Куќата-студио на Диего Ривера и Фрида Кало е една од најпознатите културни обележја на Мексико Сити, како резиденција и студио на двајцата значајни уметници од 20 век, но и како прв објект – предвесник на модерното движење на Американскиот континент.
Ова дело предизвикува бурни реакции во јавноста во 1930 година, поради мешањето на органската мексиканска архитектура и муралното сликарство со функционализмот. Таа ги скрши сите естетски парадигми на архитектурата во Мексико, под влијание на мноштвото теории и мисли што се појавија од авангардните архитекти на европскиот континент, како што беше Ле Корибизје.
Размислите за рационално искористување на материјалите, анализи за функционалноста на идеален простор и адекватно приспособување на активностите во рамки на просторот се радикалните идеи кои беа асимилирани во архитектонската светска заедница. Овие две куќи се направени со минимални трошоци и напор.
Мексиканскиот сликар и архитект Хуан О’ Горман, пријател на Диего Ривера е проектант на овој проект. Историјата на куќата-студио отпочнува кога Хуан купува две парцели една до друга, по цена од една и му предлага на Диего да направи две куќи за него и неговата жена, поврзани со мост. Ривера ја користи поголемата црвена половина како своја куќа, додека Кало ја користи сината. Слободни за непречена работа во различни делови а поврзани со мост. Градината е одвоена со ограда од кактуси. Во оваа куќа Диего и Фрида живеат заедно од 1934 до 1940 година, кога се разведуваат.
Ривера живее во куќата до крајот на својот живот, 24 ноември 1957 година, кога двете поврзани куќи се предадени на неговата ќерка, која ги донира на Националниот институт за убави уметности. Сега, куќата функционира како музеј каде можат да се видат ателјеата на двајцата уметници, како нем сведок за нивниот темперамент, борби, патила и болки.