Насловна / Архитектура / Архитектонска визуализација – посебна индустриска гранка

Архитектонска визуализација – посебна индустриска гранка

Напоредно со употребата на компјутери за архитектонско проектирање и појавата на CAD- програмите, помалку незабележливо се одвиваше и развојот на програми за архитектонска визуализација, првенствено преку програми за анимација. Денес, тоа претставува голема, одделна индустрија која ги поместува поставените граници.

2_resize

ЗАМЕНА ЗА АРХИТЕКТОНСКИТЕ МАКЕТИ

Визуализацијата и, пред сè, моделирањето доаѓаат како замена за архитектонските макети. Побрзо, а веројатно е и поевтино да се направи 3Д модел на иден објект, отколку да се направат макети кои не се целосно исчезнати, но нивната употреба е значително намалена.

Некаде на почетокот на новиот милениум, архитектите помалку срамежливо користеа програми за анимација, кои им овозможуваа да направат релативно скромни модели на идните објекти. Материјализацијата, осветлувањето, а често и деталите на ваквите архитектонски визуализации беа револуционерни во периодот кога се појавија, но технологијата е таква, што архитектонските прикази, многу често, по само неколку години, изгледаат застарени во споредба со оние што се актуелни.

dd_resize

На некој начин, тоа е и добро и лошо во исто време.
Пред сè, со поместување на границите, добивме можност подобро да ги видиме идните објекти, но во исто време и можност за манипулација, бидејќи има случаи кога изградениот објект остава далеку полош впечаток отколку што бил случајот со визуализацијата. Од друга страна, клиентите, пред сè крајните клиенти, станаа „разгалени“ со барањата за визуализација, без каква било потреба да ја користат својата имагинација за да се обидат да го видат идниот објект.

6-1_resize

Авторот на овој текст започна со архитектонска визуализација пред околу десетина години, при крајот на факултетот. Тоа беше начин, студент, а потоа и архитект да ги претстави своите проекти на нешто подобар начин, а во исто време има можност да зависи помалку од луѓето кои би требало да работат за него.

Во тоа време, архитектонската визуализација не се изучуваше на Архитектонскиот факултет, иако огласните табли беа облепени со огласи каде што други студенти или професионалци ги нудеа своите услуги. Една од идеите беше и зошто тоа не би можел и јас да го работам?

05_spavaca soba-1_resize

Пред десетина години, за разлика од денес, потребните информации за стекнување вакви вештини беа оскудни. Денес, доволно е да напишете „како да…“ на YouTube, без многу мака, за каков било проблем, и многу е веројатно дека ќе бидат пронајдени неколку клипови каде што може да се види одговорот на прашањето.
Во тоа време, беше потребно повеќе труд за да се дојде до информации, од туторијали кои ги имаше малку, но постоеја, до книги, сè доаѓаше предвид за да се дознае нешто повеќе. Исто така, се чини дека програмите во кои се работеше во тоа време, бараа повеќе подесувања и имаа повеќе грешки отколку што е случај денес. На некој начин, сè делуваше потешко отколку што изгледа денес, што може да биде и погрешен впечаток. Потребни беа многу напори, и пред сè подготовка и учење, за да се добие некој скромен резултат, кој тогаш, од тогашна перспектива изгледаше одлично.

nobnek4_resize

НА СЦЕНА СТАПУВА МЛАДАТА ГЕНЕРАЦИЈА

Тоа се годините кога во Европа сè уште постои релативна криза во архитектурата. Едноставно немаше работа, особено немаше доволно работа за младите архитекти. Додека постарите архитекти сè уште имаа одредени клиенти и проекти, младите многу тешко доаѓаа во ситуација некој да ги ангажира. Она што беше добро во сето ова е тоа што постоеше јаз во потребите и знаењето. Пластично кажано, архитектите со репутација имаа клиенти и проекти, клиентите и тогаш беа навикнати да бараат да видат што е можно повеќе од идниот проект, а тие архитекти често немаа знаење да ги исполнат таквите барања на клиентите. Тогаш на сцена стапува нова генерација, која повеќе или помалку добро се справува со програмите за визуализација, но нема свои клиенти и проекти. Таканаречена ситуација win-win, барем така му изгледаше на авторот на овој текст. Не само што е добиена прилика стекнатото знаење  да се наплати, туку е добиена  можност, преку работа на визуализација, да се запознае реалноста на проектирањето во пракса, разбирање на одредени фази на работата и да се научи многу во пракса.
Во животот е потребно да имате малку и среќа, така што се случуваше еден архитект да му препорача на друг архитект млад колега кој се занимава со визуализација, и така работата се шири. Колку повеќе човек има работа, толку работата станува рутина, а покрај развојот на технологијата, се развива и личното знаење. Сè уште го паметам моментот кога требаше да моделирам лустер, бидејќи никаде не можев да најдам нешто слично, па со часови гледав во книгата и во сите можни туторијали кои ги имав во тоа време.

20190409_studio3-1_resize

НОВА ГРАНКА НА ИНДУСТРИЈАТА

На глобалниот пазар, имаше луѓе кои навреме разбраа дека се роди нова гранка на индустријата која веќе не е тесно поврзана со проект или со одреден архитект, туку дека може да ги понудат своите услуги на глобално ниво како агенција. Тие станаа специјализирани агенции, нешто како бироа кои се занимаваат само со изработка на модели, кои немаат проектанти во својот тим, туку исклучиво луѓе кои се занимаваат со визуализација. Со текот на времето, бизнисот кој е профитабилен, порасна толку многу што тоа е индустрија во која „се вртат“ милиони и која на некој начин влијае врз самата архитектура.

Едноставно, многу добрата визуализација ги зголемува шансите за да се победи на конкурс, ги зголемува можностите за добивање работа и да се биде избран меѓу многу конкуренти.

kuhinja2_resize

Еден од деловните модели во конкретниот случај е договор помеѓу студиото за визуализација и архитектонското биро за „заедничко учество“ на конкурсот на следниот начин, студиото за визуализација ќе го вложи своето време за да ја направи најдобрата можна визуализација и тоа ќе го наплати 50 отсто од цената. Во случај да се добие некоја награда на конкурс, вкупната цена ќе биде двојно поголема од почетната, односно четири пати повисока од онаа што е платена во случај конкурсот да не е добиен.

Како што конкуренцијата и квалитетот се сè поголеми на глобално ниво, покрај фотореалистичноста, која практично веќе е постигната, студијата за визуализација додаваат и дополнителна вредност на своите прикази. Едноставно кажано, да се има добар приказ не е доволно, потребно е тој да раскаже приказна, да има таканаречен Storytelling, да предизвика емоција кај луѓето кај кои треба да предизвика емоции. Така, денес честопати може да видиме прикази што се многу повеќе од обично претставување згради.

LA_1_Post_1-1_resize

Иако економски можеби звучи неоправдано, денес најголемите студија за визуализација се во Западна Европа и Северна Америка, и покрај многу пониската цена во Азија или Јужна Америка. Можеби една од причините е што најголемите архитектонски бироа сè уште се наоѓаат токму таму, иако не е редок случај нивните азиски филијали да бидат попрофитабилни и поуспешни од централите.

Индустријата како таква, тежи да се однесува како посебна гранка на индустрија, така што честопати се организираат семинари кои се занимаваат исклучиво со состојбата во индустријата. Еден од попознатите беше, до избувнувањето на епидемијата на коронавирусот, семинарот Академски денови во Венеција. Она што е интересно е дека минатата година, на крајот на 2020 година, за прв пат, тој семинар беше организиран преку интернет и имаше говорници од целиот свет. Семинарот беше бесплатен со молба да се уплатат средства на италијанскиот Црвен крст.

20190410_1_resize

Каква е иднината на архитектонската визуализација, веројатно никој не може да каже. Одредени предвидувања одат во насока дека програмите ќе станат уште поедноставни за користење, како што се случи во претходните десет години, како и дека фокусот може да се префрли на анимација или поголема можност за интеракција на самите прикази. Постојат и денес можности за интеракција преку употреба на ВР-кациги, но се чини дека квалитетот сè уште не го достигнал својот целосен потенцијал.

Kamera_1-1_resize

Она што е добро е што самата гранка на индустрија дава одлични можности како за архитектите, така и за луѓето кои се подготвени тоа да биде нивна кариера. Сè додека се гради, ќе има клиенти кои ќе мора да ја видат инвестицијата што е можно пореално, а колку некој и да има идеја постојано да учи, човечкиот ум со годините ја губи можноста да усвојува знаење, така што секогаш постои тој јаз помеѓу оние кои имаат работа во проектирање, но немаат знаење во визуализација и оние кои сè уште немаат клиенти за проектирање, но имаат знаење за визуализација. Тоа може да биде добра прилика, а приликите е добро да се искористат.

Автор на текстот и визуелизациите: Ѓорѓе Јокиќ, дипл. инж. арх.

(Специјално за Порта 3 од Србија)

Испрати коментар

Scroll To Top