Веднаш од својата надворешност, продавницата за накит „Сигма“, во Градски трговски центар во Скопје, евоцира чувство на сјај и префинетост. Проектот на ентериерот, зад кој стои архитектот Бојана Филиповиќ, е физичка манифестација на самиот бренд. Уште од самиот влез нè пресретнува „златен пат“ кој ги поврзува името, фасaдниот излог и ентериерот на продавницата.
Инспириран од комбинација на интимност со елегантно чувство на гламур, дизајнот на ентериерот не го одвлекува вниманието од убавината на самиот производ. Внатрешноста се наѕира преку јасната рамка на рефлективната фасада, вовлекувајќи ги купувачите во внатрешниот излог – продавницата.
Распоредот е дизајниран за оптимално користење на просторот. Линеарното редење ја засилува перспективата и му дава на задниот дел на просторот чувство на интимност. Ѕидна преграда одвојува мал „privé“ во заднината, наменето за клиенти кои преферираат интимен и тивок простор.
Просторот за клиентите го окупира централно поставена комода на една страна, додека конзолна стаклена витрина и облога од оникс се закачени на спротивната страна од сервисниот простор, што овозможува разгледување на производите во неформален манир.
Изложбените елементи се дизајнирани да ја потенцираат видливоста, осветленоста и брилијантноста на накитот; неговата физичка ергономија и неговата безбедност. Ѕидната витрина со неврамено стакло ја ограничува светлината за да го насочат вниманието на самиот производ. Ритмичниот образец на транспарентните кутии во комбинација со дрво се акцентирани со нивната поставеност на осветлен ѕиден панел. Висечките светилки над секој засебен елемент овозможуваат илуминација на продуктот и оддаваат дистинктивна топлина во просторот.
Кај надворешниот излог е воспоставен начин на посредување меѓу набљудувачот и објектот. Парчињата накит се скапоцени и мали: тие се истовремено заштитени и понудени. За оваа витрина, стаклото станува носач на иложбените полици. Неговата исклучителна транспарентност, генерира апстрактен изложбен простор, каде хоризонталните линии се чини дека лебдат во просторот.
Ентериерот и неговото осветлување се несомнено инспирирани од природата на кристалното стакло и дијамантите; нивната можност да генерираат извонредни ефекти на светлина и чисто апстрактната природа на нивниот материјал. Вкрстени со светлина, тие имаат способност да генерираат спектакуларни ефекти со силен карактер.
Во таа смисла, нурнат во призматичен калеидоскоп од рефлексии, ентериерот и софистицираните алатки за визуелизација го подобруваат прикажувањето на самите производи. Резултатот е многу впечатлив визуелен контекст, со живи контрасти помеѓу сјајно и мат, светло и сенка, тежина и леснотија.
Изборот на тактилни материјали постигува искуственo влијание кај гледачот. Три контрастни обработки на ѕидните облоги, природни бои и потенцирано осветлување ги дополнуваат современите прави линии на мебелот.
Ентериерот е целосно базиран на леснотија, како комбинација на стакло со фино ткаење на природни материјали. Детали како златната декоративна „решетка“ со карактеристична орнаментика, светлечката облога во оникс и обработките во бронзен месинг, му даваат луксузен допир на ентериерот.
И покрај скапоценоста на продуктите, дизајнерскиот пристап е едноставен и личен. Ова е постигнато со сооднос на гламурозни наспроти скромни обработки и со интеракција помеѓу визуелната и психолошка пристапност. Дизајнот е современа комбинација на традиција и модерност, рефлектирајќи го самиот бренд – семеен бизнис кој преку топол и познат пристап кон клиентите нуди современи и исклучителни парчиња накит со генерации.