Бесиан Мехмети е основач на студиото БМА во 2012 година, како плод на неколкугодинишна соработка и freelance искуствa во областа на архитектурата, урбанизмот и дизајнот. Откако дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, тој е ангажиран во бројни проекти и наградени конкурсни решенија, меѓу кои и проектот за Плоштад Скендербег во Скопје, Театарот и библиотеката во Тетово, и неодамна првонаградениот проект за новото основно училиште во Капиштец, Скопје. Има учествувано на неколку изложби, вклучувајќи го Венециското биенале во 2012 година. Во последно време повикан е како гостин предавач на симпозиуми, формални и неформални средби за архитектура. Покрај праксата, со години е активен и како асистент на Архитектонскиот факултет во Скопје, Одделот за архитектура при Државниот универзитет во Тетово и Факултетот за архитектура и дизајн на УАКС.
Фото: Андреј Гиновски
Со десетина години работно искуство, а толку многу проекти. Ретко кој во Македонија па и пошироко во регионот, може да се пофали со ваков резултат?
-Имав среќа и можност да се внесам во професионалниот живот уште во студентските години. На почеток бев соработник на мои професори, потоа се охрабривме заедно со неколку колеги самостојно да се нафатиме на значајни проекти, за да на крај се формализира ангажманот преку основањето на студиото БМА во 2012 година.
Плоштад Скендербег во Скопје (2009 – )
Проектите се во повеќе области од станбени куќи, ентериери, комерцијални и јавни објеки, плоштади… Дали е тоа фаза на себе истражување и барање на свој архитектонски стил, борба на пазарот за профит или нешто трето?
-Ве уверувам дека не се работи за профит, да беше до тоа сигурно ќе се занимававме со други дејности. Признавам дека секој наш проект е истражување за себе, не со цел на пронаоѓање на некој стил, туку на разбивање на конвенционалните стереотипи на проекти и развивање на алтернативни визии, со цел да влијаеме позитивно во животите на луѓето.
Комерцијален објект BFM во Тетово (2014 – )
Кој е Вашиот прв изведен проект, и дали од тогаш чувствувате растеж на архитектонската идеја кај себе и екипата со која работите?
-Интересно е што уште како студент-апсолвент, прво се испробав на свој терен, во нашата фамилијарна куќа. Ми се пружи можноста да се искажам при потребата да се догради и целосно реорганизира куќата, и верувам дека таа интервенција беше белег за тоа што можеше да се направи, во тие околности. Со време, се разбира дека созреваме; креативните капацитети се сразмерно подигнати со организационите способности во студиото.
Комерцијален објект Фриготекника-Анекс во Тетово (2016)
Обично за јавноста најзабележливи се објектите од јавен карактер и интерес. Плоштадот „Скендербег“ со сите политички контроверзии е една од поголемите слики за вас. Која е основната идеја и кои се главните содржини на овој проект чија конечна реализација, архитектонската и пошироката јавност со нетрпение ја очекуваат?
-Конкурсното решение за Плоштадот Скендербег во Скопје, кое го изработивме заедно со група колеги (Бетим, Беќир и Никола) безмалку пред една деценија, во 2009 година, во споредба со решението кое се конкретизира има квалитативни промени, но сепак идејата за добивање нов кохерентен и инклузивен јавен простор остана непроменeта.
Плоштадот ќе биде место во кое сите ќе се чувствуваат слободни да го користат просторот, место кое ќе овозможува луѓето да се однесуваат и да се опкружуваат едни со други. Тој треба да биде отворен простор, така што голем број луѓе и групи можат да дојдат и да разговараат, да поддржуваат и да протестираат, да се организира широк спектар на други манифестации и културни настани: eден трансформабилен простор, зависно од потребите. За кратко време, со привршување на втората фаза, верувам дека и граѓаните ќе можат да ги почувствуваат овие квалитети на јавниот простор.
Административен објект во Ајнтховен, Холандија (2016 – )
Имате неколку проекти од индустриско-комерцијална природа. Таму е, претпоставувам, ќарот во проектантскиот бизнис?
-Во принцип, заработуваме доволно да може да правиме архитектура, а не сме правеле архитектура за да ќариме, без разлика дали се работи за комерцијални, приватни или општествени проекти. Во последно време сме се соочиле со неколку индустриски објекти, и како предизвик ни беше како од објекти кои треба да се, пред сè, економични и рационални, да додадеме и нота на иновативност и идентитет, и мислам дека кај повеќето од нив сме ја постигнале целта.
Во Македонија цената на проектирањето е депримирачки ниска. Дали БМA ја има веќе својата пазарна цена која ѝ овозможува пристојно функционирање на фирмата и нејзин понатамошен развој?
-Како повеќето архитектонски бироа, така и ние се соочуваме со проблемот на оформување на цена. Потребно е институционално да се реши ова прашање, затоа и дејствуваме во таа насока заедно со колегите од ААМ. Инаку, нашите искуства се различни; со некои клиенти трошиме повеќе време во преговарање на паричната вредност на проектот отколку за концептуалните или естетските вредности на објектот. Но за среќа, сè почести се клиентите што нè ангажираат не заради нашата цена, туку заради нашите вредности.
Конкурсен проект за Универзална сала во Скопје (2013)
Контроверзниот проект „Скопје 2014“ остави длабоки негативни траги кај архитектонската фела. Огромните потрошени пари на измислен „барок“ во кој учествуваа неколкумина „квази“ архитекти, не оставија простор и пари за нормален развој и докажување на генерации добри архитекти!?
-Не би навлегол да коментирам за тој зафат во градот, само жално може да констатирам дека како општество и генерација испуштивме шанса со наши знаења и можности да оставиме умен белег на нешето време.
Конкурсот како основно мерило за квалитет, тотално е девалвирано кај нас. Речиси, не постои. Какво е вашето искуство на овој план?
-Сме работеле на голем број конкурси, на некои од нив сме биле наградени, а бројни се и трудовите што воопшто не биле вреднувани, сметаме не по наша вина. Иако тоа било обесхрабрувачки за нас, сепак чекаме некој сериозен архитектонски конкурс тука кај нас, но за жал во последно време сè помалку ги има таквите. Тоа нè однесе во потрага по други можности, во соседството и во странство. Албанија има прилив на прогресивни архитектонски идеи преку меѓународните конкурси, но интересно е што странските архитектонски студио се обврзани да најдат локално студио и при тоа тие се здобиваат со одлично искуства, практика која за жал кај нас фали.
Ентериер на А-Apartment во Скопје (2016)
Имаме ли знаења и можности за продор на надворешниот пазар. Присутни сте во Албанија, Косово, Холандија… Кои се вашите искуства?
-Ја имавме таа среќа, на неколку наврати да ни се пружи можност да работиме од тука за во странство. Освен на конкурси, сме работеле и на директни нарачки. Во моментот се привршува изведбата на еден наш проект во Холандија. Размената на прфесионални искуства е бесценета. Feedback-oт што го добиваме од таму и фактот што нашите локални соработници се промовираат со тоа што сме креирале, нè охрабрува да не запираме тука.
Најзначајни и највлијателни архитекти од современата светска архитектура?
-Морам да признаам дека уште од студентските години, мислата и делата на Рем Колхас од ОМА сум ги следел со фанатизам. Неговите книги ги сфатив дури после две-три години откако ги прочитав, уште во втора година. Инспиративни ми беа и делата на неговите ученици – протежисти како Бјарке, Заха и mvrdv, меѓу другите. Тој дух несомнено влијаел во моето оформување, се разбира и во тоа што твориме и во нашето студио.
Најзначајни архитекти од современата македонска архитектура?
-Тешко би ми било да одвојам имиња. Би одвоил три периоди. Постземјотресната архитектура со нејзиниот опус ни била секогаш инспиративна. Мило ми е што сум можел да разменам мислења со некои од дејците на таа архитектура. Генерацијата на моите професори која е исто толку плодна, преку нивните лекции и дела лично ни го трасираа патот кон суштината на архитектурата, особено професорите со кои директно соработував. Имам убедување дека на архитектите од поновата генерација сè уште не им е пружена можноста да се искажуваат, иако имаат креативен потенцијал.
Комерцијален објект Алдако-Кипер во Тетово (2015)
Највпечатлив објект од модерната кај нас?
-Објектот на Македонската опера и балет, на кејот на реката Вардар во Скопје, отсекогаш ми бил фасцинантен. Од надвор ме привкелот со формата уште пред да се внесам во архитектурата, а просторната композиција внатре со играта на маси и светло е возбудлива сама по себе. Слични импресии добив при посета на исто толку омилена градба – Casa da Musica во Порто од Рем Колхас. Интересно е што временскиот јаз помеѓу двата објекта е 30-40 години, и ова искуство лично за мене е показател на вонвременскиот карактер на градбите од постземјотресниот период.
Ваш омилен, а нереализиран проект?
–Би го издвоил конкурсниот проект за Универзална сала во Скопје. Тоа е првиот конкурсен проект кој го работевме како тим во БМА преку кој се стремивме да приложиме едно поинакво видување не само на објектот туку воопшто и пристапот и обликувањето. Без разлика што тој проект нема да се реализира, поуките од тој проект и процес на спремање ни служел како платформа за доста други значајни проекти.
Ентериер на кафуле Barcode во Тетово (2014)
На кои проекти работите во овој период?
-Работиме и во студио и на терен; проектите што ги конципираме се грижиме да се реализираат што подобро. Архитектурата, не само кај нас, се конкретизира неверојатно бавно во споредба со бескрајно брзиот технолошки развој кој го доживуваме. Голем дел од проектите што сме ги почнале пред три-четири години, дури сега се во завршна фаза на реализација.
BMA тимот
Фото: Елена-Фиданска
БМА – Студио отворено за амбициозни и посветени архитекти и дизајнери
BMA (Besian Mehmeti Architects – основано во 2012) е креативно студио отворено за амбициозни и посветени архитекти и дизајнери кои се подготвени да откријат нови можности. Нашиот спектар на работи ги допира полињата на архитектурата, дизајнот и урбанизамот. Проектираме јавни и станбени згради, културни и образовни установи, комерцијални и јавни просотори, урбанистички планови и ентериери, мебел и продукти.
Развојот на моќни и иновативни концепти кои се совпаѓаат со техничка стручност и супериорна услуга спрема клиентот, отсекогаш била наша движечка сила зад секој проект. Преку внимателна интеграција на иновативноста и експериментот, нови форми и перформанси, контекстот и одржливата архитектура, стимулираме дела кои ќе ги инспирираат луѓето и ќе влијаат на урбаниот живот.
Бројот на тимот постојано расте, денес студиото брои седум архитекти, и активно работиме паралелно на повеќе проекти и реализации, не само во нашата земја туку и надвор. Стефан беше прв што се приклучи уште од првите проекти, а паралелно ни помагаа и надворешни соработници. После една година тимот ни се засили со Арменд и Никола. Потоа се приклучи и Христијан и Бисера. На припомош ни доаѓаат и практиканти, како што се Теута и Насуф. Отсекогаш сме биле отворени за амбициозни и посветени нови членови кои се подготвени да откријат нови можности.
Семејна куќа -БН во Скопје (2014-2016)