Во ново урбано подрачје, создадено со преуредување на постоечки градини на стрм терен под шума, сместена е куќа наречена Lazy house. Куќата гледа на широкото подрачје на чешкиот град Злин, познат по брендот за чевли Бата, со типични зелени четврти на семејни куќи, во долина опкружена со ридови и осветлена од сонце во текот на целата година. Тоа е суштинскиот архитип на куќа која се потпира на уникатноста на својата локација, слична на медитеранските вили или куќи на карпа.
Архитектите од бирото Рetrjanda/Вrainwork ја проектирале куќата како компактнен објект со ротирана квадратна основа, каде што надворешноста ја следи логиката на контурите на околните куќи, додека внатрешноста се свртува кон долината.
Стаклената фасада во комбинација со метални панели, ги насочува визурите кон градот, истовремено чувувајќи ја приватноста на куќата.
Заедно со обликувањето, изборот на стакло и метал за фасадните материјали, како и зелениот кров со фантастична тераса, ја направиле куќата целосно интегрирана со околината, така што кога се гледа од воздух делуваа дека на зелената парцела нема објект.
Приватноста ја поддржуваат фасадни мембрани кои овозможуваат максимален поглед од внатре кон надвор, но го намалуваат од надвор кон внатре. За поставување во контекст на градината и градот, куќата суптилно користи мимикрија на материјалите.
Куќата се состои од долно ниво вкопано во падината и кубичен главен станбен простор на неа, поради што гледано од јужната страна изгледа како приземна куќа.
Призмата на горниот кат создава динамичен испуштен дел над влезот во гаражата, додека мотивот на ротација на распоредот се повторува со тераса која е испресечена во волуменот на зградата.
Главниот пристап до куќата е од улица, преку капија и вкопано ниво со гаража за два автомобила. Тука се одвојуваат посебни влезови за станбениот простор на катот и за гостинскиот апартман на приземјето.
Катот на куќата има отворени погледи од внатре кон надвор преку северната и јужната стаклена фасада, додека бочните фасади ја штитат приватноста на куќата, притоа дозволувајќи поглед и светлина низ прозорците покриени со фасадна мембрана од нерѓосувачки челик.
Главната станбена зона е со отворена основа, а распоредот ја минимизира потребата од ходници во корист на просторот за живеење. Зонирањето на ноќните, тивки зони и социјалните, заеднички простори започнува од центарот на куќата. Сите засебни соби се достапни од централниот станбен простор, а просторите за родители и деца се одвоени.
Дневната зона се состои од кујна, трпезарија и дневна соба, која се протега низ целата куќа. Модерниот ентериер, со прави линии, не е оптоварен со детали и акцентиран е со осветлување.
Екстериерот од стакло и метал е во контраст со доминантно дрвениот ентериер, со големи фурнирани површини, мебел по нарачка и паркет на подовите.
Осветлувањето е дизајнирано како составен дел на ентериерот, базирано на комбинација на директна и индиректна светлина. Комбинирана е рефлектираната светлина од таванот, од леќи со дифузни филтри во две бои и директното осветлување со необоено светло.
На ниво на првиот кат сместен е и работен простор со библиотека, поврзан со дневната соба и терасата преку стаклена внатрешна градина.
Зелен кров, винарска визба и базен во дворот се неодоливи карактеристики на оваа енергетски ефикасна куќа
Посебен тематски слој кој композициски ја поврзува куќата со градината е зелениот кров на куќата со стаклен кубус во кој се наоѓа студиото, благо претопено во зелената површина. Кога се гледа од студиото, зелениот кров се доживува како сопствена бескрајна ливада која визуелно се спојува со далечните градини.
Дополнителна вредност на проектот даваат простори наменети за користење од различни генерации, засебни простори, од кои секој има свој интимен однос со надворешниот простор и погледот. Два стана на приземје со посебен влез, може да се користат за баби и дедовци, гости или тинејџери. Западниот апартман е со отворен план, со одвоена спална соба, сопствена тераса и дел од дворот.
Дворот ја следи топографијата на теренот и со минимално видливи измени е полн со фантастични удобности и скриени места со панорамски поглед на градот.
Винарска визба со скриен влез, покриена со мов, крие внимателно складирани вина на специјално дизајнирани полици.
Доминантна карактеристика на дворот е дрвената настрешница вкопана во ридот, налик на природна пештера, која го покрива просторот покрај базенот.
Базенот е поставен така што нивото на водата во него е над нивото на кровот на куќата, па погледот од базенот непречено лизга по зеленилото што го опкружува.
Куќата е проектирана со акцент на поврзување на архитектонските и просторните квалитети со достапните технолошки решенија и ги постигнува параметрите на мала потрошувачка со пасивни стандарди. Ова, заедно со референца на самото име на локацијата, доведе до името Lazy house. Целата куќа има контролирана вентилација со обновување во комбинација со подно греење поврзано со топлинска пумпа. Заедно со другите системи за постигнување енергетска ефикасност, дождовницата се собира од сите површини и се складира во подземни резервоари за наводнување и други потреби. Градината се наводнува автоматски според однапред поставен план во зависност од временските услови и условите на почвата.
Lazy House е модерна куќа со високи естетски и енергетски стандарди. Архитектонскиот израз кој ја поврзува со животната средина и ефикасното користење на технологијата ги рефлектираат потребите на модерното домување нудејќи иновативен и еколошки прифатлив концепт.