Локацијата на која е изградена зградата е една од последните на „„Булеварот на ослободување“ во Нови Сад. Желбата на клиентот била станбено – деловната зграда да биде препознатлива на еден од најфреквентните булевари во градот.
„Мојата желба беше објектот да предизвика реакција кај минувачите и набљудувачите. Се разбира, ова не е единствената карактеристика на зградата, но и покрај добрата организација и структура на становите, како и едноставната поставеност на зградата на многу плитка парцела, мојот главен водич беше заводливоста на архитектурата“, вели проектантот Лазар Кузманов.
Математичка ритмичност на фасадата
Кузманов веќе извесно време се занимава со воведување на математичка ритмика во својата архитектура, што е случај и со овој станбено – деловен објект.
„Тоа не е лесна задача, но мислам дека кубичната игра на форми на фасадата и нејзиниот цврст и јасен распоред дава можност да се покаже силата на идејата. На оваа зграда понудив архитектонска ритмичка игра. Испраќа силна порака дека секој архитектонски објект мора да има своја законитост и идеја“, вели архитектот.
Она што било посебна задача е како да се „облечат“ кубичните форми, да останат уверливи и да ја испратат архитектонската идеја. Кузманов се одлучил за керамика, стаклени огради и алуминиумски профили во иста боја со керамиката.
„Се разбира, на белата фасада мораа да се појават црни расфрлани кубуси за да ја зајакнат идејата на мојата игра со архитектурата. На крајот на краиштата, додека постои таа игра, дотогаш ќе се занимавам со архитектура“, вели архитектот.
Кузманов при проектирањето на оваа зграда не се осврнувал многу на околните објекти, а тоа, како што вели, ретко го прави, освен ако не е заштитена зона, што овде не било случај.
Единствената идеја била скалите вертикално да се исфрлат на главната фасада и на тој начин да се одвои од соседната зграда, да се направи стаклена пауза кон остатокот од зградата и во исто време да се нагласи „чипката“ на скалилата која станува составен дел на целата архитектура.
„Ја добив довербата од инвеститорите визуелно да им понудам на гледачите скали на најкомерцијалниот дел од фасадата и мислам дека ова е единствената зграда на булеварот каде вертикалната комуникација станува составен дел од надворешната архитектура. Храброста на клиентот тоа да ми дозволи да го сторам е насока кон меѓусебно почитување што води кон добра архитектура“. – вели Кузманов.
Во зградата од околу 6.000 метри квадратни, првите три ката се деловни. Силната стаклена структура на приземје е подготовка за сите настани на горните катови каде што се сместени станбените единици.
Играта на кубусите е поставена така што сите тераси се свртени кон југ, а кон север се затворени и проткаени со вертикали.
„На овој начин сакав, иако зградата е со западна ориентација, становите да ги „свртам“ кон јужната и сончевата страна на градот и Булеварот. Се надевам дека корисниците на становите добија осветлени станови и дека се радуваат на мојата идеја“, вели авторот.