На тендерот на град Скопје за „барокна“ фасада на објектот Ибни Пајко не се јави ниту еден архитект. Повикот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) за бојкот на овој проект беше послушан од архитектите. Комисијата за овој тендер не отворила ниту една понуда.
Градските власти најавуваат распишување на уште еден тендер за „барокната“ фасада на овој објект, а од ААМ велат дека ќе го повторат повикот за бојкот.
„ААМ смета дека единствениот начин да се стави крај на скрнавењето на градот е бојкот од архитектите изразен со неучествување во изработување на нарачаните проекти. Оправдувањата на дел од колегите дека изработување на основен проект не значи и авторство на делото до некаде се точни, но значи дека си соучесник во уништувањето на градот“, повика асоцијацијата на архитекти.