Либанскиот архитект Бернард Кури престојуваше во Загреб во текот на манифестацијата „Денови на Орис“, каде ѝ се претстави на локалната публика со своите проекти. Посматрајќи ги неговите проекти, а пред сè неговиот архитектонски пристап, би можело да помислиме дека се работи за самоук архитект. „Без логика“ е мислата што се наметнува во првиот момент. Сепак, Бернард Кури го завршил факултетот на престижната Rhode Island school of design. Неговиот однос кон архитектурата е, пред сè, промислен и истовремено ослободен од повеќето ограничувања кои ги наметнува струката. Тој, пред сè, е слободен човек, а дури потоа еден несекојдневен творец.
Познат по своите несекојдневни дела, тој создава нова архитектонска реалност во светот што го познава. Уште од првиот проект, подземната дискотека Б018 која стана еден од најпознатите објекти во Бејрут, па се до најновите проекти на архитектот Кури, се гледа дека се работи за еден автентичен творец, што не е лесно во глобализираниот свет.
(Специјално за Порта 3)
Гледајќи ги Вашите проекти, некој би можел да каже дека се „без логика“, макар на начин на кој ја гледаме денешната архитектура?
–Зависи од тоа како ја дефинирате логиката. Јас мислам дека сме многу прагматични во она што го работиме, наметнатите уверувања што претендираат да поставуваат норма, што е логично а што не е, се неуспешни кога ќе се најдат во одредени околности. Верувам дека еднаш кога ќе имате храброст да ги преиспитате најосновните правила кога ќе се најдете во таква ситуација, со храброст и искреност можете да воспоставите нов вид логика. Оној вид логика кој е повеќе приспособлив и кој е поспонтан, поповрзан со реалноста со која манипулирате. Реалноста не е апстракна работа, не се апстрактни дефинициите бидејќи секоја реалност е исклучок. Секоја ситуација е исклучок. Така што, да, ако ги посматрате воспоставените норми кои ги наметнува професијата и учесниците во оваа индустрија, тогаш би можеле да заклучите дека мојот пристап е „без логика“.
Tumo Center for Creative Technologies, Когхб, Ерменија
Се работи за перцепција, на пример масата каде што се келнерите внатре во периметарот на масата, може да биде несекојдневен, но во тоа нема ништо погрешно?
–Нема обиди нешто да биде нелогично или ирационално само за да биде нелогично и ирационално. Тоа е многу специфичен проектен пристап кој доаѓа од многу специфична стратегија, за многу посебни настани, во специфична ситуација и во времето и во просторот. Исто така и клиентот беше многу специфичен, зашто бараше од нас да создадеме таква реалност.
Plot 1072, Бејрут, Либан
Plot 1072, Бејрут, Либан
Од каде доаѓа таквиот пристап?
–Не верувам и искрено се надевам дека не постои единствен пристап. Не постои еден пристап кој го повторуваме. За среќа, постои тренд во светот да се наоѓаме во посебни околности со кои се соочуваме.
b018, Бејрут, Либан
На кои проекти моментално работите?
-Најмногу работиме на станбени проекти, но покрај тоа имаме и два технолошки центри во Ерменија. Работиме на неколку станбени објекти во Бејрут и на проекти со различни намени во Казабланка.
b018, Бејрут, Либан
Колкаво е Вашето архитектонско студио?
-Имаме горен лимит од 25 луѓе, кој никогаш не го надминуваме. Во последно време нè има околу 15-ина, заедно со администацијата.
Можете ли да ни кажете нешто повеќе за архитектонската сцена во Либан?
–Мошне е шаренолика, има и добри и лоши примери. Тое е еден интересен простор каде доаѓа новата млада генерација. Многу работа нè чека.
ib3 објект, Бејрут, Либан
За време на предавањето покажавте многу слики од срушени згради, како влијаеше војната врз Вашиот поглед на опкружување?
-Не можам да кажам дека сум трауматизиран од војната, иако има многу траги од конфликтите помеѓу 1975 и 1990 година, иако е многу што обновено. Не верувам дека рушењето е поим кој може да биде издвоен феномен, светот не почна таа, 1975 година, нити заврши во 1990-та. Обновата на Бејрут е полна со незгоди, секако, не можеме да ја изолираме војната како феномен и да ја ставиме во заграда, бидејќи не постои прав период на обнова. Затоа што не е во прашање само обнова на зградите туку обнова на целата нација низ постоењето на заедничката историја, консензус, реконструкција на институциите, нешто како постоење на заедничкиот идентитет и заедничкото сфаќање на проблемите што ги имаат жителите. Ништо од тоа не се случи, така што сметам дека војната не е завршена, бидејќи не можам ни војната да ја дефинирам на едноставен начин. На некој начин, многу повеќе е направена штета во текот на реконструкцијата отколку во самата војна. Последните неколку децении на обнова донесоа многу штета, можеби и повеќе отколку самото рушење во текот на војната.
Како ја гледате архитектурата од пред десет години?
-Се надевам дека се менува, секој проект е поинаков. Сакам да верувам дека ја имам истата љубопитност, ако не и повеќе, како пред 10 или 20 години кога почнав да градам помали проекти, во помало студио. Важно е дека постои транзиција од мали кон големи проекти на паметен начин, да не ве повлечат прерано големите проекти. Идејата дека нешто е подобро затоа што е поголемо, е сосема погрешна. Сега градиме повеќе, имаме пристап кон поголеми проекти бидејќи повеќе ни веруваат. Битно е дека постои дистанца. Некогаш можете многу повеќе да постигнете со помал проект. Значењето не е врзано со големината на објектот.
Plot 4371, Бејрут, Либан
Каде ја гледате архитектурата за десет години?
–Немам идеја и добро е што ја немам.
Кога сфативте дека ќе бидете архитект?
–Тоа го сфатив кога бев дете бидејќи гледав во татко ми кој беше архитект и уметник. Изгради многу интересни работи. Најголем дел од својот живот живеев во простор кој го проектираше тој, го користев мебелот што тој го направи, така што и не размислував за тоа. Да размислував, можеби и не би станал архитект.
Студиравте на „Rhode Island school of design“. Што „земавте“ од таму?
-Тоа е една добра школа, повремено се враќам таму, главно заради предавањата што ги држам. Освен тоа, брат ми живее во Америка.
На предавањето зборувавте за проектите на западните архитекти на Блискиот Исток, кои обично се многу безлични без посебен архитектонски идентитет. Зошто во тие земји ангажираат архитекти кои главно не знаат ништо за просторот каде треба да проектираат?
-Верувам дека тоа е резултат на културниот и политичкиот банкрот. Арапскиот свет не успеа да произведе нов и релевантен модернизам. Посебно мислам на заливските земји. Тажно е да се каже, барем што се однесува на архитектурата, бидејќи таа ме интересира, резултатот е таков што никако не можеме да бидеме горди, а причината е наведениот „културен и политички банкрот“. Тие земји увезуваат школи, и тоа е истата глупост што ја прават со планирање на градовите и примената на архитектурата. Мислат дека можат да ја купат Сорбона или Лувр и ги применуваат тие западни модели во социјалното, културното и економското опкружување каде што тие институции не припаѓаат.
Имате ли совет за младите архитекти?
-Се надевам, тие имаат совети за мене. Секогаш барам совети.
Имате ли желба да направите нешто што сè уште не сте?
-Сè што не сум досега. Многу што не сум направил. Животот е многу краток.
Учестувате во работата на Арапскиот центар, што е тоа?
-Не работам многу, освен што помагам колку можам. Главно, тоа го води мојот колега Жорж Арбид, тој е професор. Заедно создаваме импресивна база и архива на модерната архитектура од арапскиот свет. Од раниот период на модернизмот до современиот период. Не е врзано исклучиво за Либан, тоа е центар за истражување, архива и база.