Насловна / Вести / Археолозите: Со измени на Законот ќе го уништите културното наследство

Археолозите: Со измени на Законот ќе го уништите културното наследство

Претставниците од Македонското археолошко друштво (МАД) и Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) Македонија на денешниот собир пред Собранието испратија апел до пратениците да спречат усвојување на измени во Законот за заштита на културното наследство, со кои, како што велат, бескрупулозно и свесно се уништува културно наследство со катастрофални последици, а во име на „поголем јавен интерес‟, зад кој се крие „профитерска зделка од огромни размери“.

01

Со предложените измени и дополнувања на членот 65 од овој Закон, се предлага во членот 65 по ставот 2 да се додаде нов став 3, кој би овозможил, доколку за време на вршење на градежни работи за проекти од државно значење биде пронајдено арехолошко наоѓалиште, односно предмет од археолошко значење, изведувачот на работите за тоа случајно октритие да го извести надзорниот инженер, заобиколувајќи ја постојната законска одредба истото да биде пријавено непосредно до надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи.

Орданче Петров, претседател на Македонското археолошко друштво апелираше до пратениците дека не смеат да дозволат надзорен инженер, кој нема никакви познавања, грам образование, искуство, и уште помалку надлежности од областа на заштитата на културното наследство да решава што е културно наследство.

02

„Пратеници, отворете ја Археолошката карта и ќе видите дека во регионот каде се предвидени инфраструктурните зафати за Коридорите 8 и 10д веќе постојат регистрирани археолошки локалитети, кои не се случајно откритие. Што со нив? И со нив ли ќе постапува надзорен инженер? Па, Законот за заштита има предвидени одредби за постапување со културното наследство при изведување на инфраструктурни проекти, кои важат за сите, а треба да важат и за овој проект. Дали сте свесни дека делницата Требеништа – Струга – Ќафасан е дел од светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, под заштита на Унеско? Пратеници, свесно уништување и прикривање на културно наследство е кривично дело, без преседан кога во тоа е вклучено највисокото тело на државата која всушност треба да се грижи за истото“, рече Петров.

Кристина Бицева од ИКОМОС Македонија кажа дека Предлог-законот е спротивен на Уставот и на начелата за заштита на културното наследство утврдени во Законот за заштита на културното наследство Уставот (член 56) гарантира посебна заштита на културното наследство, кое и според Законот за заштита на културното наследство (член 5) е темелна вредност на Републиката и истото се заштитува во секакви околности како јавен интерес.

Испрати коментар

Scroll To Top