Пред извесно време бевте избрана за нов претседател на Управниот одбор на Асоцијацијата на архитекти. Ја преземавте ли конечно функцијата и кои се приоритети за кои ќе ги засукате ракавите?
– ААМ со децении има воспоставени принципи, организација и сфери на интерси, неопходно е да се почитуваат сите претходни искуства, традиции и придобивки. Но неминовно е и брзо трансформирање, детектирање на проблемите и навремено справување со нив. А тоа значи поголема присутност, отвореност кон колегите, подвижност, брзо и ефикасно дејствување.
Приоритет е почитување на архитектурата и враќање на достоинството на професијата.
Кои се тие Ваши замисли и цели, според кои ќе се разликувате во однос на активности од изминатиот период на Асоцијацијата?
– Драматична разлика во активностите не може да има. ААМ е со децении воспоставено здружение. Замислата е да се обидам да ги донесам работите на свое место. Јас не измислив ништо ново, едноставно секој треба да го работи она што го знае и најдобро го умее, а тоа значи дека за формирање на сликата на еден град тоа најдобро го умеат архитектите. Значи, воспоставување на здрави критериуми во однос на тоа што е урбанизам и архитектура и кој треба да се занимава со оваа работа. Единствен критериум е квалитетот и знаењето на професионалецот.
Каква состојба затекнавте во Асоцијацијата? Со кои проблеми се соочувате, финансиски…?
– Состојбата во ААМ не е и не може да биде различна од состојбата во општеството. Се разбира дека проблеми има, но тие постојат за да се решаваат, еден по еден. За решавање на проблеми е потребно време, работа, не може преку ноќ. Финансиски проблеми имаме, тие секогаш ги има. Јас не познавам некој што рекол, добро е не се потребни повеќе средства. Финасиите се потребни од практични причини. Со повеќе средства полесно се организира, се приредуваат разни активности од областа на архитектурата, изложби, симпозиуми, едноставно повеќе сме присутни како ААМ и поефикасно можеме да дејствуваме во сферите на нашиот професонален интерес и интересот на граѓаните за градот во кој живеат.
Бевте најавени како фронт на млади сили кој ќе дејствува поагресивно во својата фела. Поточно, на кои конкретни полиња ќе дејствувате?
– Релативно е тоа млади. Мислам дека сме димензионирани токму онолку колку е потребно да дејствуваме сите како еден тим. Најаважно е дека е составен од архитекти кои ја сакаат архитектурата, кои се ентузијасти, кои се професионалци во тоа што го работат и умеат да ги препознаат вредностите, но и грешките, знаат да ги кажат работите со право име и што е многу важно, а денес е тоа и многу ретко, спремни се да се изборат за општиот интерес на архитектите, над својот личен.
Најавивте дека ќе се заложите за поголемо интегрирање на професионалните архитекти во градежните текови. Значи ли тоа дека досега бевте во сенка?
– Да, во последните години ААМ беше во сенка, беше игнорирана. Ако ААМ има свои ставови, мислења, заедничка декларација, дописи до сите надлежни институции, а тие ставови не им се допаѓаат, тоа не значи дека треба да се однесуваат како да не постои ААМ. Ставот на ААМ за одредени градежни текови секогаш бил и ќе биде со најдобра намера. ААМ знае и може да даде придонес за остварување вистински архитектонски вредности. Во ААМ членуваат само архитекти. Кој друг е покомпетентен во создавањето на архитектурата од архитектите?
Што ќе преземете во врска со клучните прашања во градот за вашиот глас како ААМ да биде пресуден?
– Ќе бидеме упорни во настојувањата за дијалог со сите надлежни институции. Мислењето и стручноста на ААМ мора да се почитува. Дебатата, стручното мислење и критиката се со најдобра намера. Без здрав дијалог нема здрав град. Институциите мора да бидат свесни дека градот е општ, народен интерес, се гради со народни пари. Од тоа произлегува обврската и одговорноста кон јавниот простор во кој единствено можат да дејствуваат и да го обликуваат архитекти со големо работно искуство и со висок квалитет.
Какви се вашите релации со регионалните асоцијации на архитекти и дали ќе може да се очекува поголемо меѓународно дејствување на ААМ?
– Релациите се одржуваат, но интензитетот е недоволен. За поинтензивна соработка потребни се повеќе финансии, но и позавидно архитектонско творештво. ААМ мора да соработува, пред сè, со регионалните асоцијации бидејќи проблемите се слични, но и со меѓународните, бидејќи светските текови во архитектурата мора да се следат. Архитектурата е една од најскапите работи, светот е многу побогат од нас, но ние мораме да ги следиме инаку останавме на дното.