Насловна / Архитектура / Архитект Предраг Андонов: Општа девалвација на знаењето, трудот, како и моралните норми

Архитект Предраг Андонов: Општа девалвација на знаењето, трудот, како и моралните норми

Архитектот Предраг Андонов е дел од архитектонското студио „Мегарон“. Негов директор и косопственик. Тој дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје во 1990 година. Првата работа му била во компанијата за производство на мебел „Копинг“, за набрзо во 1992 година да се одлучи да сооснова свое архитектонско студио, каде што работи до ден денес. Во изминатиот период Андонов учествувал во проектирање значајни, повеќе од стотина, образовни, општествени, станбени, партерни и инфраструктурни објекти во Македонија и регионот. Исто така, учествува и во разработка на ентериерни проекти, како и вршење надзор на повеќе изведени објекти. Како човек кој речиси триесетина година е во струката, со него разговараме за сите оние работи кои задираат во аритектурата денес кај нас. За нејзината сегашност, но и иднина.  

PredragA_profil

Долга низа години македонската архитектура е во надолна линија. Лошо архитектонско образование,  немање на поголеми проекти и квалитетни инвеститори, или… ?

-Пред сè како еден од најважните моменти за вашата точна констатација за надолната линија на македонската архитектура можам слободно да кажам дека е општата девалвација на знаењето, трудот, како и моралните норми во целокупното општествено живеење кое во минатите единаесет години се воспостави како стандард на успешност и етаблирање во општеството.

Се случуваше традиционални големи манифестации како Биеналето, Големата награда на Град Скопје  да останат сиромашни за квалитетни дела, па дури и без награди. Беше присутен и бојкот на одредени конкурси…

-Сите овие констатации се директна последица на погореизнесеното мислење како и директниот државен интервенизам и контрола со апсолутно канализирање на архитектонската мисла од страна на власта во изминатите единаесет години.

Архитектонската фела не се снајде во борбата за својот опстанок и обезбедување на основни услови за работа, натпревар и сл. Комората на овластени инженери и архитекти требаше да биде стожерот и институцијата преку која се изборувааат правилата и законите. Фелата остана разочарана со досегашните ефекти. ААМ е асоцијација каде архитектите се на своја територија. Место за нови идеи за функционирање, натпревар. Сепак  и тука не се стигна далеку…

-Имајки ја предвид структурната и институционална поставеност на ААМ во однос на законската регулатива новите идеи за функционирање, натпревари и можноста за заслуженото позиционирање на архитектонската фела во општеството се работи кои ќе се валоризираат во системот на општественото живеење само преку Комората на инженери и архитекти која е инкорпорирана во законската регулатива од областа на архитектурата и градежништвото.

Како да се подобрат состојбите заради доброто на архитектурата, но и за доброто на градежништвото и државата вкупно?

-Несомнено е потребна измена во законската регулатива. Постојат повеќе аномалии кои ја девалвираат архитектонската мисла како и дигнитетот и достоинството на професијата архитект. За почеток елиминирањето на административната мерка ЕЛЕКТРОНСКА НЕГАТИВНА АУКЦИЈА при проектирањето е основата на сите проблеми кои подоцна го следат реализирањето на проектот. Со неа се намалува квалитетот на проектот и се девалвира трудот на архитектот. За зачувување минимум дигнитет и достоинство на професијата неспорна е потребата од донесување ценовник на архитектонски услуги преку Комората на архитекти и инженери кој истовремено ќе послужи како документ за контрола на прометот со проектна документација од што секако би имале корист и архитектите и државата. Секако во делот на зачувување на дигнитетот и достоинството на архитектонската мисла задолжителна е промената на административната мерка, донесена пред промената на власта во државава, а за потребите на истата, за одземање на авторските права на архитектот и слободната измена и поигрување со проектите од страна на инвеститорите.

Улогата на конкурсот како објективен филтер за проценка на квалитетот на еден проект. Последните години тоа беше мислена именка. Што се случува во стварноста?

-Конкурсот е богатство на идеи и објективна потреба за добивање квалитетни, иновативни и оригинални решенија. Секогаш кога тоа е можно е добро да се практикува.

Имаме ли архитекти  и особено подмладок за излез од Македонија и докажување на регионалните простори?

-Денешната можност и достапност на информации во светот од областа на архитектурата отвораат перспективи за младите архитекти професионално да се докажат на регионалните простори.

Ваши видувања за некои добри проекти во Македонија во последните години.

-Многу е тешко да се посочи конкретен објект за издржано архитектонско дело кога во изминатите единаесет години ги имавме сите погореспоменати аномалии во архитектонското творештво. Се надевам дека со поставувањето на општите архитектонски норми за зачувување на дигнитетот и достоинството на професијата  во иднина нема да зборуваме за еден или неколку добри проекти, туку за издржана архитектонска доследно реализирана мисла.

Можете ли да наброите некои помлади надежни архитекти – перспективата на нашата фела?

-Голема е одговорноста и тежината на ова прашање што кореспондира со моето работно искусто кое е безмалку три децении во архитектонското творештво. Секојдневно се сретнувам со помлади колеги кои се навистина големо освежување во нашата сфера, но коректно  е кон сите одговорот да дојде со нивната работа и резултати.

Љупчо Атанасовски, дипл.инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top