На 15 и 16 октомври минатата година, во Загреб се одржа настанот „Денови на Ориз 16“, дводневна архитектонска конференција на која учествуваа архитекти од Хрватска, од регионот и од други делови на светот. На публиката ѝ беше претставен голем број проекти со различна архитектонска концепција.
Еден од предавачите беше архитектот од Сплит Динко Перачиќ. Тој е роден 1977 година, студирал архитектура во Загреб, а магистрирал на Институтот за напредна архитектура во Каталонија (iAAC). Неговиот интерес кон архитектурата се базира на два различни концепти; Платформа 981, која се занимава со архитектонски истражувања, и архитектонското студио ArP. Добитник е на наградата на 50. Загребски салон на архитектурата. Негови позначајни проекти се: пазарот во Водице, новоотворениот Градежен факултет во Осијек и хрватскиот павилјон на овогодишното Биенале во Венеција.
Да почнеме со Вашата мисла „Капацитетот на архитектурата е да биде нешто што не е“?
–Архитектурата може да биде нешто друго во однос на она за што е планирана. На пример, некој однапред ќе испланира сала за ансамбл од 300 луѓе, а потоа, со текот на времето ќе се покаже дека тој концепт на култура, или други функции како здравство, домување или друго, е промашен, и тогаш главното прашање е, колку таа архитектура е способна да ја прими таа промена. Колку архитектурата може да биде ригидна или слободна за да може во дадениот момент да се претвори во нешто сосема друго. Архитектурата е таква што не мора да се сруши до крај, што е сега чест случај со хотелите на брегот, кои некогаш биле замислени по еден стандард додека денес се потребни некои сосема други стандарди.
Пазар во Водице
Голем број од нив веќе не можат да се приспособат, па треба да се срушат. Едноставно, таков им е конструктивниот состав. Многу е интересно кога ќе дојдеме до таа состојба, кога архитектурата е отворена да се менува, како архитектот управува со таа промена. Дали ја зема парцелата како нова или во старт осмислил на кој начин може да се случи флексибилноста внатре во зградата, без тоа да биде еден отворен скелетен состав па да правите прегради како сакате. Просторот да има свој карактер, а сепак да има можност за промена. За тоа станува збор во овие три проекти. Во постоечките стари згради поставуваме генетски код за промени, поставуваме основни инсталации, инфраструктура, вертикални комуникации и околу нив ги дефинираме просторите што имаат одреден идентитет. Тие се опремени на таков начин што можам да ги претворам во нешто друго.
Уметниците и корисниците можат да ги претворат во она што ним им треба. Уметниците и процесите се најблагодарни за такво нешто, но ова може да се примени и во школските системи. Работиме со студентите на проекти за школи. Самите стандарди за школи се менуваат, и големо прашање е како зградите можат да се трансформираат и да се задржат во состојба постојано да можат да се менуваат според промените што доаѓаат.
Платформа 981 е задруга, а паралено имам и архитектонско студио ArP, како два одвоени концепти кои се занимаваат со архитектура.
Моментално сме петмина, но секогаш има соработници кои се вклучуваат по потреба. За биеналето нè имаше многу повеќе. Сега работиме на проекти за болници, јавни простори, особено после успехот со проектот за пазар во Водице добивме голем број нарачки врзани за јавни простори. На крајбрежјето постои голема потреба за јавни простори бидејќи тоа е основен ресурс за туризмот како индустрија.
Пазар во Водице
На проектот за пазар во Водице и корисниците беа дел од дизајнирањето?
-Луѓето во Водице не навикнале архитектите да комуницираат со корисниците, туку само со инвеститорот. Јас многу сакам да комуницирам со корисниците затоа што така проектот станува покомплексен. Сакам да добијам тешка задача и тогаш да ја решам, тоа ми изгледа како поголем успех.
Зошто луѓето на овие простори тежнеат кон традиционалноста?
-Тоа не е само на овие простори, тоа е едно враќање на традиционалните конзервативни вредности како еден од неуспесите на модернизацијата или заситување со модернизацијата и прогресот. Новите генерации сè помалку се занесуваат со напредните идеи. Често сакаат стабилност, сигурност и нешто познато. Од причина што тоа, главно, го немаат, едноставно, токму тоа го посакуваат. Се случува и темата национализам како реакција на социјализмот, бидејќи тоа е една од темите што не смееше да се покрене. Го добивме тоа враќање на идеите на овој начин. Третата тема е туризам. Имаше национална кампања „Хрватска, Медитеранот каков што беше некогаш“, тоа значи дека на туристите треба да им ја понудиме сликата на Медитеранот каков што бил некогаш. Тоа луѓето го прифатија, моите другари кои беа панкери денес пеат во клапи затоа што тоа носи пари.
Рековте дека „ја губиме технологијата“, како тоа?
-Ние немаме пристап до технологијата, таква е индустријата. Денес, кога автомобилот ќе ви се расипе веќе не можете сами да ја отворите хаубата и да го решите проблемот. Сè доаѓа во готови делови и склопови. Со влегувањето во ЕУ, ние станавме „copy“ општество. Ние копираме и увезуваме технологии. Тоа важи за сè, од новите технологии до законите, секогаш гледаме како е на Запад и тоа ќе го копираме. Тоа е мантра која кажува дека ние ништо не знаеме. Можеме само нешто да земеме и вградиме, и да добиеме сертификат, а што е тоа поима немаме. Битно е само дека тоа има ЕУ сертификат. Тоа е голем проблем и како ситуација која се обидуваме низ своите проекти да ја промениме. Се обидуваме локалните мајстори низ проектите да научат и усвојат нешто ново. Гледам дека и други почнале тоа го прават и применуваат. Не се зема веќе готово решение. На факултетот во Осијек ние применивме видлив бетон, тоа во седумдесеттите беше вообичаена технологија, брутализмот тоа го разви до максимум, тие исти фирми кои тогаш постоеле денес немаат кадар кој знае тоа да го работи. За сите сложени проблеми, јас работев со луѓе кои се во пензија. Тие најмногу ми помогнаа, бидејќи младите немаат стварен пристап до технологиите. Најголема трагедија на транзицијата е што веќе не владееме со знаењето.
Градежен факултет во Скопје
Кога сфативте дека ќе бидете архитект?
-Во средно училиште сфатив дека тоа ме интересира и дека има синтетска вредност. Сакав филм, режијата е оркестрација на многу разни актери, а јас сакам да склопувам работи од полно извори. Сепак, сфатив дека не сум добар во комуникацијата со луѓето и дека повеќе ми одговара да имам време и мир да ги ставам работите на едно место и да донесам резултат. Заради својот голем синтетски капацитет и заради пораката што може да ја донесе, архитектурата ја сфаќам како неизоставен дел на културата. Таа силно ме фасцинира со тој културен супстрат. Како студент, проучувањето на архитектонските примери не ме интересираше толку колку што ме интересираше проучувањето на самата општествена и културолошка компонента на архитектурата. Сакам да ги гледам изворите што се користени, филмови, текстови и инспирација.
Кога бев III година ја создадовме Платформа 981. Понудивме серија предавања од архитекти кои раскажуваат за некој проект, во простор каде можеше да се пие и пуши во опуштена атмосфера. Амбиентите беа различни, од скалите на факултетот до паркови и градилишта. Тоа беше една паралелна едукација и самите се образувавме низ тоа. Загребската школа има силен архитектонски код, што нам не ни одговараше, и многу колеги отидоа во Холандија на студии, тоа беа години на отворање кон Европа, и ние мораме да ги слушнеме тие луѓа. Ни треба нешто ново, нешто што доаѓа од новите полиберални култури како Холаднија и Франција.
Градежен факултет во Скопје
Дали имавте некој архитектонски пример?
-На овие „Денови на Ориз“ гостин беше Bernard Khoury, и мене ми е многу драго. Тој зборуваше за архитектурата во пост-конфликтно опкружување. Во едно списание, некаде во деведесеттите, го забележав неговиот клуб B018, што силно ме инспирира бидејќи тоа е една икона на Бејрут. Таа груба метална естетика врзана за културата на младите, која сака нешто ново и либерално во конзервативниот арапски свет, силно ме инспирира. И некои други архитекти ми беа интересни во одредени сегменти, но посебно никого не би одвоил.
Неостварена архитектонска желба?
-Урбанизам веќе нема, архитектите веќе немаат пристап во политиките на управување со јавното заедничко добро. Ние сме лишени за цела дисциплина на оперирање со многу актери во просторот. Низ овие проекти за култура се обидувам да применам урбанизам во мало. Би сакал да изградам една нова зграда како урбанизам во еден објект. Секоја зграда има многу актери во еден простор, но тие немаат помеѓу себе никаква релација. Би сакал еден простор со многу актери кои се мешаат, со доста заеднички простор каде работите се договараат и преговараат, со отворени правила и соработка. Нешто како урбанизам во еден простор. Најслично на тоа е реконструкцијата на салата NDSM во Амстердам, каде што градот го подели тој простор во кој луѓето ќе ги градат своите мали фирми, студија, работилници итд. Би сакал да направам нешто такво, само ново, за да покажам дека таков состав може да функционира.