104)
- Шијачки Коста, инженер, Општина Тетово (999)
Црвен крст, Скопје, архитект Јосиф Михаиловиќ
Според расположливите информации може да се види дека на 10 јуни 1918 година само девет (околу 3 %) од 311 редовни членови на Здружението на српски инженери и архитекти можат да се поврзат со територијата на денешна Македонија. Со оглед дека има само ограничени информации за локациите на членовите, и нема појаснување на сите користени кратенки, може да се претпостави дека работното место се однесува или на последното вработување пред почетокот на војната или пак на последното вработување во текот на војната. Локациите на градови и земји на престој во заграда укажуваат на оние коишто во тој период се наоѓале на ослободената територија, вклучително со Битола по пробивот на Солунскиот фронт. За локациите со бројки во заграда може да се претпостави само дека станува збор за воени или за слични пошти во чии рамки лицата биле лоцирани.
приватна куќа на Јосиф Михаиловиќ, денес амбасада на Р. Албанија
Следејќи ги трагите на двајцата кандидати за полагање на државниот технички испит за архитекти во февруари 1914 година може да се види дека Глигорије Томиќ бил архитект во Министерството на војската во Србија, додека Јосиф Михаиловиќ бил архитект во Министерството за градежништво, а во тоа време се наоѓал во Северна Америка. Според расположливите информации Јосиф Михаиловиќ (1887 – 1941) бил третитот инженер/архитект роден на територијата на денешна Македонија. Тој дипломирал во 1910 година на Универзитетот во Белград, додека Глигорије Томиќ (1886 – 1971) бил четвртиот, а дипломирал 1914 година на истиот универзитет. Веројатно пожелно е да се појасни дека во различни документи, презимето на архитектот Јосиф може да се најде како Михајловиќ, Михаијловиќ или пак како Михаиловиќ, при што, според неговото семејство, последното е точното.
Веројатно текстот ќе помогне да се создаде нешто подобра слика како за зачетоците на урбанистичкото планирање во Скопје, така и за првите инженери и архитекти коишто работеле на овие простори.