Во тек се археолошки истражувања на источниот дел од Комплексот на храмот на египетската божица Изида, во рамките на римскиот муниципиум Стоби. Во согласност со проектот, финансиран од Министерството за култура, предвидените активности се однесуваат на доистражување на придружните простории на храмот во кои, најверојатно, престојувало свештенството и оние што биле подготвувани за иницијација и посветување на култот.
За време на истражувањето е откриен натпис од кој се дознава дека храмот бил посветен на Изида и на нејзиниот придружник Серапис. Култот на божествената двојка е широко распросранет и прифатен во римскиот период на Медитеранот, вклучувајќи ги и нашите простори, за што е потврда токму овој објект, кој датира од римски империјален период.
Храмот на Изида со двете подземни простории во кои се вршеле ритуали поврзани со мистичниот култ на божицата, беше откриен во рамките на археолошките истражувања во 2008 година, целосно беше доистражен во 2010 година, а во 2012 година објектот е конзервиран и презентиран како значајна единица на археолошкиот локалитет Стоби. Во текот на археолошките истражувања, покрај откриените структури од комплексот, евидентиран е богат движен археолошки материјал, од кој се издвојува монументалната мермерна скулптура на Изида со натприродна големина.