Насловна / Архитектура / Архитект Радован Раѓеновиќ: Треба да го вратиме културниот идентитет

Архитект Радован Раѓеновиќ: Треба да го вратиме културниот идентитет

Неодамна ја добивте наградата „Андреја Дамјанов“?

-Па таа професионална исповест после 50 години работа треба да значи дека многу не сум грешел. kir_9463

Во една ваша колумна по повод иднината на „Скопј 2014“ напишавте: Да рушиш, да пресоблекуваш? А вложени стотици милиони? Ајде, на пресоблеченото ќе му ги симнеш „барокните“ партали. Не е евтино, можеби ќе се издржи. Но како да го спасиме Вардар, визурите, елементарните функции. Мора да се вратат просторните димензии на централното градско подрачје, реката, единството на композицијата, визуелните слободи. Можно ли е сето тоа да се направи? Колку радикални треба да бидат мерките за да може нешто да се доведе до некоја „нормална“ состојба?

-Многу радикално и скапо. Ние толку средства немаме. А треба да го вратиме културниот идентитет. На цитираните дилеми немам што да додадам.

image009a

Конкурс за градска куќа

Констатирате дека во Скопје се гради без регуларни урбанистички планови, градби или планови направени по терк на „политичари“ и тајкуни. Според принципот: Овде сакам маркичка, овде сакам улица… Се залагате за урбанизација на просторите во Центар, Ново Маало, Маџир Маало, Водно, бреговите на Вардар, Треска, Лепенец. Дали Вие верувате дека такво нешто е можно кај нас?

-Во долг период регулаторно градење беше реалност. Сериозни домашни и светски архитекти ги дефинираа основните насоки. Реализациите беа презентирани и од европската стручна јавност. И денес се презентираат реализациите на ктиторите на Скопје 2014. Ктиторите се афирмираа како „интелектуална“ македонска елита во областа на историјата, архитектурата, скулптурата. Од нив се очекува натамошна сестрана афирмација: изградба на Партенон пред парламентот и пирамиди во Ново Маало, досликување на Мартиноски, Личеноски, Мазев, Тешкото оро балетот да го одигра на музиката на Чајковски, на Кочо Рацин да му допишат некој стих, малку да го корегираат…

Model

Станбена зграда во Кисела Вода

Старата слава на македонското градителство е далечно минато. Можеби е како ехо, како што велите на едно место, но тоа ехо нè удира по глава и само ни ја зголемува болката. Каде ја гледате иднината на македонското градителство?

-По несреќата, земјотресот во 1963 година, со обновата на Скопје израснаа градители кои со својот капацитет, технолошки, проектантски сознанија беа прифатени во Европа, Азија, Африка, во реализација на градби вредни стотици милиони долари. Се реализираше со соодветен квалитет, динамика, стандарди. Во 80-тите години на минатиот век повеќе од 70 проценти на годишните реализации на македонското градежништво беа вон Македонија. А фирмите вработуваа повеќе од 50.000 градежни работници и повеќе од 3.000 проектанти. Сериозно организирани, често обединети. За Олимпијадата во Минхен, „Пелагонија“ работеше на изградба на Олимпиското село, во Чехословачка на сериозни комплекси, а „Маврово“ во Дагомис, СССР, на големи хотелски комлекси.

Се продолжи во Ирак, Либија, Алжир, Русија, Украина, Литванија… Градевме, проектиравме, урбанизиравме во континуитет. Но дојде транзицијата, реформи од наше – негово. Распад на организираното градежништво. Со крај на векот, крај на обединетите градежници. Со капацитет од илјада градежници и десетина проектанти, како ќе реализираш инвестиција од стотици милиони долари во разумен рок? Станавме маалски фирми. Имиџот на македонскиот градител стана ехо на минатото.

image031

Хотелски комплекс Запољарије во Сочи, Русија

Мајсторот ни го изнајмуваат на саат, проектантот удира печати на проекти увезени од земји во кои до скоро ние проектиравме, звучи како жал за младоста или скоро минато. Иднината ја гледам во младите, тие секогаш имале нови сознанија, надградени на претходните достигнувања во архитектурата, градителството. Но, проектот, градбата, не е индивидуална работа. Серозната реализација подразбира сериозен концепт – тимска работа. Неопходно е обединување, организирање, како би се одговорило на сериозните барања, реализации. Новите сопственички односи подразбираат соодветна организираност. Не треба ние да ја измислиме, таа е секаде околу нас. Организираноста ќе овозможи афирмација на способностите, која младите ја имаат, да излезат од ова „гето“ кое е мало за потенцијалот што го имаат.

arh_1

Споменик во Митрашинци

Не сите проекти на еден архитект осамнуваат на виделина реализирани во формата во која биле замислени. Некои засекогаш остануваат како документ-потврда за нечиј труд. Жалите ли за некој проект што ви е драг, а не е реализиран?

-Архитектот на секој проект по завршувањето нешто би му додал, изменил. Архитектурата е полна со дилеми, надеж и пропусти. Ми се чини дека еден проект и денес ми создава најмалку дилеми. Градската куќа на плоштадот „Македонија“. Проект на конкурс од 70-тите и денес би го повторил. Ми се чини дека заедно ја слушаме мелодијата со Вардар.

Сите авторски чеда на архитектите им се драги подеднакво. Но, сепак, имате ли Вие најомилен проект?

-Проектот на комплексот за одмор „Запољарије“ во Сочи, Русија, по содржина, сложеност и обем е најголемиот што е реализиран: уредување на парковски простор на морскиот брег, амбиент, комуникација, три хотелски целини, плажни објекти, спортски терени, амфитеатар… И денес по 30 години е дел на олимписко Сочи.Model

Зграда на Спортска медицина во Скопје

Раѓеновиќ како проектант, како проект менаџер, како надзор… Од сите овие функции, која е за Вас најзначајна? 

-Во својата педесетгодишна работа јас сум бил проектант. Градителството подразбира сложени активности во реализациите. Реализацијата бара ангажман во надзорот, менаџирање во презентациите, афирмација на заедничкиот труд, компетентност. Сето тоа е дел на основната лична активност.

РЕАЛИЗИРАНИ ОБЈЕКТИ

Архитектот Радован Раѓеновиќ во својот работен век има проектирано објекти од најразличен карактер. Од станбени, индивидуални, објекти за туризам и угостителство, спортски, деловни, индустриски, па сè до меморијални. Тие се изведени во Македонија, но и надвор од нејзините граници. Овде би издвоиле само некои од нив.

el_mavrovo

Хотел „Електро Скопје“ во Маврово

Станбена зграда во Кисела Вода, Скопје, станбен објект во Лавов, Украина, апартмани во Будва… Од туристичките: авто камп Љубаниште, хотел „Скопје“ на Мавровско Езеро, „Еуротел“ Струга, хотелски комплекс „Запољарије“, Сочи, Русија…

baz_2

Олимпискиот пливачки центар во Скопје

Од спортските: Олимпискиот пливачки центар во Скопје и жичарницата во Ски центарот Маврово. Деловните објекти се наоѓаат во Струмица -„Југобанка“, во Лавов повеќенаменски објект „Будимекс“, Москва – Регионален архив, реконструкција на објект изграден во XVIII век, „Миракс“ Москва, деловен, сообраќаен центар – Рамади, Ирак, деловен објект КМК – Ново Кузњецк, Русија… Од меморијалните најпознат е Меморијалниот комплекс „Слобода“ – Кочани, за кого има добиено прва награда на југословенски конкурс.

eurotel22

Хотел „Еуротел“ во Струга

Меморијален комплекс „Слобода“ Кочани

Пред 30 години, угледниот архитект Богдан Богдановиќ за Меморијалниот комплекс во Кочани вели: „Во време кога во Европа и во Југославија се сметало дека сè е кажано на темата монументални споменици, во Кочани се покажани нови иницијации кои монументалното творештво го врзуваат за антиката, пред антиката и за нашата современост, и во него препознаваат не само сегашност туку и иднина“.

HPIM1360.JPG

„Мајсторе сега си протомајстор“. Познатиот уметнички критичар Стеван Станиќ во одделот „Автори и дела“ (НИН – Белград 13.12.1981 г.) во сериозната презентација за реализираниот комплекс во Кочани напишал: „Со купола од право небо. Во далечното Кочани на ридот Лакобија е дело со ретка вредност – храм на слободата… ова некому е како оддишка од вкочанетоста на современата архитектура. Одеднаш пред него е можноста да полета во поетиката на просторот, бидејќи и кај него одамна преовладува чувството на архитектурата како оној празен „лаоцеовски“ простор. Сега наеднаш може да се оствари идеалот. Сликарството и скулптурата да не бидат окована лушпа на архитектурата, ниту апликација, туку заеднички да се зачнуваат, и почетна идеја заедно да растат и хармонизираат. По некои закони и чувства на музиката, а помалку по она што би го нарекле синтеза на сите уметности“.

Радован Раѓеновиќ – архитект кој со нас го исцртува обликот, како извор на архитектонската инспирација

Model

Викенд куќа во Маврово

Радован Раѓеновиќ е роден 1940 година во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје 1964 година. Постдипломски студии завршил на интернационалната школа „Бауцентрум“-Ротердам, Холандија, 1972 година. По завршувањето на факултетот, во 1965 година се вработува во проектантското биро на „Алумина“ – Скопје, каде останува две години. Во тие години се реализираат проекти за ентериери и занаетчиски, фасадни елементи на деловни објекти, урбана опрема. Од реализираните се издвојуваат: Електро–машински факултет – Скопје, фасадна обработка, мебелот за опремата на ентериерот и деловниот објект на „Енергопроект“ во Софија (Витоша), фасадните елементи.

Од 1968 година преминува да работи во „Пелагонијапроект“ – Скопје. Таму работи 12 години. Тој период е исполнет со интензивна работа на проекти кои во сериозен обем се реализирани во земјава и во странство – Ирак, Чехословачка, Црна Гора. Оттаму, во 1980 година заминува во „Мавровопроект“ – Скопје. Градежниците и проектантите на „Маврово“ интензивно работеа на просторите на Советскиот Сојуз, Југославија и Либија. Реализација на проекти која со децении се одржуваше. Создаван е углед кој и денес придонесува за активно учество на македонските проектанти на просторите во Русија, Украина, Азарбејџан, Казахстан.

По распадот на СФРЈ, во претставништвото на „Технометал“ – Москва, во 1992 година се формираше оддел Градежници од Македонија („Маврово“, „Бетон“, „Гранит“, ЕМО) кој работеше до 1996 година. Работната група на архитекти и инженери од градежните фирми координираше и реализираше проекти и градби на објекти на просторите на некогашниот Советскиот Сојуз во процесот на договарање, проектирање и изградба во Москва, Нижњи Новгород, Сочи, Запорожје, Рига, Ново Кузњецк, Алма Ата.Model

Станбен  објект во Лавов, Украина

Во периодот на широката „транзиција“, обединувањето на градежните фирми во Москва и во Македонија сериозно го реализираше „Римако“- Виена („Пелагонија“, „Маврово“, „Бетон“). Работната група архитекти го координира и реализира договарањето проекти и изградба на објекти во Москва, Доњецк, Тула, Геленџик, Ханти Мансиск…

Актуелната ситуација во проектирањето и градежништвото во земјава за Раѓеновиќ е провокација за самостојна работа во проектирањето. Од 2002 година во „Студио Р“ со младите проектанти соработува со желба да се продолжи традицијата и афирмацијата на македонските проектанти. Градежната фирма „Бидимекс“ од Лавов, Украина, во 2007 година го повикува како проектант, и е ангажиран во одделот Инженеринг во подготовка на проекти за Украина. Дел од проектите беа реализирани во Скопје – „Студио Р“. Во Лавов останува две години. Архитектот Раѓеновиќ е добитник на дипломи на БИМАС за реализирани објекти во 1981 – 1982 година, диплома за труд од областа урбанизам, проектирање, ентериер и дизајн во 1985, и диплома за афирмација на македонската архитектура во странство 1985 година. Тој во два мандата бил член на Претседателството на Сојузот на архитекти на Македонија (1978-1986). Член е на повеќе жири комисии и учествува во реализација на прилози и емисии за афирмација на архитектонското творештво во соработка со Македонската телевизија и Вардар филм.

Неговото творештво е презентирано и во архитектонската литература. И тоа на „Интерах“ – Биенале на светска архитектура – Софија, Бугарија, 1985 година и „Архитектура комплекса одиха“ – Москва, Русија, 1988 година. Во делото „55 истакнутих архитеката Југославије“ Ивица Млаѓеновиќ, Белград, Србија, 1990 година ќе напише: „Раѓеновиќ е архитект кој на исклучително вешт начин го истражува односот што се создава од геометриските облици и архитектонските форми во заднина. Ќе биде заинтересиран на своите облици да им даде драматична подвижност. Во процесот на светлоста едноставно ќе го одбутне оформениот сублимат – продукт на архитектоничната флуидност и материјализираната цврстина. Нема повеќе да го возбудува новосоздадениот однос, бидејќи веќе е уверен дека тоа не е толку битно кога во основа е добар програм. Негов, наш, заеднички! Тука сме, значи: Раѓеновиќ е архитект кој со нас го исцртува обликот, како извор на архитектонската инспирација“.

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top