Насловна / Архитектура / Архитектонската професија на почетокот на 21-виот век

Архитектонската професија на почетокот на 21-виот век

Новата 2020 година и почетокот на третата деценија на 21-виот век ја дочекаа над 7.754 милијарди лица во светот од кои според проценките во Архитајзер (Architizer) 3 до 4 милиони се архитекти. Од овие се смета дека околу 1,3 милиони се членови на асоцијациите на архитекти низ 124-те земји членки на Интернационалната унија на архитекти (International Union of Architects – IUA).  Од друга страна, Советот на архитектите од Европа (Architects’ Council of Europe), каде Северна Македонија сè уште не е членка, проценува дека во 2018 година вкупниот број на архитекти во 31 земји членки на Советот изнесува околу 562 илјади.

14103013_10154288363920781_4581909655146099829_o

На локално ниво, според Комората на овластени архитекти и овластени инженери од формирањето на истата досега во регистарот на Комората евидентирани се вкупно 8.409 архитекти и инженери (вклучително со оние од странство коишто имаат потврдени овластувања во Северна Македонија) од кои  2.012 во Одделението за архитектура и 620 во Одделението за урбанизам.  Според евиденцијата на Комората на крајот на 2019 година (заклучно со 31.12.2019), вкупно имало 3.478 активни (со платена членарина) овластени архитекти и инженери од кои 776 примарно во Одделението за архитектура и 274 примарно во Одделението за урбанизам.  При што се проценува дека над 90 % од членовите во Одделението за урбанизам се и членови во Одделението за архитектура.  Доколку се земат предвид овие проценки и се пренесат на вкупниот број на досега евидентирани лица во Одделението за архитектура и Одделението за урбанизам, како и на активните членови во двете одделенија, произлегува дека досега во Комората биле евидентирани околу 2.050 архитекти од кои активни во моментов се околу 800.

Погорнава бројка од околу вкупно 2.050 досега регистрирани архитекти во Комората на овластени архитекти и овластени инженери може да се смета дека е во редот на посочените вредности според меѓународни пописи и истражувања спроведени во периодот од 2002 до 2015 година каде за состојбата во Северна Македонија се наведува бројката од 3.000 архитекти, 500 студенти на архитектура и 1 факултет за архитектура.  Оттука може да се претпостави дека главно биле користени податоците од истражувањето за „Архитектонската пракса низ светот“ (Architectural Practice Around the World) спроведено од Колеџот на архитектите на Каталонија (Col-legi d’Arquitectes de Cаtalunya) од 2005 година.  Разликата во бројките помеѓу бројот на архитектите во земјата и вкупниот број на досега евидентирани архитекти во Комората може да се појасни со фактот дека веројатно сите архитекти во земјата досега не аплицирале во Комората за да добијат овластување и како резултат на ова тие не се појавуваат во нивната евиденција.

И покрај малиот удел на архитектите од Северна Македонија во вкупниот број на архитекти во светот, земјата е висококотирана во светот според бројот на архитекти по жител, особено кога бил земен предвид вкупниот број на архитекти, а не само оној на вкупно досега евидентираните архитекти во Комората, или пак на моментално активните членови во Комората. Така, според пописот на архитекти во 36 земји од светот за изложба на Венецијанското биенале во 2014 година, Северна Македонија е трета според бројот на архитекти на жител во земјата.  Според овој попис во Северна Македонија има по 1 архитект на секој 687 жители, коешто е нешто помало од второпласираната Малта со 1 архитект на 646 жители и лидерот Италија со 1 архитект на 414 жители. Поранешните студии спроведени од страна на Колеџот на архитектите на Каталонија во 2002 и во 2005 година ја ставаат Северна Македонија исто така на третото место по бројот на архитектите на жител, но овој пат врз основа на податоци од 91 земја.  Според студијата од 2005 година Северна Македонија е исто така трета со 1 архитект на 692 жители, со тоа што Италија е втора со 1 архитект на 516 жители, а Јапонија прва со 1 архитект на 416 жители.

Untitled-1

Од времето на горенаведените меѓународни студии па досега, состојбите во доменот на архитектурата во земјата веројатно барем делумно се сменети и тоа особено во однос на бројот на факултети за архитектура каде е регистрирано исклучително зголемување. Така, според веб-страниците на акредитираните високообразовни установи во земјата во учебната 2019/2020 година програми за студии во областа на архитектурата се достапни на осум институции од кои дури шест се лоцирани во Скопје, а преостанатите две во северозападниот дел на земјата. Врз основа на извештаите на Државниот завод за статистика може да се претпостави дека во претходната академска 2018/2019 година на овие факултети биле запишани околу 820 студенти на додипломски студии, а дека во академската 2017/2018 година биле запишани и околу 70 студенти на постдипломски, магистерски студии, но дека немало запишани на специјалистички или докторски студии. Овие бројки се базирани на проценки со оглед дека информациите публикувани во статистичките извештаи најчесто не го прикажуваат бројот на запишани студенти на насоката архитектура во оние случаи кога насоката е само една од повеќето можни насоки во рамките на факултетот. Оттука во овие случаи е претпоставено дека постои рамномерна распределба на студентите низ расположливите насоки.

Untitled-2

Отсуството на запишани студенти на докторски студии по архитектура веројатно може да се објасни со фактот дека од промената на стариот менторски систем во новиот студиски систем за докторски студии, факултетите во Северна Македонија најверојатно немаат распишано конкурси за докторски студии. Навидум непостоечкиот интерес за специјалистички студии веројатно може да се објасни со оглед на тоа дека тие претставуваат некоја меѓуквалификација помеѓу додипломските и постдипломските, магистерски студии.

Врз основа на информациите достапни на веб-страниците на архитектонските факултети во земјата се чини дека сè уште нема тенденција да се бара меѓународна архитектонска валидација (акредитација) на програмите во доменот на струката. Како резултат на тоа ниту една од наставните програми во доменот на архитектурата во земјата не е валидиран од страна на системот на УНЕСКО – Интернационалната унија на архитекти за валидација на студиски програми за архитектура (UNSCO-UIA Architectural Study Programme Validation) или пак на Кралскиот институт на британските архитекти (Royal Institute of British Architects – RIBA).  За разлика од ова во неколку земји од регионот веќе постојат меѓународно акредитирани програми од страна на УНЕСКО-ИАУ и на Кралскиот институт на британските архитекти. Се разбира, ваквите екстерни валидации на образовниот процес не се задолжителни, но очигледно во некои институции нив ги сметаат како одраз на независна верификација на наставните програми и наставниот процес надвор од јурисдикцијата на земјата во којашто тие работат, но веројатно како и алатака за маркетинг преку која можеби ќе може да привлечат повеќе студенти.

Untitled-3

И покрај постоењето на осум универзитети со факултети за архитектура, Асоцијација на архитекти, Инженерска институција во која Асоцијацијата е член, и Комора на овластени архитекти и овластени инженери не е евидентно дали и во која мерка се истражуваат актуелните состојби во доменот на архитектонската професија во земјата.  Во оваа смисла веројатно би помогнало евентуалното членство на Асоцијацијата на архитектите во Советот на архитектите од Европа со оглед дека Советот на секој две години спроведува истражување за состојбите во професијата, а Асоцијацијата во минатото имала статус на посматрач во рамките на Советот.

Според информациите достапни на веб-страниците на Асоцијацијата на архитекти, Инженерската институција и Комората може да се согледаат следниве меѓународни поврзувања на овие организации со меѓународните:

  • Асоцијацијата на архитектите на Македонија е членка (1) на  Меѓународната унија на архитекти во рамките на Вториот регион и (2) на Советот на архитекти на Централна и Источна Европа (Council of Architects in Central and Eastern Europe- CACEE),
  • Инженерската институција на Македонија е членка на Асоцијацијата на европските национални инженерски организации (European Federation of National Engineering Association).
  • Комората на овластени архитекти и овластени инженери е членка на Европскиот совет на инженерски комори (European Council of Engineering Chambers – ECEC) и на Светската федерација на инженерски организации (World Federation of Engineering Organizations-WFEO).arh

Опстојувањето на Асоцијацијата на архитекти и Инженерската институција, особено во периодот на осамостојувањето и транзицијата се значајни придобивки коишто главно беа реализирани со голем ангажман на волонтери во двете организации во комбинација со скромна финансиска поддршка од страна на институции и работни организации. Како резултат на овие напори оваа 2020 година се одбележува 100-годишнината од зачетоците на Инженерската институција основана во 1920 година како Секција Скопје на Здружението на југословенски инженери и архитекти. Се разбира активностите на Асоцијацијата и Инженерската институција во периодот на транзиција во голема мерка придонесоа и за основањето на Комората.

Политичко-економските состојби во земјата и во рамките на професијата вклучително со недобивање на датум за почеток за преговорите за пристапување кон ЕУ во изминатиот период веројатно во голема мерка имаат придонесено за интеграцијата на архитектите и инженерите од Северна Македонија да не се одвива со посакуваното темпо.  На пример Асоцијацијата на архитекти сè уште да не е членка на Советот на архитектите од Европа, а Инженерската институција да стане полноправна членка на Асоцијацијата на европските национални инженерски организации дури во 2010 година, значи скоро две децении по осамостојувањето на земјата. Се претполага дека задоцнетото приклучување кон последнава и посакуваното, но сè уште нереализирано членство во ЕУ имаат придонесено за отсуството на техничките факултети од Северна Македонија во Листата за европско инженерско образование (European Engineering Education Database), и неможноста инженерите од земјата да се стекнат со меѓународно признатото звање европски инженер (European Engineer Eur-Ing) коешто овозможува преносливост на квалификациите во рамките на земјите членки на Асоцијацијата и пошироко преку меѓуорганизациски конвенции.

arh6

Во погорниов текст е направен обид да се даде еден преглед на состојбата во рамките на архитектонската професија на периодот од втората во третата декада на 21-виот век со акцент на бројноста и организираноста на архитектите во земјата, меѓународното поврзување и евидентната експанзија и отворањето на поголем број можности за стекнување на архитектонското образование во земјата. За разлика од ова во следното продолжение ќе се покријат други аспекти во доменот на архитектонската професија на преминот од втората во третата декада на овој милениум.

Испрати коментар

Scroll To Top