Во есента 1956. година Алвар Алто бил контактиран од познат француски трговец со уметнички дела Louis Carré и неговата сопруга, кои сакале да изградат вила со највисок уметнички квалитет и удобност на голема парцела, што Carré ја купил во близина на селото Bazoches, Франција со простран поглед на пределот богат со историја кој се претопува со Forêt de Rambouillet. Покрај за архитектурата, Алто требал да биде одговорен и за опремувањето со мебел – што е можно поексклузивно дизајниран – и за уредувањето на целата парцела со тераси и насади.
Алто многу внимавал за целокупното искуство и впечатокот што ги создава Maison Louis Carré. За да се стигне до неа од првото влегување на локацијата, мора да се оди по коса патека до врвот на ридот. Оваа долга патека, како и нејзината оддалеченост од Париз, и дава на куќата приватно чувство на светилиште. Алто ја постави куќата на врвот на локацијата, обезбедувајќи идеален поглед на југ. Главната надворешна карактеристика е постепеното закосување на покривот, кој речиси се појавува како продолжение на ридот.
Куќата е под голем кос кров од син нормандиски шкрилец, закосен во имитација на самиот пејзаж. Основата и делови на ѕидовите се варовник од Шартр, а за фасадите се користени и бела обработена тула и мермер. Бидејќи целта на куќата била делумно изложување на скапоценостите од збирката на трговецот Carré на истакнати клиенти во ексклузивно домашно милје, собите се поделени на забавен дел и дел за услуги.
Пространиот влезен хол со големи панели за закачување слики има дрвен таван со слободна форма, изведен на лице место од фински столари, како и скалестиот дрвен таван на големата дневна соба. Целиот ѕид од дневната соба свртен кон погледот е исполнет со панорамски прозорец.
Специјално дизајнираните светилки, мебел со многу уникатни детали го комплетираат ентериерот, кој со своите величествени уметнички дела создава модерен комфор. Одвоените спални соби на г-дин и г-ѓа Carré со финска сауна и интимна градина заштитена од ветрот се исто така раскошно уредени. Косината на кровот расте од кујната, канцеларијата и луксузната гостинска соба и создава простор за горниот кат кој содржи четири спални соби за персоналот.
Градината, со многуте стари дрвја, Алто ја уредил со систем на „тревни скали“ т.е. ниски тревни тераси поткрепени со расцепени стебла (денес заменети со камени).
Како и во многу други негови дела, Алто создал комплетно уметничко дело со Maison Louis Carré, комбинирајќи објект, градина, мебел и внатрешен дизајн. Тој вклучил многу суптилни, но значајни детали, како во ентериерот, така и во екстериерот. Зад куќата се наоѓаат базен и гаража.
Елеганцијата на Maison Louis Carré е неспорна, од применетите материјали до извонредните детали. Тоа е единствениот преостанат објект на Алто во Франција и во 1996. година е класифицирана како важна историска зграда. Во Франција е заштитена со закон и сега е во сопственост на Здружението Алвар Алто на Франција.