Според сегашните проценки, повеќе од седум милиони луѓе се внатрешно раселени во Украина од почетокот на војната со Русија.
Како одговор на растечката хуманитарна криза, архитектонската фирма Балбек Биро со седиште во Киев разви модуларен систем за привремено сместување чија цел е да обезбеди пристојно домување за внатрешно раселените Украинци, а можеби и за бегалците во странство.
Системот наречен RE: Украина е проектиран да се приспособува на различни типови на терени и густина на населби, и е подигнат за многу кратко време.
Проектот користи основен модул од 6,6 на 3,3 метри кој може да содржи приватни простории, места за готвење, санитарни јазли или заеднички простории.
Модулите се групирани во поголеми, самодоволни станбени структури, кои за возврат можат да формираат населби надополнети со игралишта и зелени површини. Според архитектите, една ваква населба може да прими повеќе од осум илјади луѓе.
Архитектот Слава Балбек, основач и извршен директор на Бирото Балбек, објаснува за ArchDaily дека RE: Украина е модуларен урбан систем за привремено раселените.
Целта на проектот, додава тој, е да се одржи достоинствен начин на живот за луѓето кои биле принудени да ги напуштат своите домови.
“Системот е проектиран да може да се имплементира за кратко време – жителите можат да се вселат во населбата за два до три месеци од почетокот на изградбата. Истовремено лесно се прилагодува на различни видови терени, локациски форми и густина на населби“, вели Балбек.
Веднаш по нејзиното лансирање, иницијативата многу брзо доби на интензитет, добивајќи поддршка од официјални лица, архитекти и претприемачи.
Неколку компании се подготвени да почнат со производство на овој градежен систем, развиен во три опции – дрвена рамка, SIP панели и сендвич панели.
Во исто време, Градскиот совет на Черновци најави изградба на привремен центар за населување во рамките на проектот RE: Украина, а моментално се расправа за примената на овој систем во градовите како што се Ужгород, Тернопил, Тјачев и Киев, како и во странство.