Архитектонското биро од Гдањск Archmondo Piotr Kowalczyk неодамна завршило проект наречен Dolina bukow (Долина на буки).
Овој комплекс од четири куќи сместен е во близина на езерото Грабовко во Полска, во шармантна долина опкружена со живописни букови шуми, што е и нагласено во неговото име.
Како што објаснуваат полските архитекти, не многу големиот обем на проектот и едноставноста на архитектурата резултирале со создавање на пријатен заеднички простор, погоден за развој на односите меѓу соседите.
„Светлосивите бои на фасадата и двоводните кровови, како и фронтоновите на куќите обработени со даски од смрека, на целината и даваат современ и природен карактер“ – велат од бирото.
Проектот водел сметка за приватниот простор на станарите со создавање наткриени тераси, чии кровови ја нагласуваат формата на архитектурата, а воедно се и одлично место за одмор и релаксација.
„Големите прозорци на јужните тераси овозможуваат целосно искористување на природното осветлување. Тие го прават ентериерот светол и поврзан со екстериерот“ – велат архитектите.
Исто така, секоја куќа има простран сопствен простор, кој им овозможува на станарите удобност и пријатна атмосфера.
Целиот имот е идеално место за луѓе кои бараат мир и близина на природата.
„Сместени во близина на езерото, овие викендички нудат можност да уживате во различни водени активности, како што се пливање, риболов и кајак, додека соседството е одлична база за пешачење во околните шуми и ридови“, велат од полското биро.